Божиќен концерт на Македонската филхармонија

Следејќи ја традицијата, Македонската филхармонија и годинава ќе го одржи Божикниот концерт посветен на еден од најголемите христијански празници. Под палката на маестро Саша Николовски-Ѓумар, на Божиќ (четврток, 7 јануари) во Македонскиот народен театар во 12 часот, оркестарот на Македонската филхармонија ќе ги изведе познатите сегменти од балетите, оперите и оркестарските дела на големите руски автори Чајковски, Бородин, Глазунов, Глинка и Мусоргски.

Од големиот композитор Петар Илич Чајковски ќе биде изведена свитата „Оревокршачка“, наедно и негов најпознат балет, во кој авторот се карактеризирал како творец на прекрасни, питки мелодии и како мајстор на инструментација, додека од Александар Бородин ќе биде изведен најубавиот сегмент од неговата опера „Кнез Игор“ – „Половецки танци“. На програмата е и интермецото од балетот „Рајмонда“ на Александар Глазунов, за кој и критиката ќе се согласи дека остава најсилен впечаток од неговото творештво, а ќе биде изведено и маестралното дело „Валс – фантазија“ од Михаил Глинка. Концертот ќе заврши со „Големата порта на Киев“ од „Слики од изложба“ од Модест Петровиќ Мусоргски, чија музика ја опишуваат како необично страсна, па и заразна.

Македонската филхармонија следниот концерт ќе го одржи на 28 јануари, кога под наслов „Танц на судбината“, а под палката на маестро Емил Табаков, ќе биде изведен Концертот за пијано и оркестар бр. 1 од Франц Лист, со пијанистката Мартина Фиљак од Хрватска како солист, како и грандиозната Петта симфонија од Густав Малер.

Facebook Comments
dare

dare

Уредник на муабет.мк