ПОСЛЕДНОТО ЕСЕНСКО ТАНГО (3)

3.

Со Марија секоја година заедно одевме на одмор. Највеќе ни се допаѓаше во Охрид. Toj вечeн град, волшебн рид, со своето исконско пулсирање ги поврзува старите со новите времиња, за навек, бидејќи: – тој, Охрид е “жив град” две илјади и четиристотини години, наследник на светлиот Лихнид, град со вткаени дострели на силната античка цивилизација. За ова место, толку прекрасно и значајно за културната историја на Македонија, имав читано многу, само уште требаше да го доживеам. Особено за мене беше интересен епитетот кој тој го носеше “Балкански Ерусалим”, бидејќи како епски центар во античките времиња, а подоцна и преку надалеку прочуената Охридска архиепископија низ вековите, ја претставува целокупната црковна историја на Македонија.
Секогаш со посебна возбуда го очекував тргнувањето. Радосна од тоа што ќе можам да го видам, од тоа што ме очекува, од тоа што треба да го доживеам таму, не можев да заспијам до доцна… Сонот полека и неосетно ме совладуваше. Утредента се разбудив среќна. Мајка ми влезе во собата ги подигна ролетните, го отвори прозорецот од кој почна да влегува чистиот и свеж утрински воздух. Сонцето силно светеше, а неговите зраци допираа до мојот кревет. Нивната блештина ме расони. Станав, се облеков, се измив и за миг бев подготвена.
Автобусот тргна. Излеговме од гратскиот метеж. Возејќи се по автопатот покрај полињата се оддалечивме од местото каде што ја имавме сигурноста и слободата во домот. Не се познававме со никого. По неколку часовно возење, пристигнавме. Хотелот однадвор беше убав, но внатре не беше баш каков што очекувавме. Мебелот беше дрвен и стар. Беше испокршен, или расклатен. Но, тоа не ни беше ни малку важно. Важно беше како ќе си поминеме и какво ќе биде дружењето, да создадеме нови пријателства и се разбира старите да ги зацврстиме. Собите беа двокреветни и трокреветни. Секоја соба имаше тоалет со туш кабина. Со Марија бевме во иста соба. Се сместивме и излеговме да прошетаме по плажата.
Плажата беше близу до хотелот. Охридското езеро на изглед беше тивко и мирно, но во своите длабочини го криеше бурното време, како школките што ги кријат своите бисери во пазувите, недостапни за секого, но можни да се најдат во различни облици и големини, нанижани на памучен конец, скоро насекаде низ градот. Бев токму такви купила од еден продавач на плажата. Тој ми велеше:
– Вистински се!
Но, за мене не беше важно потеклото и таканаречената вистина. Доближив една нишка бели бисери до грлото, горе – долу се ујдисавме за некоја цена и продолжив надолу со нишката бисери во џебот. Таа нишка беше веќе дел од мојот план во потрага на бисерното време.
Шетавме покрај брегот на Охридското езеро, газевме по жешкиот песок и се загледувавме во далечината на езерото, каде што светлината на сонцето ја разлеваше површината на водата во илјада различни бои. Навистина е прекрасна таа глетка да се види. Разните камчиња на плажата се наредени во еден мозаик, направени од секојдневието со чуден сјај одвнатре. Газевме со босите нежни стапала од свила како пчелички во потрага за мед, трагавме по возбудите на хоризонтот.
Се слушаше бучава од бротчињата. Колку е прекрасно да се качиш на мало бротче и да пловиш по големо, бескрајно езеро, водено со кормилото на историјата! Кога го набљудуваме Охридското езеро, во било кое годишно време, осветлено од сонцето, имаме впечаток дека тукушто се родило, неговите милиони години, колку е старо, како да не постојат. Во неговите сини води постои растително и животинско царство за кое денес исклучително се знае преку фосили. Всушност тоа и почнало да “живее” уште пред појавата на човекот… Старо е околу четри милиони години. Неговата топла сина боја, која е поинтензивна од небесното синило со својата површина остава впечаток и затоа ние љубиме да си го наречеме “македонско слатководно море”. Неговите бранови како раширена прегратка, те прифаќаат и те љубат како да си воден цвет. Но новиот бран е уште посилен, те отпушта… и ти или ќе се удавиш или ќе го надминеш…

(продолжува)

Заштитени авторски права © Славица Урумова-Марковска. Сите права се задржани. Строго е забрането копирање, повторно дистрибуирање, издавање или менување на кој било материјал што се наоѓа на веб-страницата www.muabet.mk, без претходна писмена согласност.