“ПРОДАВАЧОТ НА ВЕТАР И МАГЛА” ОД СТЕФАН МАРКОВСКИ

На 30.07.2015 год., со почеток 20:30 часот, пред јаворот на библиотеката “Гоце Делчев” во Гевгелија, ќе се одржи промоција на книгата ПРОДАВАЧОТ НА ВЕТАР И МАГЛА И ДРУГИ ПРИКАЗНИ од Стефан Марковски.

Стефан Марковски е млад македонски книжевник роден во Гевгелија (01.12.1990), каде завршил основно и средно образование.

Дипломирал на Катедрата за Општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет и е апсолвент на Институтот за Филозофија при истоимениот факултет на УКИМ.

Автор на неколку жанровски-различни дела: романот „Еднонасочно“, со кој во 2009-та г. ја добил наградата „Петре М. Андреевски“, преведен и објавен и во Р. Србија, две поетски книги – „Апеирон“ (поема) и „За некои спомени од онаа некогашност“ (стихозбирка) во 2010, промовирани како дел од манифестацијата „Гевгелија – Град на културата“, научно-филозофските „Хиерархиска еволуција на свеста“ и „Мета(де)конструкција и општа филозофија“ (2012) и единственото дело со духовни и содржини од областа на позитивната психологија „Среќата е глагол“ (2013).

Во 2015-та, со поддршка на Градската библиотека „Гоце Делчев“ – Гевгелија, ја објавува збирката раскази „Продавачот на ветар и магла и други приказни“.

Учествувал на повеќе поетски фестивали и манифестации, добитник е на национални и меѓународни награди за проза, поезија и есеи, застапен е во поновите антологии на проза и поезија, како и во сите книжевни списанија во Македонија.

Член е Друштвото на писатели на Македонија.

Дел од своето творештво објавил и на интернет; пред сè, на својот портал zenica.mk.

За неговото творештво критичарите велат:

Со дискретен хумор внимателно избалансиран со придушена меланхолија, авторот од навидум реални настани од секојдневието, преку оригинална наративна техника незабележливо преминува кон сложено метафорично заокружување на расказот.
– Рајна Кошка

Концизен и јасен, преку метафора упатува не само кон интроспекција, туку целосно преиспитување на човековите вредности.
– Румена Бужаровска

Извонреден стилист, концизен а двосмислен. Извонредна смисла за кратка прозна форма.
– Венко Андоновски

Животот е бескрајно патување. Стефан Марковски е неуморен патник.
Станува збор за писател-грижник за современоста кој отворено забележува, критикува и опоменува.
Неговата позитивна енергија не разградува и уништува, туку е постојано замислена и во изборување на посреќна иднина. Самиот човек не значи дека е и осамен. Во него се крие онаа среќа која што потврдува оти само слободниот е среќен човек.
– Васил Тоциновски

Со задоволство ги читав расказите од оваа збирка и можам да кажам дека Стефан Марковски е несекојдневен автор во современата македонска книжевност и пошироко, кој допрва претстои да го пронајде своето вистинско место на современата книжевна сцена. Неговите колеги од другите книжевни средини кои верувам дека ја прочитале збирката пред мене, само можат да го потврдат и прошират горе кажаното.
– Драги Михајловски

Следуваат извадоци од „Продавачот на ветар и магла и други приказни“:

Пара(лелни) (при)казни

Ма(ч)ката (с)и ја (по)барав во (б)е(з)дна.
Не се гледаше ни (ни)што(ста) на светов.
(Длаб)окото го параше (апсур)дното.
Си реков: какви луѓе, такви ма(ч)ки. (Сл)едниот миг ја од(жи)веав есен(ција)та на животот.
П(р)олет.
Приказна за момчето кое научи да свири на пијано, победи на државен натпревар во пливање, се вработи како тренер на ватерполо-репрезентацијата и освои сребрен медал на Олимписките игри,  се пензионираше предвремено заради нов тип рак кој до денес го носи неговото име, донираше третина од своите пари за борба против ишијасот и умре кога никој не знаеше
Оваа приказна е навистина возбудлива и со нетрпение сакав да ви ја раскажам.
Но за да биде возбудата уште поголема, овде, впрочем, и би запрел.
Не сум сосем сигурен зошто; можеби затоа што капењето на дождот врз олуците е прегласно и секогаш кога го доживувам за време на глад се нервирам, а кога се нервирам, по правило прекинувам со пишување.

