ПОСЛЕДНОТО ЕСЕНСКО ТАНГО (16-17)

16.
Главата полна со прашања.
Скитајќи по одговори….
Не можам …, а морам… да се пронајдам … себеси!!!…
Сеќавањата преовладуваат, иако чуствата се стивнати и изгледаат како со сила згаснат оган…
17.
Следниот пат кога ќе се сретнам со моите пријатели ќе предложам секој од нас да влезе во својата внатрешност и да раскаже за бисерите што се нанижале, за овие седум години откако не се гледаме толку често. Лесно е да се каже како изгледа езерото или во овој случај бисерот на дневна светлина и ако не си слеп, посебно ако бисерот е некој друг, а не ти самиот. Но, сега стасав да ја завршам мислата…

P.S Август 2001

Се вратив од Охрид опиена од бои, слики, мириси, болки… и што уште не! Ликот ми носи печат на нешто исконско и ми се чини дури дека и носот ми се издолжи! Се вратив со полно срце, удрив печат на некои тајни што ги криев, но ја препознав ѕвездата во себе што ме води секогаш напред.
Мама секогаш ми зборува: “Кој не ме сака, тој не ме заслужува” и во потполност се согласувам со тоа. Се потсетувам на стиховите: “Љубовта е мач со две острици. Да не се сака, значи да се пати, а да се сака да се пати уште повеќе.” … Убаво… и вистинито. Нивен автор е еден поет од Сао Паоло, Menoti del Picchia.
Мојата исповед ја достигна најголемата длабочина… и на самото дно барав одговори на прашањата кои ме мачат сеуште од твоето постоење во моите мисли… Но, кога душата не се согласува со срцето, а разумот е само поим, тогаш се наоѓаш во другата димензија на љубовта каде минатото, сегашноста и иднината се сплотени во едно, а се друго е илузија заглавена во просторот…
… Навидум заборав на минатото … или љубов во форма на вистина…
Вреди ли моево срце за тебе, како што твоето живее во битието на мојата срж!…
Понекогаш е доволна минута, светот да ги смени боите! Само една длабока воздишка и се наоколу да се смири. Понекогаш е доволно да го запреш движењето и да видиш нешта кои никогаш дотогаш не си ги видел. Само кратко затворање на очите и да слушнеш како зборува моето срце, како шумоли ветрот, како шушкаат лисјата… и го играат своето последно есенско танго во Скопје… Ритмот на природата, е ритмот на нашата среќа…
… За крај…
… Ве оставам со сознанието: Бисери има насекаде, само треба човек да ги препознае, ако не му е дадена прилика сам да ги створи!

Новиот Шекспир кој отуѓен од светот го пишуваше својот роман, првенец… го заврши.
– Знам.
– Го знаеш ли случувањето?
– Секако дека знам!
– Знаеш за таа трагедија?
– За тебе љубовта е трагедија? Трагично е да не се сака…
– Да, но можеби не знаеш баш се. Ти ветив дека ќе го исфрлам од мислите. Но, сетив дека неговата душа го запоседна моето тело и ја исфрли мојата душа. Не ми веруваш? Многу е едноставно. Тоа се вика селидба на душа. Никогаш не си слушнал за тоа? Влезе во мене и ме претвори во танчарка која деноноќно со музиката на зборовите и перото го игра Последното есенско танго во Скопје…
Кога чувствуваме дека љубовта ја снемува, ни преостанува само бегство. Бегство од зборови, допири и сожалување, бидејќи нема ништо почувствително ниту попатетично од тоа да не се сака оној кој не сака нас.
– Се спакував. Можеме веднаш да тргнеме. Ќе јадеме некаде по пат, тоа е така романтично…

(крај)

Заштитени авторски права © Славица Урумова-Марковска. Сите права се задржани. Строго е забрането копирање, повторно дистрибуирање, издавање или менување на кој било материјал што се наоѓа на веб-страницата www.muabet.mk, без претходна писмена согласност.