ПОСЛЕДНОТО ЕСЕНСКО ТАНГО (8-10)

8.

Утредента сонот ме штрекна. Погледнав на часовникот, кој покажуваше 8 часот. Мошне бавно, со долги, несигурни чекори и полека кревајќи ги нозете од подот, поминав покрај прозорецот набљудувајќи надвор. Светлината се слеваше низ целата негова големина. И продолжив како и порано… како и секогаш… како и секое поминато и наредно утро… со прашањето: Зошто? Седнав на креветот. Смешкајќи се зборував:
– Никаков отров на човек не му може ништо. Само во срцето љубовта ме испече. Зошто? Дали е љубов кога ја љубиш илузијата? Имаше многу работи кои што сакав да не ги кажам, туку со сета тежина и болка да ги проголтам иако знаев дека се тешки и тажни…
– Научи се раните да ги запишуваш во песок, а среќата да ја изрежеш во камен! Бидејќи на тоа не учи и приказната за двајца пријатели кои оделе низ една пустина… По патот се скарале и едниот го удрил другиот. Удрениот се почувствувал повредено… но молчејќи напишал во песокот: “Денес добив удар од мојот најдобар пријател“.
Продолжиле да одат се додека не наишле на оаза каде решиле да се избањаат. Оној кој добил удар за малку не се удавил бањајќи се, но животот му го спасил пријателот. Кога дошол при себе, изрежал на еден камен: “Денес мојот најдобар пријател ми го спаси животот!“
Тогаш пријателот кој претходно го удрил го запрашал: “Кога те удрив пораката ја напиша во песокот, а сега ја изрежа во камен. Зошто?“
Пријателот му одговорил: “Кога некој ќе ни направи нешто лошо, тоа треба да го запишеме во песокот за ветрот да го избрише, но кога некој ќе ни направи добро, тоа треба да го изгравираме на камен за никој и ништо да не може да го избрише!“
Но, имаше момент кога бев повредена од однесувањето на Марија. Тој ден Марија беше во друштво со Елена и Весна, а мене ме подзаборави. Затоа се чувствував неважно и тажно. Најповеќе од се ме повреди тоа што не сакаше да оди со мене на плажа, повеќе сакаше да остане со Елена и Весна.
Мојата мала љубомора на лицето ме издаде. Тоа го забележа Тони и затоа отиде со мене на плажа. Ветрот нежно дувкаше, трендафилите во паркот се нишкаа, а езерските бранови и зрнцата песок се љубеа нежно. Тогаш повторно почувствував колку го сакам Тони. Честопати се прашував како е да си вљубен. Откако го сретнав Тони го дознав одговорот. Ја открив магијата на првата љубов. Таа вечер неговиот глас ми се стори толку хармоничен. Првпат бев толку блиску до него, така што ја чувствував секоја негова воздишка. На секаков начин се обидував да го стопам мразот во неговото срце и да му дозволам со неговата топлина да ја исфрли својата болка.
Седевме на песокот речиси три часа. Разговорот течеше мирно и тивко, а и ноќта беше таква, мирна и тивка. Тој ми објаснуваше се во еден здив. Го гледав право во очи, но како да гледав низ него. Си верувавме еден на друг иако не се познававме добро, си ги кажавме и своите тајни, своите животни приказни. На Тони му се насолзија очите. За миг замолче. Со насмевка на усните, го погледнав:
– Немој да плачеш! Не си ти виновен за ништо. Понекогаш животот е суров и ни ги зема најмилите, оние кој ни се најпотребни во животот. Настапи на сила молкот. Тони чувствуваше вина што не отишол во болница да ја посети баба си иако била болна надевајќи се дека таа повторно ќе се врати дома. Но, одлетала без збогум како бел анѓел на небото.
Дотогаш немав видено како некој од машкиот пол плаче, освен на филмовите. Немав зборови со кои можев да го утешам. Силно посакав да му се фрлам во прегратка, да го гушнам цврсто и да го бакнам во образот, но се воздржав.
Тони беше силен – но сепак чувствителен, храбар –но сепак понекогаш беспомошен. По долгиот разговор стигнавме до хотелот. На влезот го сретнавме Гоце.
– Види, види… заљубени птички. Дали некој ви рекол дека сте многу сладок пар?
– Не… не, ние не сме пар.
– Би требало. Така сте слатки, така драги. Не можам ниту еден од вас да замислам со некој друг.
– Гоцееее! Чао!
– Стварно премногу зборуваш.
– Хахаххаа… Чаооо!
Додека се качувавме по скалите, знаев дека моето пријателство со Тони отсега натаму ќе биде нешто посебно. Не можев да го извадам од глава, ме заболеа неговите солзи. Дали бев мека на срце? Некако овие солзи посебно ми отежнаа во душата и заборавив на караницата со Марија. Легнав на креветот, но не бев премногу уморна за да заспијам веднаш штом ја спуштам главата на перница. Цела ноќ мислев на него. Го замислував како стои до мене, како дише. Неговите гради се креваа и спуштаа ритмички. Блескаше во ноќта неговиот лик. Не го допирав, но сепак можев да ја почувствувам неговата мазна кожа. Ме полазуваа слатки морници од самата помисла. Срцето ми трепереше од нежност. Колку и да ми се чинеше дека тоа е само сон, сепак се повеќе во мене оживуваше ликот на тоа прекрасно момче.
9.

