“Ќе пробам да ја разголам хартијата и надвор од овие хоризонти да создадам една нова вечност”- Виктор Јакимовски

Виктор Јакимовски е роден во 1994 година, во Скопје. Студира новинарство на Правниот факултет во Скопје. Добитник е на наградата „Лесновски ѕвона“ за најдобра дебитантска книга во 2014 година. Неговата прва поетска книга е ,,Со мене во мене“ .

За Виктор Јакимовски,  писaтелот и критичар Братислав Ташковски во јуни 2014 година, на книжевната манифестација „Лесновски ѕвона” во Кратово ќе рече:

Нема ништо поубаво и посвечено кога на македонската поетска мапа треба да се обележи, да се маркира и трјано да се нотира, ново поетско име и нова успешна книга. Денес имаме чест да промовираме поезија која со својата вредност во потполност го заслужува своето присуство и на поетската мапа и на вредносната вертикала од убавините на македонскиот поетски збор. Таа чест ни ја овозможи стихозбирката “Со мене во мене” од Виктор Јакимовски. На самиот почеток треба да кажеме кој е овој поет? Тој е млад човек кој сериозно навлегол во тајните и предизвиците на поезијата. Тој е студент по новинарство. Тој е автор кој знае да го контролира зборот, да ги истакне емоциите онолку колку е потребно, да ги објасни чувствата и во контекст на создавање на песната да комуницира со сеќавањата. Тој се јавува во времето кога во македонската поезија се оформува еден сериозен круг на млади поети, кои со своите естетски платформи и книжевни вредности успешно го освојуваат просторот.
Нашиот денешен славеник веќе е во тој простор. И тој успеал своето првично искуство да го вклопи во успешна поетска објава. Виктор Јакимовски својот книжевен првенец го онасловил “Со мене во мене”. Оваа емотивна констатација ги впива сите чувства кои го оформуваат почетничкото лирско кредо кај Јакимовски. Се надевам дека тоапредавање пред чувствата ќе биде успешен почеток и творечка мотивација за оформување на една препознатлива поетика кај овој млад поет.
Стихозбирката “Со мене во мене” донесува педесетина песни поделени во три циклуса. Тие се тематски поврзани и ги распоредуваат меѓу себе водечките вредности на оваа книга. Тие се: љубовта со сите почетоци, млади страданија и предизвици, сеќавањата, кои во една филозофска смисла, ја крепат во целост структурата на оваа книга и емоциите, кои се присутни, но успешно се дистанцирани од претерана патетика, и се инкорпорирани во служба на песната. И се разбира, како водечки мотив, поезијата. Поезијата како дел од животот и како процес низ кој минува овој автор, простор исполнет со оптимизам и желба за непрестани откритија.
Во песната “Денес” авторот, како одговор на една од животните дилеми, вели: премногу сме млади/ за да размислуваме за утре/ужвај во миговите…
Во тој контекст може да се нотираат и стиховите од песната “Љубов”, кои љубовта ја објаснуваат како водечка животна филозофија и визија која освестува:

Нема ништо поболно
но и попријатно од неа.
Таа е како јинг-јанг.
Колку е добра толку е лоша.
Не треба да и’ се лутиме
не можеме да живееме без неа.
Сите ние
сме нејзин плод!

Поезијата на Виктор Јакимовски е и лично преиспитување, за да се избере вистинскиот чекор кон едноставноста на стихот и доживеаната песна. Тој пишува за некаков круг од души кои сакаат исто, или за спакувана добрина испратена како подарок со причина. А сета таа добрина своето најсуштествено поетско објаснување го има во прекрасната песна “Соѕвездие”:

Далеку во вселената
каде што малите ангели
ги сонуваат бајките
се залепени ѕвездите.
Тоа е моето поетско соѕвездие
таму ги испраќам сите чувства.

Со овие искрени стихови ја заокружувам првата јавна промоција на овој талентиран автор. Му посакувам многу успех на Виктор Јакимовски во неговиот поетски пат. Неговите песни, неговиот јасен и гномичен стих, неговата успешност да ја контролира емоцијата, не’ уверуваат дека тој пат ќе биде успешен. Книгата “Со мене во мене” тоа го ветува и дава можни, конкретни или посакувани одговори на многу младешки дилеми. За да се биде успешен во книжевноста и животот треба да се верува во тоа.
На книгата и посакувам долг живот, а на авторот успех!”

