Скопските плажи некогаш

По ослободувањето, во 50-тите год. граѓаните на Скопје, броеше одваj 100.000 жители.Тие, спас од големите горештини бараа во градскиот парк, кој беше од природата создаден – девствен и недопрен со густа вегетација, со земјени патеки и глупи направени од парковските дрвја. Но, многумина се ладеа во тогаш чистиот и не загаден Вардар. Најмногу капачи одеа, односно во групи се собираа на т.н. Градска плажа, или нешто помалку на исто така прочуената “Руска плажа”, погоре од Градската – каде што денеска е изграден мостот кај хотел ресторанот “Александар Палас”.

Малку подоцна, со растежот на жителството на Скопје се “отворија” Офицерската плажа близу до градскиот стадион и плажата спроти Kале која беше најблиска до центарот на градот. Како најмасовно посетена, во тие “купонски” години се почувствува потреба и на Градската плажа – мала дрвена продавница пред сè за безалкохолни пијалаци и овошје. Но и тоа беше малку, па беше изграден објект за соблекувални за поединечно и општо соблекување, исто така од дрвен материјал. Така современата Градска плажа егзистираше се до кобниот ден 26-ти Јули 1963-та год. Сите наброени плажи беа од десната страна на Вардар, како неразделен дел на паркот, со убави наслаги на песок, со капачи. Имаше и спорт на сите плажи и од левата и од десната страна на Вардар. Карактеристично е дека најмногу капачи од левата страна беа граѓани од старите скопски населби: Топаана и Чаир, но и војници од блиските касарни. Една година спроти Градската плажа меѓу војниците се појави и еден војник црнец. Сите се чудевме од каде е тој зашто тогаш немаше црнци. Се дозна дека црнецот е од Црногорското гратче Улцин на Јадранскиот брег односно до некое село до Улцин каде што живееле црнци донесени во турскиот период како слуги на Турски великодостојник. Тој беше единствениот меѓу војниците кој беше вооружен со пиштол. Погорната плажа – Руската плажа, исто така имаше карактеристичности, а тоа е што плажата го добила името по капачите кои беа скоро сите по потекло од Русија, а избегани за време на Октомвриската Револуција. Таа имаше нај добар песок и за разлика од Градската плажа тука Вардар правеше многу силен свиок, удираше во левиот брег и создаваше една стрмнина од каде што вештите пливачи скокаа во Вардар. Тука речиси преку целата година имаше длабочина меѓу два до три метри. И тука како и на Градската плажа имаше капачи од веќе спомнатите стари маала на Скопје, Топаана и Чаир, особено турчиња зашто скопските Турски фамилии кои се уште, во тоа време масовно не се иселуваа од Скопје. Тие приредуваа вистинско водено шоу зашто не скокаа поединечно туку десет до петнаесет момчиња еден позади друг скокаа и гласно изговараа “Ол дии!”, што на наш јазик значи “Готово е!”. Атракцијата беше дополнувана и со тоа што не сите носеа современи гаќички за капење, туку нешто како гаќи за спиење со врзани долу краишта и ногавиците им се дувале како балони. Нивното доаѓање некаде педесеттите години се прекина затоа што си заминаа за Турција и џагорот на Руската плажа го снема за секогаш.

Русите на плажата речиси доаѓаа фамилијарно секогаш носејќи и гитари, кои ги придржуваа пејачите кои исполнуваа познати и не познати руски романси, при што се чувствуваше вечната носталгија за Русија. Најблиската плажа спроти Калето, пак некаде околу 1950-тата година доби симпатичен ресторан кој беше наречен “Опатија” па и самата го понесе тоа име. Ресторанот во тие времиња имаше бавча над самиот тек на Вардар, направена од дрвен материјал врз дрвени колци. Сето тоа претставуваше една романтична атрактивност, особено навечер кога целиот објект беше обвиен од светлина што привлекуваше многу посетители кои покрај вкусните специјалитети и пијалак уживаа и во ноќната музика. Пред земјотресот 1963 година, како лош предвесник на истиот, Скопје го зафати катастрофална поплава во ноември 1962 год. Плажите немаа ни време да се оправат, затоа што дојде земјотресот. Набргу потоа, како капак на сè беше регулацијата на Вардар, која збриша сè, нивото на Вардар се симна за околу 2 метра, а бреговите беа заштитени со бедеми од камен… Сè се измени, паркот ја изгуби својата девственост и се модернизира и со поставување на електрични фенери и асфалтирани патеки. Го снема омиленото место на младите наречено, “Ѓачки круг”, зад некогашниот ресторан “Кермез” – зграда која беше изградена во “Виенски” стил, а некаде во вториот дел на паркот, близу до Градската плажа “Островот на љубовта” (Острво Љубови) и, тука некаде “Мостот на воздишките”. Од некогашните плажи…од омилените места, особено на заљубените денеска нема ништо, како што било. Младите генерации, не знам дали знаат за тоа, а старите генерации ги носат само спомените – со воздишки. Вардар кој значеше живот за тогашните граѓани – чист и бистар, денес не само што е загаден од изградените населби кон Ѓорче Петров, па надолу малата рекичка Серава и е променето коритото. Таа во Вардар се влива над центарот на градот кај Момин поток, со себе носејќи ги сите нечистотии од населбата Радишани кон градот, уште повеќе придонесува за загадување на Скопје.