„Кирилица“ – прв концерт од овој циклус во новата сезона на Македонската филхармонија

На 19 ноември во Домот на АРМ во 20 часот, Македонската филхармонија ќе го одржи првиот концерт од циклусот „Кирилица“ во новата сезона. Публиката ќе има можност да слушне две дела од припадници на различни генерации македонски музички творци – „Диверзија“ од Кирил Македонски, со кое се прославува 90 години од раѓањето на авторот на првата македонска опера, како и премиерната изведба на „Исон“ од младата и афирмирана композиторка Валентина Велковска-Трајановска.
Под палката на маестро Борјан Цанев, на овој концерт ќе бидат изведени и две дела од уметничкиот гениј Моцарт – Симфонијата „Париска“ и Симфонијата кончертанте за дувачи во Ес-дур, на која како солисти ќе се претстават водачите во оркестарот на Македонската филхармонија, истакнатите музички уметници Владимир Лазаревски, обоа, Здравко Ангелов, кларинет, Џијан Емин, хорна и Ванчо Стојановски, фагот.
Обоистот Владимир Лазаревски, кларинетистот Здравко Ангелов, хорнистот Џијан Емин и фаготистот Ванчо Стојановски, моментно се водачи во оркестарот на Македонската филхармонија. Сите четворица зад себе имаат завидна концертна кариера. Владимир Лазаревски студирал обоа на Националната музичка академија „Панчо Владигеров“ во Софија, каде што завршил додипломски и постдипломски студии. Во 2004 година добива стипендија за студии на Музичката академија „Лонџи“ во Бостон (САД), каде што го продолжува своето образование и растеж во изведбата на обоа и камерна музика. Во 2009 година се здобива со МБА-диплома од Институтот „Курт Бош“ од Сион, Швајцарија. Од февруари 2012 година, Лазаревски има титула доктор по музика и наука од Националната музичка академија „Панчо Владигеров“ во Софија. Добитник е на многу награди и учествувал на повеќе работилници и семинари со еминентни обоисти и музичари. Џијан Емин дипломирал на инструментот хорна на Факултетот за музичка уметност. Зад себе има огромно професионално искуство како композитор и како мултиинструменталист. Тој е прв хорнист-гостин на Белградска филхармонија и прв хорнист на оркестарот „Но бордерс“. Моментно е на студии по диригирање на ФМУ и како диригент досега има настапувано со Македонската филхармонија, Фламанскиот симфониски оркестар – Белгија, Оркестарот Ламоро – Франција и со Детроитскиот симфониски оркестар. Здравко Ангелов ги завршува студиите во 2000 година на Факултетот за музичка уметност, а магистрира во 2012 година. Добитник е на повеќе награди на натпревари во земјите од поранешна Југославија. Како солист, камерен музичар, со симфониски оркестри, но и како постојан член на камерниот ансамбл „Консонанс“, Ангелов настапувал на значајни фестивали во државата и надвор од неа. Повеќепати настапувал и како солист со Македонската филхармонија. Ванчо Стојановски (1967) дипломирал на Факултетот за музичка уметност во Љубљана, во класата на проф. Божидар Тумпеј. Од 1992 година е редовно вработен во Македонската филхармонија како прв фаготист. Освен на редовните концерти со Македонската филхармонија, Стојановски настапува и во дует со фаготистот Зоран Митев, со Македонскиот Дувачки квартет, како и во други камерни ансамбли.

Share Button
dare

dare

Уредник на муабет.мк

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.