АВИЈАТИЧАР НА ДУХОТ (3)

ЗА ФАНТАСТИЧНИОТ СВЕТ ВО РАСКАЗИТЕ НА МИТКО МАЏУНКОВ

III ТИПОЛОГИЈА НА ФАНТАСТИКАТА

Новите истражувања во областа на фантастиката, кои убрзано се шират во светските книжевности, даваат неочекувани, понекогаш и неверојатни резултати. Светот на фантастиката станал привлечен: луѓето се изморени од вистината.
Во однос на типологијата7, во голема мерка може да се потпираме на Милица Николиќ, која во поговорот на својата „Антологија на руската фантастика“ ги разликува следните типови на фантастика: поетска, делирична, фолклорна фантастика, фантастика на сништата, фантастика на реалноста, социјална и утописка фантастика. Исто така за нас се од важност и типовите фантастика што ги користи Сава Дамјанов во книжевноста на српскиот предромантизам: онирачка фантастика, хорор, проекција на сакралното, фолклорна, делирична фантастика, фантастика на реалноста. Дамјанов разликува, покрај чиста фантастика, уште и фантастика со клуч како некој вид „оправдана“ фантастика, која е релевантна и за македонската литература.
Врз основа на овие типологии, ја прифаќаме веќе установената типологија на македонскиот фантастичен расказ: Фантастика со клуч; Традиционална (романтичарска) фантастика; Фолклорна; Онирачка; Алегориска; Фантастика на апсурдот и Поетска фантастика.
Оваа типологија, се заснова врз семантичкиот (тематско – содржински) критериум и има за цел адекватно систематизирање на разновидните раскази во македонската литература врз основа на определени специфики.
Според Борхес три теми се најзначајни во областа на фантастиката: двојник, игра со времето, мешање на сонот и јавето.
Цветан Тодоров, формира две главни групи на теми, тргнувајќи од психоаналитичкиот аспект: „јас“ и „ти“ теми. „Јас-темите“ (двојник, преобразба, натприродни суштества, пандетерменизам, игра со времето и просторот) го третира односот помеѓу човекот и светот и одговараат на системот на забележување – свест. Овие теми се слични со состојбите на психотичарите, на уживателите на дроги или на малите деца. Во групата на „ти- темите“ (сексуалност врзана со мотивот на ѓаволот односно либидото, инцест, хомосексуалност, смрт, вампиризам) Тодоров ги вбројува темите на фантастичната книжевност во кои се разрешуваат конфликтите меѓу поединецот и неговата подсвест и тие може да се споредат – според неговото мислење – со друга голема категорија на душевни болести – со неврозите.
Кај Маџунков, акцентот е ставен на една фантастична ситуација, сцена или слика, така што на оваа проза не може да биде применета теоријата на Питер Пензолт за заплетот во фантастиката, според која еден писател се обидува да оствари извесна градација движејќи се кон точката на кулминација. Напротив! Фантастичниот податок, кој ќе биде причина за дејство во расказот, доаѓа до нас мошне често кај овој писател во првата реченица – според Урошевиќ.
Медитативната димензија на наративните секвенци се здобиваат со сложена литерарна носивост, со комплексна изразност при што основниот мотив, движечката идеја не пулсира праволиниски туку неочекувано и непредвидливо се остварува како приглас, замаглено и потиснато сеќавање или илузија.
Интересно е гледиштето на Предраг Протиќ за кого во литературата на Маџунков се одвива едно трагично чувствување на светот. Животот, за него е еден опустошен предел во кој луѓето напразно бараат заеднички јазик, излез, збор на човечко разбирање, а постојано се разминуваат не можејќи да најдат одговори на прашањата што ги измачуваат. Затоа излез бараат во места каде што се чувствуваат мирни и спокојни. Така таа нивна преселба во светот на фикцијата станува нивна реалност, утописки идеален свет во кој невозможното станува возможно.
Во една специфичност и гротескна визија „малиот човек“ кај Маџунков е соочен со животното, егзистенцијалното, потиснувачко милје, а од друга страна е понесен од водите на сонот, од копнеењето, од желбата да се „премости“ овој свет во нешто посовршено, преку некој фантастичен премин да се мине во тој убав и среќен, измислен свет!
Има еден раскин во душата, во битот и во животот на јунаците. Од една страна, се наметнува животот со целата своја тежа, со суетноста, злобата, завидливоста на социјалното средиште, со неможноста да се најде цврста потпирка во овој налудничав свет преполн со лаги, малограѓанштина, подметнувања, недостојности… Незабележани, ситни, несфатени ни од другите ни од самите себеси, неснајдени во вителната машина на цивилизацијата јунаците на Маџунков од друга страна – интимно, на нивото на своето просто и простодушно живуркање, бараат стојност, достојност, светлина.
Преку „обрт на стварноста“, тие влегуваат во еден свет каде што се среќни и задоволни, каде што, на ирационален начин, се исполнува нивниот свет, се задоволува нивното копнеење.

7. Види Лидија Капушевска Дракулевска. „Типологија на фантастичниот расказ“ во Во лавиринтите на фантастиката. – Скопје: Магор, 2004, 63.

Продолжува

Заштитени авторски права © Славица Урумова-Марковска. Сите права се задржани. Строго е забрането копирање, повторно дистрибуирање, издавање или менување на кој било материјал што се наоѓа на веб-страницата www.muabet.mk, без претходна писмена согласност.

Share Button

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.