ПОСЛЕДНОТО ЕСЕНСКО ТАНГО (14-15)

14.

Се е исто како лани, само што годината натежнува како што листовите се напластуваат врз покривите од куќите….
Времето минува и повторно доаѓа есента. Седам во салонот. Ме обзема некоја возбуда кога ќе помислам на летото кое поминало. Ги гледам луѓето што ги шетаат своите миленици крај мојот двор. Прозорецот ми беше отворен. Утрото се вовлече низ дупчињата на платнената завеса. Мирисот на последниот ден од летото ми го милуваше се уште заспаното тело. Денес и утре се спојуваат летото и есента. Денот е на допирот, нежното минување од прегратка во бакнеж, миг е на љубовта… Ме обзема некоја тага по прошетка, за љубов, по потрага на возбуди. Не ни почувствував како измина времето, изминаа годините, лесно, бурно, тажно, среќно, напорно и тешко, но во овој миг ме обзема еден чудесен мир. Наеднаш почувствував дека се уште имам време и слобода да одам по своите соништа. Меѓутоа новата нишка бисери како да им го отвори патот на другите заборавени солзи во мојата фиока… Но, оттогаш почна правото бисерно време…
Во доцната есен газејќи и подбутнувајки по некој лист, чекорев низ блискиот парк со мисли полна глава. Дали може бар ветерот да однесе некоја со него, да ми ја расчисти малце и душата? Преморена од се, ги гледав децата како трчаат по тревниците, смешкајќи се мило и толку невино. Што знаат тие утре што ги чека? Посакував повторно да сум дете и да имам безгрижно детство. Повторно да трчам низ тревниците и да се смеам како и секое останато детенце во паркот, а кога ќе се уморам да се вивнам во мајчина прегратка и топло да заспијам. Под најголемата заштита на светот, во мајчиното крило.
Навистина, никаде на светот лисјата толку убаво не паѓаат како во Скопје. Има ли послатки приказни од оние што ги шепотат есенските листови додека во воздухот ја изведуваат магичната игра што ја нарекуваме “Последното есенско танго во Скопје”.
Ја сакав есента и минатата година, и годината пред неа, и оваа… Ја сакам нејзината сензација, нејзините воздишки ми наликуваат на поспано протегање на момче кое се буди во мојот кревет и се прашувам дали сето ова навистина се случило…
Кога ноќта ќе го постели своето темно платно врз денот светол… и во твоите прегратки јас полека заспивам, тогаш Бог, сон прекрасен ми праќа… Тогаш моите нежни фантазии ги допирам, ги оживувам… бидејќи ти стана сопственик на секое мое чувство, нежност, мисла…

15.
Го видов почетокот и крајот на виножитото. Почнуваше на тревникот, завршуваше во длабочината на твоите очи. Те видов од далеку. Ти се приближив. Ти пак беше далеку. Се качив на виножитото и се спуштив лизгајќи се по него за да стигнам до тебе. Се завртев наоколу, тебе пак те немаше. Каде си? Си подигруваш, или навистина те нема? Го слушнав твојот глас како ми довикува: “Ехеејјј еве сум”. Рипнав веднаш и колку што ме држеа нозете трчав. Ја обиколив целата… но тебе те немаше… Знаев дека секое привидение, секој глас е само илузија во моите очи и уши. Тоа го знаев уште од почетокот, но тешко ми беше да ја прифатам реалноста, да се привикнам на твоето отсуство. Се завртев и го испружив првиот чекор да си одам дома. Тогаш нешто силно ме стресе во џебот. Тоа беше мојот мобилен телефон кој беше подесен да вибрира при добивање смс порака. Целата се вџашив кога видов дека пораката е од тебе. Целата возбудена и во трепет стискав со палецот што побрзо да ја видам содржината на твојата порака. Но наместо еднаш, стиснав три пати и на екранот пишуваше: “Message deleted!”. AAAAAaaaaaaa… го треснав мобилниот. Почнав да липам. Најпосле сетив топол бакнеж по вратот. Се свртев и те гушнав… Погледнав низ прозорецот… го видов почетокот и крајот на виножитото. Почнуваше на тревникот, а завршуваше… тука.

(продолжува)

Заштитени авторски права © Славица Урумова-Марковска. Сите права се задржани. Строго е забрането копирање, повторно дистрибуирање, издавање или менување на кој било материјал што се наоѓа на веб-страницата www.muabet.mk, без претходна писмена согласност.