АВИЈАТИЧАР НА ДУХОТ (9)

ЗА ФАНТАСТИЧНИОТ СВЕТ ВО РАСКАЗИТЕ НА МИТКО МАЏУНКОВ

4) Темата на двојникот

Двојството на нараторот е често присутно во расказите на Маџунков. Перспективата на дете – наратор ја среќаваме во повеќе негови раскази. Секогаш во центарот на нарацијата е ликот на главниот јунак, кој се јавува истовремено како alter ego на писателот и читателот.
Темата на двојникот во себе ги инкорпорира темата на метаморфозата и темата на огледалата. Метармофозата сама по себе внесува забуна во фабулата, го изместува нормалниот тек на нештата. Своевидна синтеза на овие теми постои во расказите „Човек и кукла“ и „Кукла“.
Романтичарската фантастика познава бројни примери за оживување на некоја статуа, кукла или портрет. Фантастичниот расказ тоа му го должи на англискиот „готски“ роман. На овој начин егзистира и оживеаната кукла во расказите на Маџунков. Во расказот „Човек и кукла“, куклата е надмоќна во однос на човекот. За метаморфозата на куклата во живо суштество, при што настапува како двојник на смртта, се зборува во расказот „Кукла“.
Еросот со позитивен одглас ја води душата во сферите на чудесното. Наспроти оваа ситуација, Еросот со негативен одглас раѓа мрачни, деструктивни и субверзивни душевни тенденции. Иако Еросот претставува сложена психо – физичка појава, во некои случаи може да се сретне аномалијата на пренагласување на неговата материјална димензија, што, всушност, претставува Танатос за душата. Токму Танатосот и Еросот, со сите свои противречности, би можело да бидат прифатени како тематска определница на овие два расказа. Тоа значи дека смртта може да биде поразена единствено преку љубовта.
Во расказот „Кукла“ би можеле да препознаеме, колку копнеж по сакралност, толку и сакрализација на недостапното машко битие: Затоа таа само ги рашири рацете и, со нежен момински глас, рече: „Мумијо, дојди! Мумијо, дојди!“… И додека ја држеше в раце својата сопатничка, се плашеше, еднаш оживеана, да не умре пред да заврши музиката… Женскиот ерос очекува позитивен одглас од машкото битие, но на моменти како да надвладува осаменоста, стравот дека веќе еднаш оживеаната љубов ќе се изгуби повторно, без можност да му се врати на оној кому треба да му биде подарена.
Во рамките на расказот „Човек и кукла“ може да се сретнат сегменти кои се индикативни по однос на согледувањето на двете димензии на Еросот: материјалната и душевната. Купувањето на љубовта со лесно заработените на коцка пари е симболика која е сместена во мрачната страна на материјалниот Ерос, особено карактеристична за машката еротска иницијатива – да заведе материјално: Третиот Непознат не издржа. Се разонодуваш, уживаш? … Та таа е – и тој со презир покажа кон жената – така покорна, токму како кученце. Мислиш дека многу те сака, дека не може без тебе?! … Неа ја купи за пари, за наши пари…
Од тука би можел да се изведе заклучокот дека Куклата претставува пермутација на лирскиот субјект, така што (е удвоен) преку прикажувањето на ситуациите во кои се наоѓа централниот симбол.
Јунаците на Маџунков се „летачи на метли“ и кога чекорат по земја и кога низ летот на имагинацијата ги остваруваат своите донкихотски желби . Тој користи парадокс и гротескно профилирање на јунаците и ситуациите. Тоа се и кошмарни глетки, а фантастиката се јавува како можност на катарза , односно таа на јунаците им пружа извесно ослободување од тешкотиите, им овозможува пребродување на вообичаените животни текови.
Со цел реалниот момент да го преведе во фиктивен, Маџунков користи хипербола, со која кај јунаците го зголемува стравот и зачуденоста. За илустрација најсоодветен е расказот „Бајка за гулабовата планина“, во кој нестварните глетки се проткаени со елементи на легенда и со тенденција кон единствено смисловно спојување на паралелните приказни. Јунакот – наратор со раскажувањето се ослободува од одредена траума, од негативното животно искуство. Тој изнаоѓа причина за воведување хипотетички проекции. Паралелниот мотив е спонтано вткаен во сижејната основа и од тоа се добива еден нов квалитет, имагинарното станува значаен именител на судбинското.
Во расказот „Три имагинарни сестри“, авторот фантастичниот момент го воведува на самиот крај, кога ги внесува трите имагинарни сестри. Тоа се идните жени на двајцата браќа, Фердинант и Ниче. Браќата, по предлог на едниот, треба да напишат писма до своите идни жени, и тоа, писмата, да датираат по нивната смрт. Во расказот сè оди од апсурд кон фантастично.
За овој тип фантастична проза останува доминантна позицијата на нараторот од роматничарскиот начин на раскажување, која е во функција на нагласениот субјективитет. Нараторот најчесто се јавува во прво лице еднина, point of view на нараторот е, всушност, позиција на главниот херој, т.е. постои совпаѓање меѓу нараторот и главниот лик.

продолжува…

Заштитени авторски права © Славица Урумова-Марковска. Сите права се задржани. Строго е забрането копирање, повторно дистрибуирање, издавање или менување на кој било материјал што се наоѓа на веб-страницата www.muabet.mk, без претходна писмена согласност.

Share Button

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.