Љубовни песни со Македонската филхармонија и Ана и Игор Дурловски

Љубовни песни од македонската музичка традиција е концептот на концертот „Песни од срцата“ на Македонската филхармонија, што ќе се одржи на 30 октомври (петок) во Македонскиот народен театар во 20 часот. Станува збор за музички проект што во себе ги инкорпорира едни од најубавите љубовни песни изнедрени од народната македонска музичка традиција. Нивната навидум едноставна лирика, полна со скриени пораки, нивната звучна колоритност, како и силната експресија на народниот бит врежан во нашата колективна меморија, едноставно – нивната магија, овој пат ќе биде донесена во едно поинакво руво.

Љубовта, онаа наивна, чиста, недопрена, онаа остварената, но и неостварената, копнежот, страста, а од друга страна зависта, па и болеста и смртта, или чувството на љубовта во сите нејзини варијанти, ќе биде испеано од славните оперски грла на Ана и Игор Дурловски, силно поддржани од оркестарот на Македонската филхармонија, под палката на маестро Борјан Цанев. Уникатноста на овој музички настан ја дава спојот на италијанското бел канто, со кое се посветува внимание на убавината на тонот, со звуците на традиционалната мелоритмика.

Сосема нови аранжмани на песните за оваа пригода создаде македонскиот истакнат композитор Сони Петровски, обликувајќи ги со силна креативна и творечка индивидуалност, а меѓу нив ќе прозвучат и неговото дело „Пијан танец – Пајдушко“, за првпат во Скопје, како и „Во Струга дуќан да имам“ од македонскиот композитор Панде Шахов, на кое како солист ќе настапи еден од најдобрите македонски пијанисти од помладата генерација, Дино Имери.

Проектот „Песни од срцата“ е во режија на Дејан Пројковски. Костимите се на Тања Кокев.

dare

dare

Уредник на муабет.мк