“Центарот на поезијата е насекаде, но вистината е дека таа има свое место и почеток.”-Слаѓана Атанасова

Слаѓана Атанасова ја има објавено поетската книга ,, Керубин во крчмата,,(2006) и ,,Луѓе во вакум,,(2009), поезија во проза илустрирана од повеќе македонски уметници. Нејзини песни се објавени и во збирките „Млада македонска поезија“ (2009, Скопје), „Големата мајка“ (2010, Скопје) Наљудувач (2007 Бугарија), „Ликот на тишината“ (2013, Тирана). ,,Современост,, (2014 Скопје ),,Тера поетика,, (2014 Украина) каде е наградена за нејзината поезија.
Настапувала на повеќе фестивали во и надвор од Македонија.

Кажете нешто зa вашата поезија. Каков е вашиот однос?

Имам навика секогаш кога ќе ми дојде некоја убава мисла да скокнам и да ја запишам во било кое време од денот или ноќта. Ако не ја запишам исчезнува и не можам да се сетам на истата. Кај мојата поезија битно е дека навидум едноставна мисла да открива некоја подлабока мудрост. Симболиката во поезијата има цел да предизвика живот на повисоко ниво, над тоа што го има во секојдневието. Поезијата за мене е говорот на ангелите, кога читаме поезија како да разговараме со нив. Нудејќи ни да пораснеме духовно таа не ни предизвикува поврзаност или некоја желба, едноставно е тука и постои .

 

Како сте почнале да пишувате? Кога стана дел од поезијата?

Центарот на поезијата е насекаде, но вистината е дека таа има свое место и почеток. За да се пишува добра поезија потребно е многу да се чита, да се види основата на поезијата, а потоа да се надоградува бидејки таа е интуитивна но има патеки кои треба да се изодат за да се биде добар поет. Во денешново време ми се чини дека има повеќе поети отколку читачи на поезија, сите пишуваат но не секој е спремен и надарен да пишува, а тоа денес е многу тешко да се контролира. Почнав да пишувам уште од мала а првата книга ја објавив на 16 години. Со тек на времето се посветувам на книжевноста во целост колку што е тоа можно.

 

Каква е врската меѓу психологијата и поезијата? Како функционира таа врска меѓу науката и уметноста во вашиот живот?

Поезијата има голема и моќна енергија во себе. Таа може да биде лековита да помогне со нејзината самораѓачка сила. Кога читаме поезија се сврзуваме со таа нејзина чистота која лебди во вселената. Не е можно кога се чита поезија да не побуди чувства кај слушателот (читателот). Секогаш од срце пишувам и ја поврзувам со секое движење психологијата и поезијата бидејќи носи позитивни исходи.

 

Дали поезијата може да биде некоја врста на психотерапија?

Па самиот збор психотерапија во превод значи лечење на душата а поезијата е лек за душата. Спознавање на душата.Духовната зрелост која може да се надоградува токму од поезијата гарантира сигурност , удобност и совршенство, во овој свет кој постојано не изложува на опасност. Ајнштан поетите дури ги нарекува и ,, преведувачи на Бога,,.

Дали повеќе сакате да пишувате или да читате поезија? Што вас како читател најмногу ве привлекува?

За мене пишувањето и читањето одат рака подрака. Потребно е многу да се чита , да се собираат многу информации за да се родат нови идеи. Мора најпрвин да се соберат мудростите на кои се сетиле другите за да помогне во развојот и растењето на ново дело. Ме привлекува се што има ред, добра и позитивна литература која има уметност и квалитет.
Дали мислите дека до сега сте направиле нешто значајно за промоција на културата и уметноста?

Се надевам, тоа за кое копнеам кога пишувам е секогаш да направам нешто ново различно вклучувајќи се во различни проекти од културата. Кај нас можностите за да создадеме нешто дури и да го претставиме во некоја од светските метрополи е поголема , бидејки сме помал број за разлика од другите земји на пример од поголемите некој творец да го пратат во друга земја е потешка селекција , ние овде сме во предност. Затоа јас секогаш се трудам да биде колку што може квалитетно за тоа што одговорноста ја носам кога сум на вистинското место. Многу се радувам кога ќе слушнам позитивна критика од некој што ги прочитал моите стихови и е задоволен, ме исполнува тоа што нашле нешто што едноставно им е убаво а немат објаснување за тоа.

 

Какво е чувството кога ќе ја објавиш својата прва книга? Какви се реакциите од луѓето? Дали нешто се менува во вашиот професионален живот?

Тоа е среќно чувство кое не ме израдува само мене туку и друѓите . Тоа е како ерупција на чувства кои порано или подоцна се менуваат и се доближуваат до мојата животна филозовија. Се сеќавам колку нестрпливо и долго чекав да ми се јават за да ја објавам а тоа за мене беше многу важен момент.
Навистина се се менува, прво правилата се менуваат секој момент е нова приказна секој збор е поинаков а тоа е предизвик за поетот , да се менува и да расте нешто ново и необично.
Како би им ја опишала својата поезија на оние кои немале прилика да се сретнат со неа?
Поезијата го издига човекот над материјалното , таа не значи дека го извртува постоењето или дека нуди вештачка средина туку познатото да се погледне на сосема нов начин.Во стихот може да се чуе музиката на душата поезијата се чита и со ,,очите,, и со ,,ушите,,. Да ја опишам мојата поезија на прво место најопшто ќе се сретнат со внатрешните чувства кои се јавуваат кај сите и си ги поставуваат светските животни прашања Кои сме? Зошто сме? За што копнееме? Каде сакаме да бидеме?

 

Јас сум тоа што секој сака да биде

Имам една тријаголна гума.
Со неа ќе ги избришам солзите од лицето на младоста,
таа не треба да биде тажна,
не смее да плаче.
Ќе ги избришам вкочанетите лица со лажни насмевки,
лажните ветувања .
Ќе ги избришам непотребните мисли ќе ги замолчам тие смрттни зборови.
Тријаголната гума брише сешто.
Со неа ќе ги избришам големите згради кои ме плашат,
ќе ги избришам старите лифтови,
можам и по некое годишно време да избришам,
и деновите кои ми се досадни ако сакам ќе ги избришам.
Тријаголната гума е спремна да го избрише
патот до автобуската станица и патот до Париз.
На крај ќе го избришам времето.
И ќе признаам дека ја продадов душата на ѓаволот.
Kој сум јас?

 

 

Оглас
Денес дадов оглас дека ја продавам мојата тага за неколку ситни парички. Ја пратив на еден многу познат и читан весник па големи беа можностите да се пријави макар еден.
Огласот гласеше:
Дојде време да се одделам од мојата тага затоа што веќе остарев и таа почна да не ме поднесува оти ја заборавам.Таа е млада силна и премногу тажна. Ги продадов сите мои чувства ми остана само уште таа. Ве молам купете ја по ваша цена.
По точно три недели ми се јави еден младич и ме праша во врска со огласот ,, Ја продавате ли уште вашата тага?”-ме праша.,,Да”.кратко одговорив. Зеде воздух. ,,Ќе ја купам”, рече. ,,Сигурни сте?”,,Да, да.”
Таа седеше на моите плеќи, го слушаше разговорот. Набрзина и ги спакував куферите и ја пратив кај новиот домаќин. Се поздравивме до прагот од мојата куќа. Таа замина по патеката, а јас , јас и довикував дека ќе и биде удобно. Замина. Тагата сепак си е само тага.

 

Share Button

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.