Жена од оган

Љупчо Димитровски: СОЗДАТЕЛ ВО ИЗГРЕВОТ И ЗАЛЕЗОТ, Длабока шума, X, Поетска студија за внатрешниот свет, 1998-2015

Мојов оган
што го запалив среде студ
в коски,
среде екотни зборови
во самота,
на залез,
пред езеро возбудено
од минлив ветер,
преполно пенливи бранови,
ја создаде неа
-мигновена жена.

Ја создаде помеѓу
две високи карпи.
Едната моја стаменост,
другата моја опстојба.

Ја создаде мојов оган
спроти сенки на сомнежи
кои, танцувајќи низ него,
задно со него и крај него,
одвреме- навреме
се извишуваат до небо,
речиси го допираат
и го прават огнено.

Голата снага нејзина
со длабоки рани
од молњи и громови
што не ѝ даваат
да биде дел од мене,
со мене да сподели
макар спокој во години.

Сал убавина ми нуди
таа жена мигновена
од мојов оган создадена
за несон и страст,
пред езеро возбудено
од минлив ветер,
преполно пенливи бранови.

Како веќе да не сум јас,
а некој друг, незнаен,
несогледлив, нескротлив,
несоборлив, неосвоив
помеѓу двеве високи карпи.

 

Share Button

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.