„Имате ли ритам?“ – симфониски концерт за деца со Македонската филхармонија

Првиот Симфониски концерт за деца во новата концертна сезона, Македонската филхармонија ќе го одржи на 7 ноември (сабота) во Домот на АРМ со почеток во 12 часот. Концертот носи наслов „Имате ли ритам?“, а ќе биде изведен под палката на маестро Борјан Цанев. Аниматор и овој пат ќе биде миленикот на детската публика, актерот Мартин Јорданоски, кој ќе ги воведе најмладите во тајните на ритамот и неговата разновидност. Децата ќе имаат можност да слушнат композиции од класичната, но и од модерната музичка литература, во кои акцент е ставен токму на ритмичкиот импулс – дела од Смокварски, Калифе, Андерсон, Бернштајн, Штраус, Де Фаља. Концертот ќе ги донесе звуците и ритмите на Македонија, Либан, Куба, Шпанија…, а Јорданоски низ игра и хумор ќе се обиде да ги анимира децата „свирејќи“ на разно-разни предмети докажувајќи дека ритамот го има насекаде околу нас. Овој пат посебно ќе се истакнат перкусионистите од оркестарот на Македонската филхармонија, кои ќе приредат и едно изненадување. Македонската филхармонија особено се посветува на Симфониските концерти за деца, со цел да го привлече вниманието и на најмладата популација за слушање на класична музика. Како и претходните концерти, така и „Имате ли ритам?“ ќе се обиде да делува едукативно, и да ја разбуди детската имагинација и фантазија.

Share Button
dare

dare

Уредник на муабет.мк

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.