И небото никогаш не дојде

Седнуваш на маса и решаваш да пишуваш проза со најкратки можни реченици.
Земаш тефтер, пенкало.
Почнуваш.
„Воз. Седнуваш. Седнуваат уште тројца шо зборат на арапски. Едниот подава „Сникерс“ на другиот.
Ти: Guys, do you know that we’re all brothers from different mothers? The situation in Syria is terrible example of humanitarian disaster. How come you’ve got here? Do you know that your country, apart from being Iran’s ally, is home to the largest Russian military base in the Mediterranean so that the West can sponsor radical groups for geostrategic balance of forces in order to keep Iran under control while Russia can use it as a pretext to defend Assad’s regime meaning that your conflict can last for decades until the whole of the infrastructure becomes ruined and economically destroyed?
Тие: لماذا كنت أبيدهم Boko Haram في وسعي أن. Tabib.
Говорни знаци. Еден од нив вели „Алах“ и покажува накај небото и своите очи и уши.
Господ од небото гледа и слуша сè.
Прекин. Тама. Изѕемнина.
Доаѓа кондуктер. 100 евра.
Кондуктерот: Бегајте таму ајде, не му сметајте на човекот! Дојдете седнете у ова другото купе!
Кондуктерот (кон тебе): Ти смрдат, нели? Не ги пуштај вака илегалциве друг пат.
Стануваш. Одиш до тоалет.
Кондуктерот трие раце.
Среќата е глагол.
15 минути. Учење.
Вратата се отвора.
Турчин.
Ти: Здраво.
Турчинот: Здраво господин. Ќе сакаш ли да примиш двајцава. Македонски јазик не знаат. Но, добри.
Ти: Секако. Salam.
15 минути. Трансцедентна медитација.
Ти: (Рапуваш.) “Borders should be illegal instead of the people”.
Читаш. „Лидерството во структурата на секоја организација е детерминирано од 3 компоненти:
1. Целите и стандардите – да бидат високо и јасно поставени, да постои слика за нивна остварливост;
2. Системот на вредности – грижата за вработените, клиентите, инвеститорите и заедницата да е евидентна;
3. Концептите на работење – да бидат јасно определени и препознатливи во однос на ривалските/конкурентни организации.
5 минути. 5 пандури.
Тие: Еве ги. Овде. Станувајте, кучиња.
Удар со нога во газ.
5 секунди. Празно купе.
Тоалет.
Двајца полицајци.
Едниот: Не знам зашто ни праат вака од горе. Ја би ги пуштил кајшо тргнале па нек си ебат матер!
5 минути. Велес.
5 шмизли со прекрстени нозе. Гаќите им мирисаат на Gucci.
Тие: Ау ама смрди! Се осеќа ко 5 умрени крави у предисториска штала.
Ти: Имаше илегалци. И бегалци. И азиланти. Уствари не знам точно шо. Добри гаќи, иначе.
Тие: Аха“.
Се откажуваш од пишување и преминуваш на сликарство.
Го дочекуваш мигот кога стануваш ФАМОЗЕН сликар и скулптор со над 94 изложби.
Умираш.
Твоите клетки.
Твоите молекули и атоми.
Распад. Повторна реинтеграција.
Небо. Океан. Почва. Хумус. Микроби. Трева. Инсекти. Животни. Циклус.
Бескрај во крајот. Крај во бескрајот.

Расказ за една асфалтна пукнатина

Беше кратка. Дебела, длабока, стара, но и едвај забележлива.
Еднаш неа ја помина Климе кој од неа се сопна, се бапна врз блискиот автомат за сладоледи на слаткарницата „Добар пат“, а потоа, со изгубена рамнотежа се бапна и врз слаткарот Томе.
Друг пат неа ја помина и Здраве кој од неа се сопна, се бапна врз блискиот автомат за сладоледи на слаткарницата „Добар пат“, а потоа, со изгубена рамнотежа се бапна и врз слаткарот Томе.
Трет пат неа ја помина и Спретен кој од неа се сопна, се бапна врз блискиот автомат за сладоледи на слаткарницата „Добар пат“, а потоа, со изгубена рамнотежа се бапна и врз слаткарот Томе.
Четврти пат неа врз неа застана едно безимено гладно маче кое сакаше да се спари со друго безимено најадено маче, но не му успеа зашто веднаш потоа заврна. А беше на добар пат.
Петти пат неа ја помина и Здраве, кој се залета со точакот и за влакно не се акна во автоматот за сладолед.
Шести пат, на 28 Април, пукнатината не можеше да се примети затоа што беше покриена со партиска бина изработена од чисто 24 каратно злато од Индија заради митинг.
А седми пат не се деси буквално ништо зашто немаше никој во близина.
Слаткарницата „Добар пат“ тој период беше во стварно јака форма.
А Среќко од ривалската пекара „Лошакомпанија & Co. Ltd“ (некогаш бивш слаткар) се каеше зошто баш тогаш мораше да го напушти слаткарскиот бизнис после толку години макотрпна работа во „Добар пат“ и да премине во пекарство, кое тој момент беше бизнис во изумирање.
Набргу потоа Среќко влезе во партија и успеа да стане пратеник во Долниот Дом, а потоа дури и заменик министер за труд.

 

 

Share Button

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.