Project Orpheus повторно со нов сингл „When The Moon…“

„Project Orpheus“ повторно не’ кани во неговите чудесни земји и приказните што во нив се кријат, со својот втор сингл, извадок од циклусот „Shaping The Static“, насловен „When The Moon…“.
Дејствието во песната стои во последователен однос со делото „Gabriel“, и неговите одвивања, во склопот на овој концептуален албум.
Гледајќи на „When The Moon…“ низ поетска призма, песната илустрира одредена визија, односно специфичен спомен од една незаборавно пријатна глетка што нараторот ја евоцира, со цел да си го образложи себеси евидентниот хаос, безредието, неправдините, лудилото и останатите околности што го опкружуваат и ги доживува на местото и ситуацијата во која ќе се најде втурнат.
Ќе се потрудиме да не издадеме премногу детали, бидејќи, навистина сакаме и самите да ја чуете и протолкувате песната, како и албумот, но, да, присутна е и љубовна приказна. Всушност и сеќавањето на нараторот, према кое приказната ни’ го фокусира вниманието при рефренот на песната, говори за ликот на девојката што останува безимена низ целиот албум. Нејзината улога се појавува неколкупати низ фабулата на албумот, додека претставува и една од главните причини за бројните заплети и кулминации, како и за финалето на целото дело, кое набрзо ќе можете целосно да го проследите.
Од музички аспект, песната воглавно пулсира во јужно – американски ритмички фигури, предводени со препознатливи мотиви, кои ги интерпретираат виолината и вокалот, додека гитарските линии деликатно ги придружуваат и дооплеменуваат. Овој склоп на стилски селектиран, деликатен пристап кон секоја музичка тема засебно, е токму она што фигурира како карактеристично и препознатливо изразно средство без многу рестрикции, кое што и понатаму ќе продолжи да еволуира заедно со овој проект.
Снимен во живо, низ концептуална изведба и со тематски континуитет, албумот ни отсликува еден богат, фиктивен наратив, поставен помеѓу апстрактни околности, чии интерпретации се адаптибилни и често диктирани од страна на индивидуалната имагинација на самиот толкувач.
Целосната верзија од албумот „Shaping The Static“ се очекува набрзо и дополнителни информации ќе бидат објавени на Фејсбук фан – страната на Project Orpheus , како и на официјалната веб – страна.

Share Button
dare

dare

Уредник на муабет.мк