ПОСЛЕДНОТО ЕСЕНСКО ТАНГО (6-7)

6.

Најубавиот дел од денот е утро. Сонцето како голема портокалова топка соборувајќи го мракот излегува од зад планините и го осветлува денот. Темнината полека но сигурно се откинува од секаде. Секое утро носи нова надеж – велат старите. Утринскиот воздух ми мириса на нешто ново и свежо. Старата поговорка вели: “По утрото се познава денот”. Убавото сончево утро полно со динамика навестува дека денот ќе биде убав. Сите го очекуваат утрото мислејќи дека во наредниот ден ќе им се остварат сите желби. Со утрото се раѓа и денот. Насекаде има капки роса. Натежнати од росата се нишаат цветовите, чиниш се задеваат и зборуваат. Со еден збор се е прекрасно во утро. Утрото е најубавиот дел од денот…
Се слушна тропање на вратата. Тоа беше “утринското будење”. Марија стана прва, ме разбуди. Набрзина станав, почнав да се облекувам. Марија сеуште седеше на креветот кога замислено ме праша:
– Ана, што ти е?
– Ништо.
– Што си така замислена?
– Не знам што да облечам!
Марија зачудено ми одговори: Па ти никогаш не си се грижела за тоа како си облечена и што зборуваат луѓето за тебе.
– Но, сега е поинаку, знаеш… Можеби е време да мислам што зборуваат, можеби имаат право.
– Мислиш на Тони, нели?
– Да! – без никакво двоумење одговорив и продолжив да пребарувам по коферот. Најдов нешто соодветно, нешто што ми се допадна. Марија, види како ми стои ова?
– Добро е. – рече Марија и продолжи да го мести креветот.
Се подготвивме, се дотеравме како да сакавме да го пружиме најскапоцениот дел од себе и отидовме на доручек во ресторанот. Влеговме, ги поздравивме сите и седнавме на истата маса каде што седевме вчера. По некое време дојдоа Зоки, Тони, Никола и Мики.
Мики во Охрид пристигна тоа утро. Бидејќи другите маси беа пополнети седнаа на масата каде што седевме ние. За време на доручекот чувствував нешто чудно во мене. Кога сакав да прозборам нешто, зборовите ми застануваа во грлото. Штом ќе ја почувствував близината на Тони нозете ми се вкочануваа и неможев да продолжам понатаму. Чувствував некој необичен студ во прстите на рацете. Кога ќе видев дека со него разговараат и се шегуваат други девојчиња, чувствував по малку љубомора. Посакував да сум на нивно место.
Дотогаш се немав заљубено… Затоа честопати се прашував дали се тоа знаците на љубовта. Некои велат дека тие се. Во себе си повторував дека Тони ми е само симпатија која со текот на времето ќе исчезне, но во целост не бев сосем сигурна. Со самата помисла на него, на неговото како склуптура извајано тело, ме правеше да се чувствувам среќна. Тој е моја прва љубов и моја тајна. Слатка тајна. Тони го чувствуваше спротивното. Во мене гледаше само симпатично, искрено и добро девојче, добра другарка која е подготвена секогаш да му помогне.

7.

По доручекот отидовме сите во своите соби. Собите беа на вториот кат, а хотелот имаше три ката. Секој кат имаше еден голем простор со масичка, а околу столчиња за седење. Всушност, тука започнаа нашите собири и долгите разговори. Тука седевме, игравме карти, или шах. Се смеевме и навистина убаво се забавувавме. Секој миг се повеќе се запознавававме и дознававме едени за други.
По ручекот времето беше како створено за одбојка на плажа и разладување со најубавиот сладолед од чоколадо и ванила. Вкусови кои требаше да траат до сервираниот нов мирис на вечерата. Секогаш за вечера имавме најубаво јадење, па затоа никој не ја пропушташе. Тони, Зоки и Никола повторно седеа со нас на масата и со уште две други девојчиња, Елена и Весна…
Ја држев шољата кафе со двете раце, убаво загреан порцелан полн до врв беспрекорни задоволства. Првата голтка ми го поцрвене јазикот од жештина, но ме заджа подолго за да ми го разбуди брзо мозокот, да потврди дека сеуште можам да почувствувам вкус. Велат некаде пред крајот воопшто не можеш ни да го сетиш, не можеш дури ни основните вкусови да ги препознаеш. Некаде пред крајот на денот, некаде пред да заспијам го правам ова за да можам да сонувам… Ноќе се сонува, ноќе можеш се што не можеш низ денот, имагинацијата е на најниската поличка и сосема дофатлива… Барем така се убедував…
– Седиш спроти мене, ти препознавам во очињата дека пак спремаш нешто палаво, ме предизвикуваш, имаш набодено големо парче месо, полудиво одгризуваш, потоа гризеш нежно, долго, или правиш да ми изгледа така… Ме гледаш цело време, знам дека уживаш кога гледаш како ме придобиваш, а тоа ти е лесна игра… веќе ме владееш… жапче мое…
По вечерата Марија отиде во собата на Елена и Весна, а јас останав сама. Излегов на балконот и гледав во далечината на езерото. Во прекрасната глетка што ја имаше нашата соба. Во глувата доба во ноќта ми се полнеше главата со чувства. Ја гледав месечината, гледав светулки… гледав убавина, но пак осамена бев. За се беше виновно она љубезно момче. Тој чекореше по едно големо пространство, по моето срце и тоа ме повредуваше. Чекореше полека и со секој чекор кршеше дел од моето срце. Ме кршеше со благиот поглед, со секоја лажна насмевка која будеше надеж во мене. И тој продолжуваше безрезервно да ми дава погледи и насмевки се додека целосно не ме повреди и срцето не ми го скрши на милион парчиња. Тони за мене сега беше ‘се, воздухот што го дишам, лебот што го јадам и сонот што го сонувам секоја ноќ. Наеднаш почувствував како некаква голема тага ме беше надвладеала. Ми ги беше совладала дамарите. Секој миг ми изгледаше како да е крајот веќе близу, како моето срце веќе да не чука…
Влезе Марија во собата: Што правиш?
– Ништо.
– Како ништо? Зошто ме лажеш?
– Не те лажам, ти кажав не правам ништо. А ти зошто се врати толку рано?
– Не сакав да те оставам сама бидејќи знаев дека си тажна, а и доцна е треба да си легнеме, утре рано ќе не будат.
Се подготвивме и легнавме. И по едночасовно лежење се слушаше само крцкањето на креветите во таа тишина, неможевме да заспиеме, а заморот и понатака не успеваше да не совлада. Сонот не доаѓаше, часовите брзо минуваа…
– Ана, спиеш ли?
– Не!
– Ни јас не можам да заспијам, само не знам зошто!?
– Не ми се зборува, утре ќе разговараме, остави ме се обидувам да спијам.
– Добра ноќ!
– И на тебе.
Секоја вечер, долго лежејки во креветот будна, ја ослушнував тишината за да ги сослушам придушените звуци на босите стапала што би ми дало на знаење дали е тука. Дали ќе ме чува цела ноќ и ќе ме милува со погледи.

(продолжува)

Заштитени авторски права © Славица Урумова-Марковска. Сите права се задржани. Строго е забрането копирање, повторно дистрибуирање, издавање или менување на кој било материјал што се наоѓа на веб-страницата www.muabet.mk, без претходна писмена согласност.