ПОСЛЕДНОТО ЕСЕНСКО ТАНГО (11-13)

11.

За среќа или пак за изненадување на сите еден ден се договоривме да излеземе во град сите заедно. Таа вечер си поминавме навистина супер. По таа вечер имаше уште една, па уште една… Се среќававме и сите заедно негувавме дел од она што не поврзуваше, исто како кога две точки ќе се сретнат па се допирнуваат во една точка, во еден момент, а секој од нас меѓу себе се гледаше од време на време во зависност од допирните точки што се тркалаат во животот, точките што јас се осмелив да ги нацртам бисери.
Постанокот на бисерот е поврзан со длабокото сознание за себеси. Настанува од солзите на школката во која навлегува зрно песок. Бранејќи се од болката школката го обвива зрното се додека од него не формира глатка структура што веќе не и нанесува болка. Бисерот зазема разни облици, а тоа се гледа дури кога школката ќе се отвори и ќе ја открие својата тајна на болката. Токму на тие солзи Јас им бев во потрага, или да се рече во нивната бисерна рехабилитација! А секоја школка не прави бисер од својата болка ако наиде на зрно песок.
За тоа време се уште немав научено да го сакам Тони како пријател, сакав повеќе од пријателство и таа тајна ја криев мошне умешно, така што и по толку време никој не го забележа тоа, а најмногу Тони можеше да претпостави дека постои некој кој толку многу го сака.
Успеа да ми се вовлече под кожа. Онака тивко, подмолно, како крадец на прсти, успеа да ми го опседне секој атом на телото, да ми ја окупира секоја клетка. Дали е свесен каква бура предизвика во мојот живот? Дали знае дека успеа да ми го сврти вниманието кон работи за кои воопшто не размислував? Дали знае дека ме нартера да ги погазам сите свои принципи и да ги прекршам сите свои правила? Ех… кога би можела само да го вратам времето назад… Знам дека повторно би го љубела…
Влегувам во светлиот свет, со вжарени усни, румени образи, со широко отворени очи, но и затворени само за него…, а јас со предвремено трасирано патче веднаш на аголот каде што ме чека убаво приготвено кафе и мирис на грст топли лешници, циметот го изоставував, иако го обожавав, тој не го сакаше. Токму пред да влезам ги затворам очите, ги грицкам усните и посакувам да е дојден пред мене…мммх…го нема! Барам место до прозорот, ако треба и ќе чекам и безобразно ќе гледам во некого кој веќе го испил кафето и само седи за да си го дочита весникот, тоа место заслужува да биде наше! Дојдов по моето “те сакам”, дојдов по дечкото на денот. Заслужуваме да бидеме на излогот сите да го видат тоа.
Ми успеа начинот со убава намера, се сместив онаму каде што јас сакав, се наместив на начин на кој што јас сакам, го ставив ранецот сосема некултурно веднаш до удобното столче, но не ми беше гајле и го отворив денешниот весник, но прво го порачав вкусот на денот. Овој пат го листам од самиот почеток не минувајќи ги вестите на денот, веќе денот убаво е предвиден нема простор за грижи и нетрпеливост. Го чекаме мирисот на денот, оној неговиот, посебен, мешавина од саналовина, остаток од колонската вода секако, не како есенција, омекнувач за алишта и едноставно, неговото височество неговиот природен мирис. Ова е едно од тие утра кога јас се лутам на неговите шеги на моја сметка кои ги прави секогаш кога доаѓа и ме гледа занесена во новостите со полни очи солзи, загрижен поглед, на исток пак немири…
Знаеше уште толку да ме донесе во хаос, со меко склопена тупаница ми ја триеше косата, а потоа ме бакнуваше во неа, потоа во челото па во устата! Ммм… верувам во хороскоп, затвори ги очите и посакај! Наивна убавина, полна сонца, полна љубов, чиста. Ако убаво се присетам на неговата смисла за хумор, сеуште го мразам и се нервирам, но сепак беше шармантен. Секогаш замеруваше интересно на моите грижи зошто не сум го погодила правиот тон или зошто наместо чај од лимон, случајно сум ставила чај од портокал вчера, или правеше шега на моја сметка кога случајно ќе го удрев, ќе му брцнев во окото, штипнев или искубев, а тој глумеше повреден, глумеше страшни болки, а јас грижливо се извинував многу пати, за да на крај ме гушне и почне на глас да се смее. Убав ритуал пред да започнат да се раздиплуваат мислите преточени во зборови полни белешки, планови за денот… Го галам по косата додека занесено ми раскажува, а потоа си ја мирисам раката, мириса на него, кафе и него… и веќе не го ни слушам, само се впивам во неговите гради направени по калап на мојата глава и удобно се потпирам. Сакам кога навистина се лути затоа што го сакам, а не слушам… Нека сум проклета ако некогаш се разидеме. Го слушам додека внимателно ја разгледувам шољата за кафе која е напукната на врвот, ги разгледувам нејзините уникатни процепи како резултат на топло-ладните моменти и тортури на садомијачот (веројатно тоа е неговата вокација), јадната. Иако внимателно гледам, сконцентрирано слушам и се радувам за неговите светли планови со клуч на успех! Го чекам и моментот “потоа ние двајца…” …ааах ние двајца… За крај го добивам моето т е с а к а м, тој го добива неговото т е љ у б а м… и се разделуваме, едвај, враќајки се мал милион пати да се прегрнеме и бакнеме уште еднаш за да ни трае до подоцна… Се разбудив во бела соба…

