ПОСЛЕДНОТО ЕСЕНСКО ТАНГО (4)

4.

Веќе сите бевме сместени во своите соби. До нашата соба беше собата на три момчиња: Тони, Зоки и Никола. Нашата врата од собата беше подотворена. Тони влегуваше во неговата соба. Веднаш го препознав, гласно го изговорив неговото име. Уште еднаш ја забележав неговата убавина… Ми се допадна. Ги забележав неговите зелени очи и кафена коса која нежно и нееднакво се спушташе до неговите раменици, на средината одвоена со патец и шишки кои му го покриваа челото се до очите. Неговите зелени очи беа со нијанси кои те тераат да се запрашаш дали гледаш мачор, или површина на езеро. Вегите му беа како крилца од ластовица која беше подготвена да полета, а усните – розови, розови, сочни и примамливи, одвреме – навреме потреперуваа.
Се сетив… Кога го погледнав првпат, срцето престана да ми чука, чувствував нешто посебно. Тоа беше денот кога првпат се вљубив. Но, тогаш почувствував и болка во срцето, ја пролеав и првата солза за него бидејќи не знаев што да очекувам…
– Се сеќаваш кога се сретнавме прв пат? Одев по патеката. Се втурна во мене бркајќи ја топката. Беше многу романтично.
– Вистината е дека намерно се втурнав.
– Молам? Те забележав штом излезе од автобусот тоа утро. Не можев да верувам… И јас имам тајна… Ти си момче за кое секогаш сонував, какво секогаш сакав.
– Сигурна си во тоа, Ана?
– Марија, што бараш овде?
– Ова е твој сон, Ана. Кажи ми ти мене.
– Не!
– Пак кошмар? Не ти одговара тоа Сникерс чоколатце што го држиш во раката изгледа.
– Тоа е само глупав сон. Ништо страшно.
Љубов… Што е љубовта кога ја има некој несвесно? Притаено зло кое ќе ги уништи и двајцата… кое им нанесува болка наречена завист и љубомора.
А што е љубовта кога ја има некој и е свесен…, а сепак ја нема до себе? Пишано зло кое причинува болка и нанесува разно разни удари на секој чекор меѓу општеството. Гледаш, имаш, а немаш… Сакаш, те сакаат…, а не целосно… Очајно го наведнуваш погледот кога пред очи ќе ти се појави се што е во парен број…. 2 птици, 2 мравки, двајца…. И живееш за утре… и пак живееш за утре…, а вечер ќе си легнеш пак со надеж…
Но, длабоко во себе се плашев од невозвратена љубов. Не знаев што да мислам, но нешто длабоко во мене ми зборуваше дека еден ден ако ништо друго ќе ми остане пријателството.
Велат: мудроста доаѓа со годините, можеби е тоа вистина, но важно ли е? Љубовта избледува со годините, остануваат само спомени, сеќавања на чувства што ветриштата на времето тивко ги одвеале со себе. Кога повторно ќе ја сретнеш единствената љубов, ќе знаеш…
Не престанував да мислам на тоа прекрасно момче. За мене љубовта стана нешто најдрагоцено. Се обидов да ја добијам, но не и да ја изгубам. Не го избрав Тони, туку тој дојде спонтано во мојот живот и мисли зошто срцето така ми кажа. Од тој момент за мене Тони стана мала слатка тајна, која ја споделив со Марија. Но, дали тајната, останува тајна, кога веќе еднаш ќе биде кажана?! Дали сме способни да процениме… Колку е важна љубовта?…говори приказната…
Некогаш постоел остров на кое живееја чувствата и човечките вредности: Богатството, Добрата Воља, Тагата, Гордоста, Знаењето и меѓу останатите и Љубовта.
Еден ден сфатиле дека нивниот остров ќе потоне и ги подготвиле своите бродови за да го напуштат. Единствено Љубовта сакала да остане до последен момент. Кога островот се нашол пред целосно потопување Љубовта одлучила да побара помош.
Богатството поминувало во близина и Љубовта го запрашала: „Богатство, можеш ли да ме поведеш со себе?“ „Не можам, многу злато и сребро има на мојот брод и нема место“ – рече Богатството. Љубовта тогаш одлучила да ја праша Гордоста која поминувала со величенствен брод: „Гордост, те проколнувам, можеш ли да не поведеш со себе?“ „Не можам да ти помогнам Љубов“, одговорила Гордоста. „Овде се’ е така совршено што би можела да ми го уништиш бродот“.
Тогаш Љубовта ја замолила Тагата која поминувала покрај островот: „Таго те молам поведи ме со себе!“ „Ох Љубов“, одговорила Тагата. „Толку сум тажна што не можам.“ Кога Добрата Воља поминувала покрај островот толку била задоволна што не сакала ниту да слушне како ја повикува. Тогаш Љубовта слушнала некаков глас: „Дојди Љубов, јас ќе те понесам со мене!“ Тоа беше старец во мал чамец. Кога стигнале до копното, Љубовта се симнала, а старецот заминал.
Љубовта била толку многу среќна што заборавила да го праша старецот за името. Љубовта сфатила колку му должи и го прашала Знаењето: „Знаење, ти сигурно знаеш кој ме спаси?“ „Тоа беше Времето“, одговори Знаењето. „Времето?“; запраша Љубовта. „Па зошто Времето би ме спасило?“ Знаењето одговори: „Затоа што само Времето е способно да процени колку Љубовта е важна во животот…“

(продолжува)

Заштитени авторски права © Славица Урумова-Марковска. Сите права се задржани. Строго е забрането копирање, повторно дистрибуирање, издавање или менување на кој било материјал што се наоѓа на веб-страницата www.muabet.mk, без претходна писмена согласност.