Маратон Брамс

Со концертот под наслов „Маратон Брамс“, на 1 октомври (четврток) во Домот на АРМ со почеток во 20 часот, ќе започне новата концертна сезона 2015/2016 на Македонската филхармонија. Заедно со оркестарот, а под водство на маестро Даниел Рајскин од Русија, како солист ќе настапи еден од најбараните пијанисти на денешницата, рускиот уметник Алексеј Володин. На програмата се Концертот за пијано и оркестар бр.1 во d-moll и Концертот за пијано и оркестар бр.2 во B-dur од германскиот композитор Јоханес Брамс.

Концертот „Маратон Брамс“ е специфичен и ексклузивен токму поради изведбата на два солистички концерти во една вечер, што е ретка практика не само кај нас, туку и во светот. Маестро Володин поседува исклучително широк, обемен репертоар, а се издвојува од останатите и по маратонските концерти, каков што беше случајот минатата година кога во театарот „Марински“ под наслов „Бетовен маратон“, ги изведе сите пет концерти на германскиот музички великан.

Маестро Даниел Рајскин (1970), син на познат музиколог, пораснал во Санкт Петербург каде што музиката одиграла важна улога во неговиот живот. Во музичко училиште се запишал на шест години, а студирал виола и диригирање во славниот конзерваториум во родниот град. Неговиот учител Лев Савич го инспирира да навлезе во светот на диригирањето, а потоа Рајскин се усовршува со влијателни имиња, меѓу кои и Милан Хорват, Марис Јансонс и Нееме Јарви. На 20 години ја напушта Русија продолжувајќи да студира во Амстердам и во Фрајбург, за набргу да стане еден од најбараните виолисти во Европа, како солист, но и како камерен музичар. Познат е како предводник на младата генерација музичари, ставајќи голем акцент на неговите толкувања за музиката што ги прави на мошне транспарентен начин, откривајќи ја структурата на едно дело до сите детали, наоѓајќи го поттекстот, вистинската рамнотежа на звукот и енергијата што тоа ја поттикнува кај изведувачите. Од 2005 година, Рајскин станува шеф-диригент на Рајнската филхармонија, а од 2008-та на филхармонијата „Артур Рубинштајн“ во полскиот град Лоѓ. Неговите ангажмани како гостин-диригент се многубројни, патувајќи низ Европа и Азија, вклучувајќи ги и Белградската филхармонија, Естонскиот национален оркестар, Хонг Конг Синфониета, Националниот оркестар во Латвија, оркестарот  „Моцартеум“ во Салцбург, филхармониите на Копенхаген, на Прага, оркестарот на Радио-телевизијата во Даблин, Радиосимфонискиот оркестар на Чешка, Загрепската филхармонија, симфониските оркестри на Виена, Берлин итн. Познати се неговите ангажмани како диригент на опери, вклучувајќи ги и редовните настапи со „Кармен“ за Холандската компанија „Opera Zuid“ во режија на Каликсто Биеито (2006/2007) или „Нос“ од Шостакович во Државниот театар во Кобленц (2010). Рајскин соработува со врвни уметнички имиња како Иво Погорелиќ, Џулијан Рахлин, Миша Мајски, Ланг Ланг, Мидори, Даниел Милер-Шот…

Познат по својот сензибилен допир на клавишите и техничката брилијантност, рускиот уметник Алексеј Володин (1977) денес е еден од најбараните пијанисти во светот, особено за настап со врвните симфониски оркестри. Володин поседува исклучително широк, обемен репертоар, дела од Бетовен и од Брамс, преку Чајковски, Рахмањинов, Прокофјев и Скрјабин, до Гершвин, Шчедрин и Капустин. Како постојан уметник во театарот „Марински“ за 2014/2015, тој одржа пет концерти вклучувајќи го и отворањето на сезоната.. Редовно настапува со маестро Валери Гергиев, на фестивали во Стокхолм, Дортмунд, Виена, со оркестри како Минхенската филхармонија или Лондонскиот симфониски оркестар. Оваа негова концертна сезона вклучува и европска турнеја со Филхармонискиот оркестар на Ротердам, со Штутгардската филхармонија со Владимир Федосеев, со Симфонискиот оркестар на Барселона, со Холандскиот радиосимфониски оркестар, радиосимфониските оркестри на Шведска и на Данска… Володин редовно одржува и рецитали во Лондон, Виена, Франкфурт, Минхен, Цирих, Амстердам, Лисабон, Барселона, Москва… Издава за реномирани издавачки куќи, а неговото најново цеде од 2013 година содржи дела од Рахмањинов. Неговото претходно издание со дела од Шопен, пак, ја освои „Шок класика“ и беше наградено со пет ѕвезди од магазинот „Дијапазон“. Алексеј Володин е роден во Санкт Петербург, а пијано почнал да учи на деветгодишна возраст. Една година потоа, се преселил во Москва каде што студирал со Ирина Чаклина и Татјана Зеликман во руската музичка академија „Гнесина“, а во 1994 година и на Московскиот конзерваториум со Елисо Вирсаладзе. Потоа ги продолжил своите студии на Меѓународната академија по пијано во Комо. Во 2003 година Володин ја освои Меѓународната награда на престижниот пијанистички натпревар „Геза Анда“ во Цирих. Оттогаш неговата светска кариера рапидно расте. Меѓу другите водечки оркестри со кои настапува, се и Њујоршката филхармонија и оркестарот „Тонхале“ во Цирих. Критиката за него е едногласна – Володин е еден од најдобрите пијанисти на денешницата. Тој е ексклузивен уметник на компанијата „Стенвеј“.

Македонската филхармонија го продолжува промотивниот период ( со попуст од 10 % ) за продажба на Претплатничките циклуси (кои се веќе во продажба на билетарата во Домот на АРМ ).

dare

dare

Уредник на муабет.мк