АВИЈАТИЧАР НА ДУХОТ (5)

ЗА ФАНТАСТИЧНИОТ СВЕТ ВО РАСКАЗИТЕ НА МИТКО МАЏУНКОВ

За Маџунков во белградските книжевни кругови се напиша дека неговиот книжевен свет не е затворен во тесен регион. Предаден на светот на сонот и фантастиката, на фолклорот и стварноста, напиша Божидар Милидраговиќ, тој го постигнува она што не му поаѓа на секој раскажувач: со зборовите да не го затрупува и да не го гуши животот, туку да го открива и ослободува… 13
Во расказите „Жена“ 14, „Адети“, „Над троскотот облаци“ авторот ни открива дека мислата за смртта е единствената што цел живот го опседнува. Тој тргнува од сознанието за единството на светот и се обидува да го набљудува од внатрешна перспектива, имајќи го предвид нивото на читателот.
Атмосферата во расказот „Жена“ одговара на традиционалната фантастика. Тука светлината ù отстапува место на темнината: приквечерина е, водите на езерото се сè потемни, се јавуваат големи бранови, природата е во исчекување да заврне дожд. Овие сигнали: притемнување, дисхармонија, осамено место (без сведок на настаните) и напнатост нè подготвуваат за необичниот настан кој треба да се случи.
Додека главниот лик, Иван, седи покрај езерскиот брег со моторен чамец доаѓа жена. Чамецот е како средство за премин од материјалниот свет во духовниот. Од разговорот кој се случува меѓу нив може да го сфатиме Иван како жиголо, а жената како наемник на неговите љубовни услуги, но понатаму во расказот таа му дава до знаење дека не мисли да му плати, туку е согласна да му возврати со убавина. Очигледно е дека таа не сака да купи љубовник, ги нуди своите особини во замена со неговите. Но, повторно добиваме на пософистицирано ниво пазарна вредност на љубовта. Трампа на добрина и убавина. Таа ја докажува својата изјава: Јас не сум грда и се соблекува за да потврди, но тоа расоблекување нему му пречи. Тој вели: Не сте, далеку од тоа. Но зошто сте толку брзи и… искрени? Требаше да бидете малку воздржливи, тогаш, се разбира, се ќе беше поинаку. А вака… неможно, навистина. Парадоксалноста се состои во тоа што колку повеќе Иван ја почитува непознатата жена, толку помалку ја сака. Лагата е заводлива, а вистината е горчлива. Додека жената е инстинктивна и не може да ја скрие својата желба.
Фантастичноста во расказот се појавува во оној момент кога жената вели: Тоа не е убаво од вас, рече, тоа не е добро. Ќе се расипе времето. По тој морничав коментар езерото замрзнува, а тоа е слика на нејзината емотивна состојба, бидејќи отфрлената жена има „замрзнато“ срце. Така до израз доаѓа алегоричната врска меѓу жената и природата. Во мигот кога почнува да врне снег, Иван сака голата жена да ја заштити со тоа што ќе ја прегрне, но стасува нејзиниот сопруг на луксузна санка со два бели коња и со скапоцена бунда ја завива наместо прегратка. Белите коња се асоцијација на сексуална енергија, пориви на желба или копнежот на жената. Овој расказ има сличност со руската приказна за Иван и принцезата, кога Иван ја одбива принцезата нејзе ù се заканува снег и вечна зима.
Расказот завршува со триаголник: жена меѓу двајца мажи. На санката се качуваат сите. Никој тука не е отфрлен. Дадена е претстава за љубовна моногамија. Жената има потреба и од младоста и убавината, но и од стариот сопруг кој има богатство. Младоста, љубовта и добрината се антрополошки квалитети, а богатството е идеолошки квалитет.

13.Цитирано според Георги Старделов. Ноќен Градинар. – Скопје: Култура, 2006, 232.
14.Види кај Јасна Котеска: Љубовта во македонскиот фантастичен расказ (некои аспекти: hibris, вампиризам, портрет-огледало, љубовен тријаголник и кастрација). – Скопје: Блесок, 1999, бр.07 (www.blesok.com.mk)

ПРОДОЛЖУВА

Заштитени авторски права © Славица Урумова-Марковска. Сите права се задржани. Строго е забрането копирање, повторно дистрибуирање, издавање или менување на кој било материјал што се наоѓа на веб-страницата www.muabet.mk, без претходна писмена согласност.

Share Button

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.