Како настана вашата прва книга поезија?
-Книгата настана многу спонтано. Со многу читање и се подлабоко нурнување во убавините на поезијата се роди желбата во мене да напишам и јас некој стих. Потоа за многу краток временски период дознав дека е распишан анонимен конкурс за дебитантска книга од млад автор. Тоа е манифестацијата ,,Лесновски ѕвона” која се одржува во Кратово во чест на еден од нашие најголеми поети Чедо Јакимовски. Тогаш јас конкурирав и таму го доживеав моето Деби. Инаку за тие што не знаат сакам да потенцирам дека не сме во крвно сродство со Чедо Јакимовски, презимето е само чиста случајност.

Какви беа реакциите на твоите колеги?
-Реакциите од поголемиот дел беа многу позитивни, но нормално имаше и некои негативни. Но тоа секогаш ќе го има. Многу ми беше драго кога добивав комплименти од автори на кои уште од мал многу сум им се восхитувал.

Кој беше пресуден момент вашите мисли да ги преточите во книга?
-Кога ја добив сигурноста во себе и кога сфатив дека поривот на прекумерни емоции можам да го контролирам.

Како правите рамнотежа меѓу писателството и новинарството?
-Многу лесно. Тоа се два различни света. За да пишуваш како новинар ти е потребно настан и информација, а за да пишуваш поезија мотив и инспирација.

Од каде црпиш инспирација? Која е твојата муза?
-Инспирација црпам буквално од се што ме опкружува, но најмногу од љубовта.

Дали пишуваш само кога имаш инспирација?
-Секако. Песната не треба да се силува, таа сама доаѓа.

Со каков проблем се среќаваат младите поети/писатели?
-Пред се со самите себе, со нивната суета и големо его и желбата да се освои цел свет наеднаш. Тоа не иде така, за некои работи е потребно време, поготово кога станува збор за поезијата.

Што би требало да знаат идните читатели пред да почнат да ја читаат твојата поезија?
-Не треба да знаат многу, само треба да имаат љубов кон поезијата и пишаниот збор.

Што те изненадило најмногу во животот?
-Кога ми соопштија дека мојата книга е избрана како Дебитантска и дека јас сум добитникот на наградата ,,Лесновски ѕвона”. Тоа беше еден од посреќните моменти во мојот живот.

Зборови во подвиг
Mи бегаат зборовите
и како жива ми се слизнуваат
низ душата.
Можеби нотите од овој свет
не се компонирани спрема
моето уво,
но што ако и него го променам?
Дали тогаш би можел исто да го слушнам гласот на љубовта
и гласот на песната ?
Дали и тогаш би можел да воскреснам во зборот?
Презаситени се овие простории од мене,
а чувствувам
и јас се губам во нив-
исто како алкохолот
секое наредно утро испарувам,
а вчерашните траги
се само едно бледо сеќавање
дека судбината морам да ја пишувам трезен…

Затоа ќе пробам да ја разголам хартијата
и надвор од овие хоризонти
да создадам една нова вечност.

 

Одговор на посвета стр.49

Да имав зборови
можеби
ќе го докажев
недопишаното…

Но сега сум празен
исто како волкот
кој е во потрага
по својот плен
ги барам зборовите
скриени некаде далеку во самотијата.

Во овој миг, се уште не знам каде да ги побарам.
Можеби во некој друг свет
животот би креирал поубава историја?!

Многу прашалници останаа зад нас,
во ова време бледо
ние ја создадовме нашата светлост.

Ах, животе…
Ако не е срамно, да прашам:
Зошто предвреме си ни ги раздвоил патишата
кога судено ни било да сме едно?

Макар и на две половини
разделено…

 

Така се раѓа песната
Влези во комплетна тишина.
Исполни го тоа во мене
кое со денови седело глуво.
Биди доброволец и дари светлина
дари парче жар од твојот пламен
да се осветли темнината
да се растопи ледината.
Навреди ме со твојата
немилосрдна убавина
и посеј го полето
со твоите божји дарови.
Биди ми тајна муза
во ноќните звучни часови.
Едноставно, биди ми причина
и да пеам и да живеам.

 

Простено ти е
Тоа беше тешко време за нас
се сеќавам
си бевме лути за своите недостатоци
ти беше возрасно дете,
а јас бев дете кое глумеше возрасен.
Многу патишта изодевме заедно
и многу сенки осветливме заедно,
а за миг се’ се сруши наеднаш.
Зошто?
Понекогаш некои прашања не заслужуваат одговор.
Така требало да биде и се случило.
Всушност затоа и се пишуваат песните
за да не потсетат на пуштената солза
и да не вратат во времето жедно
кога Ти беше ти, а Јас бев јас,
но сепак бевме едно.

Share Button

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.