Кога грчовито итам да се извлечам од креветот и со сета силина на чувствата да го засакам “денот”, срцето ми се крши од тага по недосонуваното. Го напуштам со ветување дека ќе го досонувам до крај, луцидно и смело, но онака како би ме направило посилна.
Прекрасниот и убав ден навестуваше дека ќе следи прекрасна димензија на самата изведба на виножитото. Чекајќи ја онаа правата, онаа вистинска форма и изведба на виножитото го гледав секое утро во раната зора. Како сакав јас да изгледа? Па може да се каже, по моја мера… разновидно, весело, убаво, во најразлични колоритни бои: жолто, зелено, виолетово, сино, светло… со еден збор кажано в о л ш е б н о…
Волшебно беше будењето замислувајќи го Тони. Бев среќна, бидејќи тоа е нашиот последен ден во Охрид. Ги отворив очите и надвор слушнав гласови. Веднаш ги препознав. Тоа беа професорите што не будеа наутро. Тропнаа на вратата: – Станувајте! Марија им отвори.
Како растеше денот, стануваше се повозбудлив за сите нас, а вечерниот пикник сите го очекуваа со нетрпение.
По вечерата седевме на брегот и го слушавме звукот на брановите кој ни шепотеше нешто, но не можевме да го разбереме нивниот шепот. Мислев на Тони, го чувствував благото езерско ветре како неговиот здив да ми го милува образот. Наеднаш ме полазија морници по телото кога го здогледав како зборува со една девојка. Се стаписав. Збунето станав, си заминав без збор да кажам. Забрзано чекорев до хотелот. Од моите очи се ронеа врели солзи, потреперувајќи како да ми студи сред лето. Солзите ми се лееја до румените усни и си ги оближував. Незапирав… Се затворив во собата и не пуштав никого да влезе, а всушност никој не се ни обиде. Се давев во солзи не знаев како да испливам на површината.
Сите забележаа дека ме нема, но никој не се запраша каде сум. Само Марија го знаеше одговорот и во тие мигови беше со мене, беше мојот анѓел чувар, се обидуваше да ме утеши. По некое време и двете се вративме на плажата. На лик бев храбра, но во себе тивко умирав. Тивко минуваа минутите, ноќта тонеше заедно со времето, а љубовта полека и неосетно се давеше во езерото.
Се додека седев на плажата, се додека со мислите патував по езерските бранови го извикував во себе неговото име, ја барав љубовта на Тони, но тој не можеше да ме слушне бидејќи беше со друга девојка. Неговото лице ми изгледаше како мила месечина која нежно ми ја гали душата.
На Марија и дојде една идеја да одиме да го побараме Тони. Тоа беше нашиот спас од таа безизлезна ситуација. Го најдовме внатре во хотелот со истата девојка со која што разговараше на плажата. Седеа таму каде што обично сите се собиравме во ходникот. Поитавме да им се придружиме.
Оној што љуби силно, го мачи силен страв, а кога стравот расне, љубовта гори посилно… Онаму каде што владее љубовта, љубомората себеси се нарекува стожар на љубовта…
Разговорот траеше до доцна во ноќта, а следниот ден иако изморени не ни беше тешко да се забавуваме со игрите на вода. Денот беше создаден за натпревари, сончев и ведар, прекрасен за да биде возбудлив. Се поделивме во пет групи и започна натпреварувањето. Победи мојот тим.
Така среќни од Охрид тргнавме за Скопје. На автобуската станица
со Марија никој не не пречека, па затоа со такси се вративме дома. Едно беше од сето ова сигурно, дека со Марија секогаш ќе бидеме добри другарки, а за стекнатите нови пријателства во Охрид не се знаеше дали ќе продолжат.

