Претплатнички циклуси за концертите на Македонската филхармонија

Во пресрет на новата концертна сезона 2015/2016, и годинава за љубителите на музиката Македонската филхармонија ги обезбедува традиционалните претплатнички циклуси „Фортисимо“, „Мецо“ и „Пијанисимо“. Циклусот „Фортисимо“ ги вклучува сите концерти на Македонската филхармонија и чини 6.500 денари, циклусот „Мецо“ вклучува избор од 9 концерти и чини 3.700 денари, додека циклусот „Пијанисимо“ е избор од пет концерти и чини 2.000 денари. Блоковите од билети, кои ќе имаат и промотивен попуст, ќе бидат пуштени во продажба од 10 септември, а ќе можат да се набават на билетарата во Домот на АРМ.

Публиката, која ќе купи претплатничка картичка, ќе има можност да ги слушне неповторливите: Александар Књазев, Алина Ибрагимова, Евгени Божанов, Голда Шулц, Евгениј Корољов, Сајака Шоџи, Џо Пауерс, Ави Авитал, Емил Табаков, Јануш Пшибилски, Кејс Скалионе, Дорон Соломон, Тимоти Редмонд, Борјан Цанев, Саша Николовски-Ѓумар, Исмаил Лумановски, Ана и Игор Дурловски, Анна Кондратенко, Дритон Гаџа…

Македонската филхармонија новата концертна сезона ја почнува на 1 октомври со концертот под наслов „Маратон Брамс“ на кој под диригентство на маестро Даниел Рајскин од Русија, како солист ќе се претстави извонредниот Алексеј Володин, еден од најбараните пијанисти на денешницата, а кој во иста вечер ќе изведе два Концерти за пијано и оркестар од Јоханес Брамс.

Facebook Comments
dare

dare

Уредник на муабет.мк