12.

Состанок. Долго време си немав дозволено таков луксуз. Спремав када полна со купка, а во позадина одеше Mario – Let me love yоu. Весела бев, во очекување, сакав да се спремам не само за него туку и за мене. Ми се врати насмевката. Излегов од када, се намачкав со лосион и почнав да се шминкам. Очите ми блескаа како црни камчиња. Внимателно барав облека… Влегов во таксито. Се смешкав. Таксистот збунето ме меркаше на ретровизор, не ми беше гајле, ги чувствував пеперутките во стомак, знаев дека пливам во непознати води, меѓутоа овој пат ќе биде поинаку се тешев сама… Ме пречека со насмевка, ме прегрна и бакна, се припив кон него и ја возвратив прегратката.
Но, токму таму го добив и второто разочарување од љубовта. Со Тони отидовме во парк да возиме ролери. Се чувствував како камен на срцето да ми падна кога Тони повторно како онаа вечер на плажата ми се довери и ми кажа дека му се допаѓа Марија. Ми беше тешко но не потклекнав пред љубовта, се држев храбро, но како да не ја чувствував земјата на која стоев. Си ветив себе си дека заради љубовта нема повеќе да плачам, не вреди, таа доаѓа и си оди. Подготвена бев да се откажам од својата тајна љубов доколку и Марија го чувствува истото за Тони.
Од парк отидов право кај Марија и цело време и поставував најчудни прашања, но не можејќи да се разбереме ја прашав директно:
-Марија, дали ти се допаѓа Тони?
-Не е мој тип. Зошто ме прашуваш кога знаеш.
-Не, па ништо, така, само ме интересираше што мислиш.
Штом се вратив дома го земав мобилниот и му напишав порака на Тони: “Имам лоша вест. На Марија не и се допаѓаш. Вели дека не си нејзин тип. Баш ми е жал”.
На ова не добив одговор… но стварноста не го повреди Тони и останавме пријатели. Се остана како што беше дури и тогаш кога Марија дозна дека Тони ја сака, а мене ме фати во лага – една вечер додека бевме излезени во едно кафуле. Марија му го зема мобилниот телефон на Тони и случајно ја прочита пораката што му ја пратив. Голема грешка направил што не ја избришал веднаш пораката откако ја прочитал, си помисли Марија.
– Зошто не ми кажа?
– Што да ти кажам.
– За Тони…
– Затоа што немаше да ми одговориш искрено, а секако и бев спремна да се откажам од него заради тебе. – без размислување рече Ана и и раскажа се отпочеток, а Марија знаеше дека е искрено.
…Љубовта е како кромид, лупиш слој по слој, додека не заплачеш…
Вечерта многу врнеше дожд, а Јас го слушав неговиот лажен шепот што се губи во ритмот на дождот. Се сеќавав на некои зборови од детството… кога еден човек ми подаде рака за да ме однесе од другата страна на улицата:
-Не се плаши малечка, кога мама не е со тебе. Тој што се крие зад облаците е со тебе!
Обземена од размислувањата, се сетив дека долг период не фатив мастило и хартија во рака. Земав и почнав да пишувам. Споменот го преточував во љубовни песни кои беа врежани во моето срце. Пред мене лебдеа неговите зборови, но сепак не можев да ја овековечам неговата убавина и љубовта што ја чувствував. Бев сосем сигурна дека таа љубов проникна и може да живее само во моето срце, а всушност во тоа срце беше и суштинската врска на убавината кај Тони која Јас ја гледав. Можеби и другите девојчиња ја гледале неговата убавина, но не ја забележувале, а можеби и му се восхитувале на неговиот мил карактер, навидум секојдневен и скромен за другите очи.
Додека пишував се плашев дека зборовите ќе ми заминат во вечноста и нема да ја имаат вистинската моќ. Во нив отпрвин не стоеше неговото име се додека таа вечер не добив сила која дотогаш ја немав и напишав:
Не можам
да дозволам да одиш,
а да не ти го отворам срцето!
Срцето полно со болка,
страдање, носталгија, тежнеење…
Зошто не ја соединиме
среќата и тагата?!
Тони, завиткај ме
со твојата љубов
како со наметка
и носи ме…
Овие стихови беа доволни да се открие тајната. Но, сега веќе беше за се доцна. Тони многу доцна дозна за невозвратената љубов што ја чувствував. Но и понатаму повеќе пати се прашував: Дали тој ја разбра некогаш мојата љубов?
Небото се надвиснало смуртено. Тешки облаци како пластови го прекрија небото носени од ладен ветер и наизглед дрворедите како од жал да се виткаат на една страна. Од нив се ронат позлатени лисја и се гледа како во воздухот танцуваат, кружно движејќи се, споро паѓаат на земјата. Одвреме навреме истура дожд. Дојде времето за чадорите и затоа како печурки висат над главите на минувачите. Најпријатно се чувствуваат олуците и покривите на куќите. Калдрмите ликуваат на свенати црвени обравчиња… Времето започна со сликање на тажната природа, но сепак ако подобро во неа погледнеме со окото на сликарот таа е златна и убава. Првите есенски дождови полека ги плакнат и последните траги од летото…