10.

Секое утро се будев со утринска свежина, со сончеви зраци. Скокотливо и разиграно ја пуштав најгласната музика, не го пиев кафето, набрзина правев чајни тостови ги бутав во себе додека го листав денешниот весник. Ги скокав вестите на денот, политиката, вестите во светот, хрониката… АААаааа… Хороскоп… Риби… “Ви претстои убав ден, оптимизмот ќе дојде до израз и без никаков проблем ќе ги совладате пречките благодарение на вашата безкомпромисна природа, љубовта… само затворете ги очите и посакајте”.
Веќе една недела се немав видено со Тони. Тоа ме измачуваше. Се прашував: Што е со него? Не можев да издржам повеќе, а да не го видам. Дали тој ја препозна мојата љубов? Дали е свесен дека ми значи се на светот? Се плашев дека можеби дознал за мојата возвишена љубов и затоа не ми се јавил. Сомнежот ми носеше жестока болка. Воздивнував, со незаситени погледи го гледав неговото движење, иако очите ми беа затворени. Му се молев на Бога да му објасни за мојата наклонетост, мојата желба, мојот копнеж, моите чувства, моќта на мојата љубов… Не сакав да бидам оттурната од Тони, сакав само малку нежност и одвреме навреме топол бакнеж на моите усни. Моето срце беше како скинат лист, ако тој не го ороси со еден сочен бакнеж, ќе свене. Во тој занес и вдахновение си мислев дека и тој ги прима овие далечни сигнали и пораки кои му ги праќам, иако тој не знае од кого се, ги чувствува како трепет или пак морници врз својата кожа. Преку својот инстинкт, си мислев, да може Тони да ги почувствува моите бакнежи и мојот допир, тогаш од тупотот на неговото срце ќе можев да ги откријам и неговите мисли. Но, него го немаше, а мојата потсвесна совест сеуште длабоко во мене тлееше надеж.
– Прекрасно, прекрасен ден! Веќе работите се наштимани, штом така вели локалниот астролог! Гласно се смеам грицкајќи тост! Набрзина хаосот го доведувам до уште поголем хаос, разбушавени локни, несмасно нашминкани усни, набрзина прибранa ташна! Бутам уште некоја тостерка во уста, се враќам по уште една и веќе почнувам да се смеам на својата лакомост. Го навлекувам џемперот со мирис на лаванда, оној кој најповеќе го сакаше тој. Ја заборавам марамата, се мислам дали да се вратам, но кому му е грижа! Во ритам скокам по скалите, велам добро утро на секој случаен минувач, ме гледаат чудно. Со себе носат мирис на свежо испечен леб. Мммм…подзастанувам да вдишам, мирис сличен како на бабиниот леб!
Додека шетав низ центарот на Скопје, се прашував: Зошто не ми испраќаше некаков знак дека е стварен, а не измислен во мојата фантазија? Дали се исплаши од мојата љубов, допирот на мојата душа?
Стасав дома, ја отворив вратата. Ја оставив ташната и најлонската кеса на подот, ги соблеков патиките, седнав. И што сега? Уште едно досадно попладне ме очекуваше. Досадата беше мојата најверна другарка и најлутиот непријател. Уште пред излегување си ветив самата дека нема да го отворам телефонот. Сето време размислував…, а зошто да не го отворам? – Ајде само сега и готово. Па не е ништо страшно ако нешто си ветиш себе си и не стоиш на зборот, нели, никој не е повреден? А и нема да го прекршам ветувањето, само ќе си поиграм малку, па ќе испратам некоја СМС и толку!
