Поезија на денот – „Над Вештица“ од Давор Крстевски

Над Вештица…

Врне ноќва над една Вештица,
паѓаат стихови, онака есенски,
а таа сосем сама, како пијан клошар,
во ќош на маалската кафана ,
изгубена во неспокој ,чека некој ,
да нарача уште една тура, онаа,
никогаш испиена, последна, таинствена,
ко смртта и животот на поетите.

Темнее ноќва над Вештица, а таа,
темна ,сосема црна ко мастило ,
како очите на неминливите минувачи,
кои не пазат како сонуваат љубат тагуваат,
се лепи за нивните исти души и трае,
гори и сонува ко нивните песни,
собрани во ритамот на нејзиното срце,
полно со восхит и по некоја солза.

Живее ноќва една Вештица,
собрана сама во себе, во својата срж,
блескава во сјајот на суштината своја,
таму меѓу ѕидовите каде се почна, кога,
одамна во една ноќ, со растреперено перо,
некој од ќошот ја нарача првата тура,
натопена во солзи, мастило и стих,
и замина во ноќта, маѓепсан, од Вештица.

Давор Крстевски 18.09.2015

Песната е посветена на скопската кафе-книжарница ВЕШТИЦА 🙂

Share Button

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.