13.

Седната до прозорецот, ја набљудувам воолшебната есен, нејзините убавини и нејзините богати плодови. Ги набљудувам сончевите зраци, обоени со блескави, живи и фантастични бои, какви што може да даде само природата. На телефонската жица како ѓердан бисерен се нанижани стотици ластовички, кои заминуваат на југ. Од круната на старата јаболкница во дворот, веќе не се слушаше гласот на славејчето. Врапчињата беа тажни. Тагуваа по деновите полни со сончевина. Од богатиот род се виткаа гранките на дуњите, сливите, крушите… Есента сврати во сечиј дом и остави богати дарови… Секна песната на птиците. Оголеа дрвјата и пасиштата, остана да се слуша жуборот на поточето кое ги носеше првите откинати лисја на дабот, буката, брезата и другите листопадни дрвја. Есента со својата музика како да го украде џагорот на децата и возрасните.
Како и да е, летото остана зад мене. Останаа само спомените од него и откриената тајна на првата љубов. Но, мораше некогаш да дојде крај на се. Крај на една голема надеж и неостварени желби. Повеќе не венеев по него како скинат лист. Се прашував само: Зошто влезе во мојот живот?
Деновите ми беа мирни и спокојни. Тони дојде како ветер во мојот живот да го разбранува моето мирно езеро. Зошто го сакав? Можеби поради косата која му паѓаше постојано врз зелените очи. Можеби поради неговото убаво лице. Имаше некаква магија во неговата појава, усните што му беа свежи како оросени лисја, а одот мек и сигурен каков што имаат само принцовите.
Се запознавме сосем случајно и времето од тогаш како да имаше за мене посебен ток. Уживав во неговото друштво… Имавме толку среќни мигови, заеднички прошетки и само пријателство. Луѓето велеа: Времето ми ги излечи сите рани! Но, дали беше тоа така?!
Сега кога љубовта исчезна и научив да го сакам и ценам како пријател бев среќна. Честопати го слушав шепотот на спомените од тоа лето, ги разгледував фотографиите кои имаа волшебна моќ, незаборав по толку време, а и пријателите сами ме потсетуваа на тие заеднички денови поминати во Охрид. Тоа пријателство нема сила што ден денес може да го раскине. Со сето ова што го доживеав го сфатив вистинското значење на зборот пријател: Пријател е оној кој ти дава потполна слобода да бидеш оној кој си!
Откако го сретнав Горан убедена сум дека сфатив што е вистинска љубов. Моите сништа сега се протегаа пред моите очи. За се што сонував, стана реалност. Но, дали е така? Се уште остануваат отворени прашањата: Што претставуваше Тони за мене? Дали Јас навистина го сакав?! Многуте загатки кои ни ги задава животот треба најпрво да се одгатнат за да станат можен одговор на прашањата кои ни ги поставува срцето … ЉУБОВТА Е КАКО УТРИНСКА СВЕТЛИНА – ТЕ ЗАСЛЕПУВА, НО ВИСТИНСКАТА ЉУБОВ СЕКОГАШ Е ПОСТОЈАНА!…

(продолжува)

Заштитени авторски права © Славица Урумова-Марковска. Сите права се задржани. Строго е забрането копирање, повторно дистрибуирање, издавање или менување на кој било материјал што се наоѓа на веб-страницата www.muabet.mk, без претходна писмена согласност.