Претставување на драмата „Пардон” на Сабин Ревије во режија на Гиј Деламот

Драма: „Пардон” награден текст од страна на Фондацијата „Бомарше“
Авторка: Сабин Ревије (Франција)
Режија: Гиј Деламот (Франција)
Играат: Висар Вишка, Весна Гаврил, Драгана Левенска, Борче Начев и Горазд Цветковски.

Денес во 18.00 часот на малата сцена на МНТ ќе имате можност да ја проследите драмата „Пардон” како работа во процес које е резултат на интензивна 9 дневна соработка (18-26 септември) помеѓу авторката на драмата Сабин Ревије, режисерот Гиj Деламот и македонските актери.
Станува збор за еден своевиден театарски експеримент – истражување на можностите за интерпретација и поставување на драмски текст во интеркација помеѓу авторот, режисерот и актерите.

Влезот е бесплатен.

Овој настан е дел од проектот „Пишување и режија, денес“ – фестивал на современи дела кој се реализира во рамки на програмата за уметничка размена на Децентрализираната соработка помеѓу регионот Долна Нормандија (Франција) и Република Македонија, координирана од Локомотива, Скопје.

Проектот е резултат на соработката помеѓу Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата, Македонскиот народен театар и Панта театарот од Каен, регион Долна Нормандија (Франција).

Форматот на работа воспоставен во рамки на проектот – „Пишување и режија, денес” – фестивал на современи дела секоја година се организира од Панта театарот од Каен, регион Долна Нормандија (Франција) како билатерална соработка со одредена земја. Неговото 18-то издание е посветено на современата македонска драма и соработката со Македонија.

Проектот овозможи директна соработка помеѓу француски и македонски драмски автори, режисери (Гиј Деламот, Сабин Ревије, Дејан Дуковски, Срѓан Јаниќијевиќ, Нела Витошевиќ, Горјан Милошевки и Мартин Кочовски) и француски и македонски актери; меѓусебно запознавање и промоција на современата француска и македонска драма, превод на три современи македонски драми на француски јазик и нивно поставување пред француска публика („Утерус” на Дејан Дуковски, „Шехерезада” на Срѓан Јаниќијевиќ и „Човекот кој не знаеше да каже НЕ!” на Горјан Милошевки) и превод на една современа француска драма на македонски јазик и нејзно поставување пред македонска публика („Пардон“ на Сабин Ревије).

————————————————

„Пардон” – Сабин Ревије
Награден текст од страна на Фондацијата „Бомарше“

Тереза, пред својата смрт, започнува да го раскажува својот вознемирувачки живот на малку ироничен начин па, дури и со неколку невистини. Љубовници, познати личности, физички задоволства, смрт, порнографски филмови, книжевни достигнувања, естетска хирургија, концерти, дрога, социјални служби, раѓање… Нејзиниот живот е неверојатен и трагичен. Батиста ја воведува во љубовта сè до болки во грбот, Жихант мажот облечен во сино сака да ја контролира а, Алберт се обидува да ја уништи, пробува да ја задави дваесет и осум пати пред да му успее… Врапче, Амандинa, тие кревки деца скоро недостижни…Сите тие ликови околу неа се појавуваат како пиони во една голема игра. Тереза е наивна и искрена. Како што е и Кандид на Волтер, таа е слепа пред реалноста. Ништо не ја запира нејзината желба да го живее животот без стеги, во целост. Жртва и создавач на жртви, нејзиното слепо бегство ја поттикнува да продолжи понатаму. Ова е приказна раскажана како во сон. Химна на осмевање на животот.

Share Button

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.