АВИЈАТИЧАР НА ДУХОТ (7)

ЗА ФАНТАСТИЧНИОТ СВЕТ ВО РАСКАЗИТЕ НА МИТКО МАЏУНКОВ

б) Човекот кој си ја продал душата на ѓаволот

Уште една тема поврзана со ова натприродно суштество е фаустовскиот мотив или попознат како верзија на библиската легенда за Аврамовото продавање на душата на Ѓаволот. Овој мотив може да се насети во расказот „Смртта на Јонски“, уште во првата реченица: Сакате ли да ви го продадам својот труп? – што претставува карактеристична постапка за Маџунков, без никаква подготовка или градација во нарацијата се случува фантастичното.
Светиот, мистичен, волшебен број седум, на кој инсистира авторот (7 кучиња, 77 дена, 7 соби, 7 дела, 7 долги години, седмоглава душа), го симболизира космичкиот и духовниот ред и завршување на природниот циклус. Во Стариот Египет седум бил свет број на богот Озириз (симбол на бесмртноста). Се смета дека има седум скалила што водат во адот, а седум врати – во Рајот. Меѓутоа, во заднина стои прикажувањето на седумте смртни гревови (гнев, алчност, завист, лакомост, похотливост, гордост, мрзеливост) што претставува „морално предупредување“ против Злото.
Со овој расказ се потврдува повеќестраната улога на авторот како набљудувач, самонабљудувач. Така доловената слика за постоењето на човекот како крик и воздиг го подразбира барањето излез од сомнежот и темнината кон светлоста, патот што се отвара и вербата што ја враќа. Сепак, копнежот најубаво ја отсликува човековата душа, нејзината чувственост и спиритуалност. Во овој дух, со позитивна мисла, Маџунков го завршува својот расказ: Ако од пепелот не се изведат црви, знајте: смртта на Јонски била како песна на славеј. А ќе нема црви. Пепелот е симбол за згаснување, самоодречување од земната ништожност, повторно раѓање, знак за тага. А црвот е симбол за распаѓање, смртност, но и амблем на наследноста, преобразба (на гасеницата во инсект). Славејот тука се смета за добар знак, се поврзува како со радоста така и со болката, маките и екстазата на љубвта, но и тагата по Рајот. Кај Маџунков Рајот се крие зад небескиот свод, таму каде што никогаш нема сенка 18. Во психологијата сенката го симболизира интуитивниот, индивидуалниот дел од душата, кој што често се потиснува. Душата или второто „јас“ особено се поврзува со душата на умрените, а за луѓето кои немале сенка се сомневале дека тие си ја продале душата на ѓаволот, и во оваа смисла се „непостоечки“ (сенката е потврда на материјалноста на еден објект или субјект).
Само доколку се одгатне лавиринтот во себе, непознатото второ Јас на сопствената природа, станува можно да се пробие ѕидот на отуѓеноста, а со тоа и враќањето во светот на пронајдената и човечки осмислена реалност. Овој мотив укажува на залудноста на човечкиот труд на земјата и на божјата милост која е неограничена, неисцрпна и дека гревот може да се покае со искрено покајување. Со тоа на луѓето им е дадена можноста да се вратат на „вистинскиот“ пат, да ги претрпат реперкусиите поради сторениот грев.

2) Секојдневието со фантастичен призвук
Во неговите најдобри раскази „Убиј го зборливото куче“ и „Циркус“, фантастиката проткаена со елементи од секојдневниот живот прераснува во алегориско – симболична претстварност. Хиперболата е клучно средство на фантастичниот приказ.
Во расказот „Убиј го зборливото куче“ дејството е организирано во воен гарнизон, касарна. Кучето тука како да е бесмртно, по секое негово ранување набргу се опорава. Но со појава на колера, чума во касарната, поручникот наредува да се убие кучето, сомневајќи се дека причината за болеста е во него. Војниците, збунето, одлагаат да ја извршат наредбата. Кај поручникот кучето дури и прозборува. Присутни се трагокомични моменти, гротескни. На крајот кучето е убиено, но на местото на неговото тело остануваат локва кучешка крв и дваесет и девет каменчиња наредени во форма на стрелка чиј правец не може да се одреди.
Песот има натприродна моќ – моќ на говор и го носи името Луцифер (во минатото бил најубавиот ангел, но сакајќи да му биде конкуренција на Господ се прогласил за цар на пеколот). Меѓутоа, овде не е во прашање буквално сфаќање на ѓаволот, туку тој е демонизиран.
Сосем секојдневна ситуација нараторот опишува во расказот „Риба“. Според традицијата во неговото семејство задачата за чистење риба му е доделена нему. По којзнае кој пат го обавува истиот ритуал и во моментот кога ја соли рибата, при допирот со солта таа почнува да трепери под неговите прсти со животен трепет како дете во треска, со јасна надеж дека може повторно да живее. Во хиндуистичката митологија рибите се сметаат за суштества кои поседуваат апсолутна слобода, на кои не им се заканува Потопот. Во митот, уништувањето на светот е одлука на едно од божествата да ги казни луѓето поради гревовите; вистинската причина, пак, е сознанието за истрошеноста на светот, за доближувањето на крајот на еден космички циклус и за потребата од почнување на нов. За да се започне едно ново создавање, мора, според митскиот начин на мислење, да се разурне она што веќе постои, а што ја загубило во својата структура онаа првобитна енергија што ја поседувало од времињата на почетоците. Потопот се јавува во улога на тој рушител, кој во универзумот одново ја воведува состојбата на хаосот, по која треба да настапи новиот космос, пишува Урошевиќ во својата книга „Демони и галаксии“. Затоа, овој расказ за тема го има соочувањето и стравот од смртта како нешто непознато за човековото битие.
Темата на смртта, искуството и болката што се раѓа од истата како тема се преплетуваат и во расказите „Болка“ и „Вести“. Болката кај овој прозаист доаѓа како резултат од неговите загледувања над хаосот на светот, за да најде одек во душата на оние што ќе се сретнат, што ќе се запознаат со неа.

—–

18. Маџунков Митко. Убиј го зборливото куче. – Скопје: Мисла, 50.

продолжува

Заштитени авторски права © Славица Урумова-Марковска. Сите права се задржани. Строго е забрането копирање, повторно дистрибуирање, издавање или менување на кој било материјал што се наоѓа на веб-страницата www.muabet.mk, без претходна писмена согласност.

Share Button

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.