„Клецмер фешта“ со виртуозот на кларинет Исмаил Лумановски и Македонската филхармонија

Македонскиот и светски виртуоз на кларинетот Исмаил Лумановски, кој годиниве наназад живее и твори во центарот на културата Њујорк, ќе настапи како солист со Македонската филхармонија на концертот насловен „Клецмер фешта“, кој ќе се одржи на 18 февруари во Домот на АРМ во 20 часот. Диригент е маестро Дорон Саломон од Израел, кој од 1994 до 1996 година беше шеф-диригент и на оркестарот на Македонската филхармонија, и со кого оствари незаборавни изведби.
Концертот „Клецмер фешта“, како што кажува и насловот, ќе претстави дела инспирирани од Еврејската и од т.н. клецмер музика која пак, е фузија од ромската музика, Еврејската литургиска музика и типичните музички форми на Источна Европа. Македонската музичка публика ќе има можност да ги слушне Кончерто гросо бр.1 од Ернест Блох, свитата „Маскарада“ од Арам Хачатуријан, како и македонските премиери на Увертирата на Еврејски теми оп.34 од Сергеј Прокофјев и Клецмер концертот за кларинет од младиот полски композитор со еврејско потекло Влад Мархулец, на кое солист е Исмаил Лумановски.
Исмаил Лумановски (1984) со светска кариера зад себе, се смета за еден од најдобрите музичари на својата генерација во Македонија, кој живее и твори во Њујорк. Поседува силна музичка страст и динамичка виртуозност, што е само еден дел од неговите карактeристики како уметник. Тој веќе изгради исклучителна кариера како солист и камерен музичар и во класичниот, но и во т.н. крос-овер репертоар. Неговата синергија на вроден талент и работа, му овозможува да прави фасцинантни комбинации на народната музика со дисциплината на класичната музика. Лумановски настапува во САД, Европа, на Блискиот Исток, Кореја и во Кина, а за своите изведби постојано добива позитивни критики. Умее да ја маѓепса публиката низ целиот свет, а веќе настапил во врвни концертни сали, како „Ратхаус“ во Виена, „Карнеги хол“ во Њујорк, „Сал плејел“ во Париз, палатата Емирати во Абу Даби, центарот Кенеди во Вашингтон, центарот Беркли во Бостон и многу други. Од неговите досегашни настапи се издвојува концертот во Њујорк со изведба на Концертот за кларинет и оркестар од Елиот Картер, заедно со ансамблот „Њу Џулијард“ и „Луцерн академи фестивал“, а под диригентство на прочуениот авангарден композитор Пјер Булез. По завршувањето на музичката школа „Интерлохен“ во Мичиген, САД (каде што и дебитира во 2002 година изведувајќи го Концертот за кларинет и оркестар на Вебер), Лумановски дипломираше и магистрираше на Музичката школа „Џулијард“ во Њујорк, каде што му беа доделени три стипендии за време на неговото студирање работејќи со Чарлс Најдих и Ајако Ошима. Добитник е на многу награди во Македонија, Бугарија, САД, од кои се издвојуваат првите награди на 23-тиот, 24-тиот и 25-тиот натпревар по кларинет во Македонија, како и двете награди „Фајн артс“ на академијата „Интерлохен“. Роден е во Битола, а кларинет почнал да учи на осумгодишна возраст, во класата на Панде Татарчевски. Многубројни се неговите настапи со реномирани оркестри како „Камерфилхармони“ од Германија, Филхармонијата на Катар, Ансамблот на Беркли, ансамблот „Њу Џулијард“, Светскиот младински симфониски оркестар, Македонската филхармонија, Фестивалскиот оркестар на Луцерн, или со музичари како Марсел Калифе и Ал Ди Меола. Основач е на светски познатиот оркестар „Њујорк Џипси ол старс“, со кој остварува турнеи во САД, Европа, Австралија и во Азија, а чиј репертоар е мешавина од разновидни жанрови, од балканската народна музика до западната класична музика. Кларинетот на Лумановски може да се слушне и на голем број врвни изданија.
Маестро Дорон Саломон е роден во Израел, каде што уште од најрана возраст почнал да изучува пијано, француска хорна и гитара. Во 1974 година добил стипендија од американско-израелската културна фондација за студии во странство, па така заминал во Лондон каде што на Кралскиот колеџ за музика специјализирал диригирање, композиција и класична гитара. Како диригент, се усовршувал кај познатите Франко Ферара во Сиена, Италија, и Леонард Бернштајн во Ерусалим. Во 1979 година ја освоил првата награда за диригирање со Симфонискиот оркестар на Ерусалим, а две недели подоцна се закитил повторно со прва награда на престижниот натпревар по диригирање во Бесанкон, Франција. Овие признанија биле иницијален чекор маестро Саломон да добива покани за диригирање од сите водечки оркестри во Израел, вклучувајќи ја и Израелската филхармонија, а подоцна и од сите водечки оркестри во Франција. Настапувал, меѓу другото, и со Лондонскиот и Симфонискиот оркестар на Би-би-си, со Миланскиот РАИ оркестар, со камерните оркестри на Берлин и на Милано… Во 1980 година во последен момент е поканет да го замени маестро Роберт Крафт на познатиот фестивал во Берлин, концерт што ќе помине со огромен успех и кој ќе му ги отвори вратите на Дорон Саломон за диригирање ширум светот со врвни ансамбли. Од 1984 до 1990 тој е музички директор и шеф-диригент на Симфониски оркестар во Шведска, од 1993 до 1999 е музички директор на Израелскиот камерен оркестар, од 1995 до 2000 е шеф-диригент и музички директор на Фогтланд филхармонијата во Германија, со кој во 1996 година ќе го отвори Меѓународниот „Спринг“ фестивал во Прага, со неверојатен успех во изведбата на третата симфонија од Брукнер, а со кој ќе оствари и турнеја во Кина и Шпанија… Дорон Саломон во текот на својата кариера реализирал многу снимки, од кои особено се издвојуваат оние со Фогтланд филхармонијата, со кои ги извел сите дела за пијано и оркестар од Клара Шуман, со пијанистката Елена Марголина.

Share Button
dare

dare

Уредник на муабет.мк

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.