Нова концертна сезона на македонската филхармонија

 

Македонската филхармонија најавува богата и атрактивна програма која што ќе ја краси новата концертна сезона 2015/2016 година. Од свеченото отворање на 1 октомври, па се до крајот на следниот концертен репертоар, публиката ќе има можност да присуствува на актуелните остварувања на стандардната концертна програма, на новите и старите музички творби на македонската симфониска музика, како и на светските премиерни дела кои на оркестарот и на самата институција ќе им наметнат една свежа, поинаква концепција. И годинава, македонската филхармонија на подиумот ќе донесе врвни солистички и диригентски имиња од светската и од домашната музичка сфера, кои, секој со својот индивидуален уметнички и креативен хабитус, ќе ја претстави магијата на разновидните дела од звучната ризница.

Новата концертна сезона на македонската филхармонија ќе стартува на 1 октомври 2015 година со концертот под наслов „Маратон Брамс“, на кој под диригентство на маестро Даниел Рајскин од Русија, како солист ќе се претстави извонредниот Алексеј Володин, еден од најбараните пијанисти на денешницата, а кој во иста вечер ќе изведе два Концерти за пијано и оркестар од Јоханес Брамс, што е вистински раритет во концертната практика.

Рускиот виолончелист Александар Књазев, руската виолинистка Алина Ибрагимова, пијанистот од Бугарија Евгени Божанов, сопранот Голда Шулц од САД, рускиот пијанист Евгениј Корољов, Сајака Шоџи на виолина од Јапонија, се дел од годинашните солистички ѕвезди, а освен маестро Цанев и Саша Николовски-Ѓумар, зад оркестарот ќе застанат извонредните Емил Табаков (Бугарија), Јануш Пшибилски (Полска), Кејс Скалионе (САД), Дорон Соломон (Израел), Тимоти Редмонд (Велика Британија)…

Освен атрактивните солисти и диригенти, македонската филхармонија во новата сезона најавува и нов циклус под наслов „Алхемија“, кој подразбира нов концепт на концерти во кои се содржани сосема различни дела во однос на жанровската и стилската определба, а сепак имаат свои врвни звучни ткива, како и мошне атрактивни солисти. Годинава на „Алхемија“ ќе се претстават Џо Пауерс на усна хармоника од САД и Ави Аватал на мандолина од Израел. Целта е токму овие концерти да понудат програмски концепт кој ќе отскокнува од стандардниот.

„Фантастичен бутик“, „Виолината на Алина“, „NY vs NY“, „Некој ме гледа романтично“, „Клецмер фешта“, „Црн бран“, „Островска инспирација“ се дел од насловите на концертите кои ќе донесат навистина возбудлива програма, дела од Сен-Санс, Росини, Брух, Менделсон, Гершвин, Лист, Малер, Равел, Чајковски, Прокофјев, Мархулетс, Шостакович, Моцарт, Џон Адамс, Бетовен, Вивалди, Бритн, Вила-Лобос…

Во новата сезона, како што може да се забележи и од насловите, Македонската филхармонија, покрај циклусот „Алхемија“, нуди и уште неколку други атрактивни концерти како „NY vs NY“ кој ќе се одржи во духот на новогодишните празници, или „Некој ме гледа романтично“ по повод Денот на вљубените, кои ќе понудат навистина специфични звучни мигови.

Околу триесетина симфониски концерти всушност, се дел од новиот репертоар на македонската филхармонија, меѓу нив и традиционалните – симфониски концерти за деца, божикниот и велигденскиот концерт, концертите на учениците и студентите од музичките образовни институции и се разбира, циклусот „Кирилица“ кој ќе ги претстави актуелните остварувања на македонските музички уметници. Под наслов „Наследство“, а под палката на маестро Саша Николовски-Ѓумар, ќе биде реализиран јубилеен концерт посветен на двајцата македонски композитори Властимир Николовски (по повод 90 години од раѓањето) и Томе Манчев (по повод 65 години од неговото раѓање). На концертот „Вокални авантури“, пак, под диригентство на маестро Борјан Цанев како солисти ќе се претстават двајцата македонски и светски врвни пејачи – сопранот Ана Дурловски и басот и контратенорот Игор Дурловски, кои ќе изведат мошне интересен сплет од арии и дуети. Ќе биде реализиран уште еден концерт со македонски солисти, овој пат квартет дувачи од оркестарот на македонската филхармонија, како и концерт на кој солист е нашата извонредна виолинистка Анна Кондратенко, концерт-мајстор на македонската филхармонија. Уште двајца македонски истакнати солисти со светска кариера ќе настапат оваа сезона – Исмаил Лумановски на кларинет и Дритон Гаџа на виола. Во текот на целиор репертоар ќе бидат изведени и творбите кои се победници на конкурсот на Министерството за култура за дела од областа на сериозната музика.

И следната концертна сезона оркестарот на македонската филхармонија ќе оствари неколку гостувања во другите македонски градови, а меѓу нив предвидени се и два симфониски концерти за деца во Прилеп и во Битола.

 

Facebook Comments