АВИЈАТИЧАР НА ДУХОТ (4)

ЗА ФАНТАСТИЧНИОТ СВЕТ ВО РАСКАЗИТЕ НА МИТКО МАЏУНКОВ

IV СТВАРНОСТА И ИМАГИНАРНАТА ПРЕОБРАЗБА ВО РАСКАЗИТЕ НА МИТКО МАЏУНКОВ

Авторот во ниту еден момент во своите збирки раскази не навлегува во шематизмот на расправата и на мудрувањето туку прецизно ги илустрира психолошките, емотивните појави и мисловниот однос кон животните настани овозможувајќи го рефлексивниот произлез на идејата.
Предраг Протиќ ќе напише: „Митко Маџунков со книгата „Убиј го зборливото куче“ станал еден од најдобрите раскажувачи на младата генерација (Књижевност, Београд, 1988)“ 8.
Неговите најдобри збирки раскази „Меѓата на светот“ и „Парадоксален сон“ се исткаени на идентичен начин со можност да се слеваат една во друга.
Во книгата „Парадоксален сон“, како што забележува авторот, пак почнуваме да ја оживуваме тревка по тревка, облак по облак, бескрајната слика, со внатрешни „кохезиони сили“ коишто овие кратки текстови ги поврзуваат во девет тематски кругови. Со иронијата и апокалиптичката глетка се добива еден потресен акцент за судбинската непречекорливост во напишаното. Тој вели: Плачам над испишаните страници како над своите вистински рани (од расказот „Живот“). Како мото на книгата е дадена токму таа апокалиптична визија:
„И видов небо ново
и земја нова;
зашто првото небо
и првата земја
пројдоа“
(АПОКАЛИПСА, XXI, 1)
Постојат повеќе аспекти на Апокалипсата, коишто пред сè укажуваат на нејзиното двојно значење: покрај визиите за скорото доаѓање на крајот, таа се толкува и како еден нов почеток, како објава на едно ново раѓање9.
Карактеристичен е уводниот текст под наслов „Трошки“, составен токму од девет фрагменти. Маџунков во својата проза инсистира на овој број кој е во рамките на митолошката симболика. Неговите трошки се како животни честички, проекции на мечтата, исечоци од еден долг сон. Како тројна тријада, бројот девет има особено значење во голем број култури. Во Кина се смета за најповолен број, најмоќен и најактивен во контекстот на филозофскиот систем „јинг – јанг“. Во мистицизмот деветката се смета за тројна синтеза на мислата, телото и духот или на задгробниот свет, на земјата и небото. Девет неба постоеле во голем број традиционални претстави за устројството на рајот, а Маите и Инките сметале дека и пеколот се состои од девет кругови.
Маџунков во расказот „Леб“ поставува едно интересно прашање: Може ли од трошките под софрата пак да се создаде лебот?. За на крајот да заклучи: А кога макар за миг ќе оживее одамна изедената целина, тогаш нека почне сè одново, залак по залак. Токму такво е и неговото создавање на расказите: трошка по трошка, залак по залак, расказ по расказ – добива целина, бидејќи ја познава магијата на создавањето. Лебот е метафора за духовната храна.
Деветте тематски кругови во „Меѓата на светот“ и „Парадоксален сон“ ја опфаќаат животната драма: се прикажува за сеопштата загрозеност низ играта на јавето и сонот, за создавањето кое се надоврзува на љубовта и нејзините често горчливи плодови, за отсутно – присутните во животот и во сонот, за вдоменоста, за метаморфозите и двојникот, патувањето низ времето, престојот во пеколот, а последниот круг е заминувањето.
„Меѓата на светот“ го понесе националното признание за најуспешно прозно дело, наградата „Рациново признание“. Оваа прозна книга со околу 150 куси текстови жанровски тешко се определува, бидејќи не може да се говори ниту за кус расказ, ниту за чист лирски запис. Книгата е мозаик од отворени но и загатнувачки размисли за вечните теми: смртта, осаменоста, раѓањето, бесмртноста, минливоста…, за човековите делнични интимни радости и несреќи. Многубројните идеи будат неспокој и иницираат продолжен дијалог, преокупираат. Додека лирската интонација ги држи пулсирањата на земното и вонземното, мислата и емотивниот вознес, одекнува доживеаната стварност и нејзината имагинарна преобразба.
Со мотото воспоставен е сугестивен контакт со историското време на народното живеење и далечните алузии на соништата:
„Тогаш му рекоа браќата: Нема белки цар да
ни бидеш и да ни заповедаш? Зар уште
повеќе го замразија поради сништата негови
и поради зборовите негови… и кажаа
меѓусебно: видете го оној што сонува соништа“
(КНИГА ЗА НАСТАНОКОТ)
Библиската „Книга за настанокот“ говори за сонот на Јосиф.
Наместо Пролог, авторот ни наведува девет слики (повторно бројот девет е во функција) кои се доживуваат како лајтмотиви на раскажаното. Со ваквата своја постапка писателот сака да покаже дека и тој е дел од народот создавајќи ја својата слика за себе, а самиот народ е колективен творец на животот.
Расказите претставуваат етапи на психолошките парчења и судири на човековата личност, човековата противречност како битие на мислата и битие на страста, за вербата и немоќта, за несознајните патишта на животот, за мистериозноста на земниот и на космичките светови.
Маџунков со своите збирки раскази успева да го популаризира фантастичниот расказ. Неговата книжевна проза се стреми да испита повеќе патишта кои водат кон духовниот простор и сета негова разнообразност. Зад богатството на книжевните постапки се наѕираат три основни раскажувачки линии, од кои првата се надоврзува за лирско-симболичната фантастика на „Чудна средба“ 10, втората внесува алегориски елемент со кои животните елементи се потенцираат 11, а општата слика на светот е понагласена, третата се базира на слики од секојдневниот живот дадени како пресоздадена стварност 12.

8.Георги Старделов. „Литературата како спас“ во Ноќен градинар. – Скопје: Култура, 2006, 231.
9.Данило Коцевски. „Апокалипсата денес и книжевноста“ во Критиката како заблуда. – Скопје, Македонска книга, 1988, 122.

10.расказите: „Над троскотот облаци“, „Кралчето“, „Кралицата“, „Кралот“ и др.
11.расказите: „Убиј го зборливото куче“, „Циркус“, „Крај“, „Галеби“, „Големиот смок“ и др.
12.расказите за Иљо М., „Испит“, „Утро“, „Во автобусот“, „Мирисот на земјата“, „Темницата“ итн.

ПРОДОЛЖУВА

Заштитени авторски права © Славица Урумова-Марковска. Сите права се задржани. Строго е забрането копирање, повторно дистрибуирање, издавање или менување на кој било материјал што се наоѓа на веб-страницата www.muabet.mk, без претходна писмена согласност.

Share Button

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.