Промоција на романот „Обескостена“ од Изабел Вери

Во склоп на првиот фестивал на европската литература, „Bookstar“, на 10 октомври во фоајето на киното „Фросина“ при МКЦ, со почеток во 20 часот, ќе биде промовиран романот „Обескостена“ од белгиската писателка Изабел Вери.

Јазикот и стилот на кои е напишан овој роман се крајно разбранувани, при што ги откриваат слободите што ги имаме денес. Потрага по љубов, по идентитети, средба со виша сила, соочување со смртта – сето тоа ги открива харизмата на авторката и нејзиното мошне женско опишување на нештата, со необична искреност.

Инаку, Изабел Вери, освен што е авторка на три книги, се занимава и со глума, со музика и со танц, па публиката ќе има можност да се запознае со делото на еден интересен начин и да ужива во актерскиот и во музичкиот настап на оваа оригинална писателка.

Романот е добитник на Европската книжевна награда во 2013 година.

Ќе го промовираат Владимир Јанковски и Јасмина Василева, а во музичкиот дел заедно со Изабел Вери ќе настапи актерот и музичар Ice Soul Combo.

Од романот „Обескостена“

„Љубов моја,
Кога ќе ме држиш во твојата прегратка, тоа ќе биде цврсто.
Ќе ми го гушкаш целото тело, ти си толку висок…
Твоето тело ќе се залепи за моето.
Како агава.
Убаво ќе ни биде.
Рој црвени бакнежи ќе се истури на мојот врат;
Длабоко во ушите ќе ти одекнува мојата таинствена граматика
Ти нема да разбереш ни ронка од неа,
И јас ќе ти кажам:
„Барај, малечко мое, барај го тоа за што ти кажувам.“
Твоето весело и вознемирено лице
Ќе се стутка во мали божествени грчеви.
Убаво ќе ни биде“.

***

„ЉУБОВ МОЈА
Да бидеме на јасно!
Сакам долг невестински фустан.
Под него, ќе носам боди од бела тантела што ќе го оцртува моето совршено тело на жена. Да, нешто што сосема се припива до моето тело, со кое се појавувам на часовите по физичко. Но јас го мразам тоа боди за физичко. Mи влегува во задникот, и моите одвратни нозе се откриени. Со тие нозе-диреци, со голема мака правам салто, отскоци, доскоци; секогаш кога ќе ги погледнам, тие ми пречат во движењата, во сосредоточеноста во таа анархична телесна бркотница, удирање со крилјата на бели пружини. Зошто сум присилена да му ги покажам на целиот клас тие делови на моето тело што ги чувам само за тебе?…
Во врска со бодито од бела тантела, чувството е сосема поинакво. А потоа, до денот на нашата свадба, нозете нема веќе да ми бидат никакви; засега, сѐ уште сум неблагодарно пластифицирано парче материја, без опашка и без глава, но почекај, да видиш, Љубов Моја, што следува…“

Share Button

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.