Струшки вечери на поезијата 2015

54 издание на Струшките вечери на поезијата годинава ќе се одржи од 26 до 31 август. Фестивалот ќе биде свечено отворен на 26 август пред платото на Домот на културата во Струга, со учество на 39 странски поети. На 31-ви продолжува во Скопје каде ќе има две поетски читања – матине на Матка и кај Споменикот на гемиџиите на кејот кај Камениот мост.

 

Годинава во фокусот ќе биде мексиканската поезија, а Беи Дао е добитник на „Златен венец“ на Струшките вечери на поезија за 2015 година. Тој е јубилејниот 50-ти добитник на најзначајното светско признание за поезија.

Беи Дао е наjистакнатиот кинески поет од својата генерација, еден од главните писатели на модерна Кина. Се родил под името Жао Женкаи на 2 август 1949 во Пекинг, а неговиот псевдоним Бео Дао буквално значи „Северен остров“. Стихозбирките на Беи Дао се: Отклучување (2000 година), На работ на небото: Песни 1991-1996 (1996 година), Пејзаж над нулата (1995 година), Форми на оддалеченост (1994 година), Стар снег (1991 година) и Августовски месечар (1988 година). Тој е исто така автор на збирката куси раскази Бранови (1985 година) и две книги есеи, Сина куќа (2000 година) и Полноќна порта (2005 година), Неговото дело е преведено на повеќе од 30 јазици.

Книгата Декември и се бакнавме од шпанската поетеса Паула Бозалонго е овогодишен добитник на наградата за најдобра дебитантска книга од млад светски автор „Мостови на Струга“ која ја доделуваат СВП и УНЕСКО.

Паула Бозалонго е родена на 15 април 1991 година во Гранада, Шпанија. Студира архитектура во Мадрид. За нејзината книга Декември и се бакнавме е добитник на престижната награда на едицијата „Хиперион“ во Шпанија, која веќе 30 години се доделува за поетски ракопис од млад автор. Нејзините песни се објавени во значајни книжеви списанија, не само во нејзината родна земја, туку и во други земји во светот.

Македонскиот поет кој ќе ја доби наградата „Браќа Миладиновци“ ќе се прогласи, како и во минатите години, на затворањето на фестивалот на програмата „Мостови“. На конкурсот за наградата „Браќа Миладиновци“ годинава пристигнале 50 книги. Жирито во состав Зоран Анчевски, Евтим Клетников, Јордан Даниловски, Иван Џепаровски и Иван Антоновски одлучи потесниот избор за наградата за најдобра поетска книга напишана на македонски јазик, објавена меѓу два фестивала (по азбучен редослед на презимињата) да биде „Киноутро“ на Јовица Ивановски, „Слики“ на Гордана Михаjлова-Бошнакоска, „Се случува вечност“ на Радован Павловски, „Година без лето“ на Виолета Танчева-Златева и „Премостување на мигот“ на Тодор Чаловски.

Share Button

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.