Погледнав на полицата пред мене, а тој стоеше таму и како да ме молеше да го земам. Среќна целата со таквата констатација, ја пуштив раката и го дофатив. Отворив…. а таму еден пар прекрасни зелени очи како гледаат некаде во друг правец. Насмевка како онаа на Мона Лиза, блага, таинствена и инспиративна. Зјапав во екранот на својот телефон како опиена и во бунило, како прв пат да го гледав тој лик. Го познавав толку добро, врежан во мојата меморија до најситниот детаљ на него, а пак го гледав како да не го познавам.
– Ама, ајде… што ти е тебе? Оди понатака! Кликнав и се отвори менито. Иконата на глобусот кој се врти ме предизвикуваше. Воздивнав длабоко и се приклучив на интернет, воопшто занемарувајќи ја сметката која ќе треба да ја платам. – Друг месец е сега, ова оди на следната сметка… Како тоа да беше важно, секако и нејзе ќе ја платам. Ништо нема, знам, знам добро дека повеќе нема што да очекувам….ама, пак…ќе проверам уште еднаш оваа вечер и готово! Додека упорно чекав да се отвори меилот, пак ми се заврте една мисла. Иако знам дека ништо нема, иако знам дека веќе е крај….Зошто повторно го правам ова? Зошто по неколку пати во минута се измачувам себе си? Зошто го мразам ова студенило на сивиот метал во моите раце, кога за ништо не е виновно? Звукот на примен меил ме врати во реалноста.
– Примен меил? Не, не е од него, сигурно! Побрзав да отворам и видов дека сум потполно во право. Гледам во меилот, читам, а не знаам што прочитав, зашто и не ми беше важно. Најважното го видов…. не беше од него. Се исклучив веднаш, пак со таа празнина во мене. Сеуште го држешев во рака сивиот метал. Барем да заѕвонеше? Колку копнеев по песната Listen to your heart од Roxette… Таа беше онаа најубавата музика за мене. Музика која ми ја исполнуваше душата со бескрајна среќа. Го гледав упорно повторувајќи го рефренот во мислите, го гледав со молк, а вриштев во себе од потребата да го слушнам тој звук. Знаев што ќе направам, имав идеја. Го отворив фолдерот со Мp3 и ја пуштив. Песната на својот живот. Слушај го своето срце… Звуците на баладата ме растреперија до максимум. Упорно се обидував да ја проголтам грутката во грлото…. и на крај се скршив. Потекоа солзите по лицето наоѓајќи ја својата смрт на моите гради. Плачев така со наведната глава, го гледав тој ангелски лик низ насолзените очи, ја впивав песната со душа жедна за неговите прегратки, изгубена во просторот и времето.
Автомобилот кој се паркира пред мојата куќа ме раздрма силно и ме врати назад. – Аххххх…. јас сум луда. Тотално луда. Погледна на саатот и ме фати ужас! Цел саат седев и зјапав во телефонот? Ги избришав солзите со нервозно движење на раката. Го затворив телефонот и го оставив на полицата, така мртов. Тоа беше само едно парче метал кое сега не ми значеше ништо. Мртов и безживотен. Го мразев тој телефон.

(продолжува)

Заштитени авторски права © Славица Урумова-Марковска. Сите права се задржани. Строго е забрането копирање, повторно дистрибуирање, издавање или менување на кој било материјал што се наоѓа на веб-страницата www.muabet.mk, без претходна писмена согласност.