Мартина Фиљак, пијанистка: „Средбата со нова публика е и ново доживување“

Мартина Фиљак, пијанистка: „Средбата со нова публика е и ново доживување“

Пијанистката со светско реноме Мартина Фиљак (1978), се вбројува меѓу најталентираните хрватски музичари од помладата генерација, која со својата страсна и лирска изведба и техничка перфекција ја воодушевува меѓународната јавност како уметница со „магнетска сценска присутност“. Таа ќе настапи како солист со Македонската филхармонија на 28 јануари во Домот на АРМ во 20 часот, на концертот насловен „Танц на судбината“, изведувајќи го Концертот за пијано и оркестар бр. 1 од Франц Лист. Под палката на маестро Емил Табаков од Бугарија, оркестарот оваа вечер ќе ја изведе и грандиозната Петта симфонија од Густав Малер.

Мартина Фиљак настапува во „Концертхаус“ во Берлин, „Музиквереин“ во Виена, „Карнеги хол“ во Њујорк… Магазинот „Њујорк тајмс“ за неа напиша дека поседува „живописна и привлечна сценска присутност…, снаодливост во техниката и природна музикалност… Пијанистката е вредна за внимание…“ Добитничка е на многу награди и признанија во својата родна земја, но ги добива и првата награда на меѓународниот натпревар по пијано „Виоти“, како и првата награда на „Марија Каналс“ во Барселона. Настапува со оркестри како Симфонискиот оркестар на Билбао, Московскиот државен симфониски оркестар, Симфонискиот оркестар на Тенерифе, Филхармонискиот оркестар на Торино, Загрепската филхармонија…, а одржува рецитали во познати концертни сали во Амстердам, Стразбур, Барселона, Берлин..

За нејзиното прво гостување во Скопје, со Македонската филхармонија, вели: „Секоја средба со оркестар со кој прв пат настапувам, како и со нова публика, е едно ново доживување, но и процес од кој учиме и едните и другите. Концертот за пијано од Лист е мошне забавен, но бара цврста и јасна интеракција помеѓу солистот, оркестарот и диригентот. Со оглед на тоа што многу патувам и многу настапувам, навикнав на низа различни околности и научив дека е најдобро да немам очекувања, туку да им пристапам на колегите со отворен ум и срце и да бидам секогаш подготвена да дадам најдобро од себе.“

На прашањето, зошто токму Концертот бр. 1 од Франц Лист, Фиљак истакнува: „Од сите дела за пијано и оркестар чувствувам дека Првиот концерт е најквалитетен и како форма, но и по начинот на комуникација на солистот со оркестарот, кој варира од исклучително камерен однос, па се до интензивен симфониски начин на изразување. Ретко во концертите за пијано од тој период се наоѓа толку долго соло како во вториот став, што во скоро оперската драматургија на целото дело го сметам за мошне посебно.“

Мартина Фиљак е родена во семeјство на музичари. Таа е ќерка на пијанистот Ранко Фиљак, и пијано почнала да учи на пет години, а веќе во шестата првпат јавно настапила. Образованието го стекнала на Музичката академија во Загреб и на Конзерваториумот во Виена, во класата на Владимир Крпан, а потоа во реномираната класа за солисти во Хановер. На прашањето, што е она што таа како најдобар совет го памети од нејзиниот татко, вели: „За жал, мојот татко го напушти овој свет кога имав само четири години. Моите најрани сеќавања се одбележани со бескрајна љубов и посветеност спрема музиката, уметноста, спрема соработниците и студентите со кои пораснав како негова оставина. Како и секоја нова генерација во сите професии, мојата генерација стои на рамената на своите татковци. Затоа, денес најмногу верувам во константна работа и бескомпромисно тежнеење кон сопствен пат.“

Фиљак е назначена за амбасадорка за развој на музичкото образование. Во Германија соработува со Ларс Вогт на проектот „Рапсодија во училиште“ каде што реномирани уметници се среќаваат со децата, а исто така собира средства за „Стипендијата Мартина Фиљак“, чија цел е стимулирање на музичкото образование на младите во Кливленд, Охајо. Вели дека е тешко денес на младите да им се даде само еден совет. „Тоа е така ако знаеме колку е патот пред нив можеби тежок и понекогаш трновит. Љубовта, вистинската и длабоката љубов, и почитта спрема музиката и уметноста, нека биде почеток и крај.“

Share Button
dare

dare

Уредник на муабет.мк

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.