„Од Русија со љубов“ со виолинистката Анна Кондратенко

Една од најдобрите македонски виолинистки, Анна Кондратенко, ќе настапи како солист со Македонската филхармонија на концертот „Од Русија со љубов“. Како што кажува и насловот, овој пат оркестарот на Македонската филхармонија, предводен од извонредниот Емил Табаков од Бугарија, ќе ја слави убавината на руската музика.

На програмата се Концертот бр. 1 за виолина и оркестар од Дмитриј Шостакович, кој се смета за едно од најдобрите дела на овој рускиот автор, создаден во 1947/48 година и посветен на прочуениот Давид Ојстрах, како и Симфонијата бр. 4 од рускиот гениј Петар Илич Чајковски, една од најдобрите воопшто во симфониската литература.

Дел од критиките за Анна Кондратенко ќе кажат дека е таа „виолинистка со фуриозен штрих“… која создава „музика како од оној свет“. Кондратенко во моментов е концерт-мајстор на Македонската филхармонија. Родена во Новосибирск (Русија), виолина почнува да изучува на четиригодишна возраст. Музичкото образование го започнува во Специјалната музичка школа во класите на професорите О. Марченко и А. Гвоздев (заслужен артист на Русија), а потоа продолжува во класата на прочуениот В. Третјаков на Високата музичка школа во Келн, каде што и дипломира во 2004 година. Нејзиниот талент за музика е забележен уште од најраната возраст и уште како дете Кондратенко се издвојува со победите на регионалните конкурси. Во 1995 година станува стипендист на Министерството за култура на Русија. Добитничка е на значајни награди, меѓу кои Прва награда на Меѓународниот конкурс „Blue Lake“ во Мичиген, САД (1992), Втора награда на серускиот конкурс „М. Ерденко“ во Москва, Русија (1995), Трета награда на Меѓународниот конкурс „Е. Мравински“ во Санкт Петербург, Русија (1996), Трета награда и награда од публиката на Меѓународниот конкурс „Yefrah Neaman“ во Маинц, Германија (1997) итн. Како солист и како концерт-мајстор постојано настапува со Младинскиот симфониски оркестар на Новосибирск, Симфонискиот оркестар на Филхармонијата на Новосибирск, Интернационалниот симфониски оркестар на Мичиген, Класише филхармоние во Бон, Германија итн., патувајќи во Русија, Украина, Унгарија, Германија, Шпанија, Франција, Бразил, САД, Малезија, Кина, Јапонија. Анна Кондратенко е и концерт-мајстор во оркестарот за снимање филмска музика „F.A.M.E.“. Мошне значајна е нејзината педагошка работа. Нејзините успеси и на ова поле се многубројните награди на националните и на меѓународните натпревари што ги освојуваат нејзините ученици.

Маестро Емил Табаков (1947) од Бугарија се смета за еден од најзначајните диригенти на овие простори. Образованието го завршува на Бугарската државна академија студирајќи контрабас на гудачкиот оддел, паралелно студира и дипломира на одделот за диригирање, а во 1978 година дипломира и на одделот по композиција. Една година пред тоа, Табаков ја освојува првата награда на натпреварот за млади диригенти „Николај Малко“ во Копенхаген и оттогаш неговата кариера рапидно расте. Од 1976 до 1979 работи како диригент на Филхармонијата во Русе, а од 1979 сè до 1988 година, тој е уметнички раководител и диригент на реномираниот камерен оркестар „Софиски солисти“, со кого остварува значајни концерти ширум светот. Во 1985 година станува диригент на Софиската филхармонија, од 1987-та е нејзин главен диригент, а од 1988-та до 2000 година музички директор и уметнички раководител. Од 1994 до 1999 година, маестро Табаков наедно е диригент и музички директор на Белградскиот филхармониски оркестар. Од 2002 до 2008 година, тој е главен диригент и музички директор на Билкент симфонискиот оркестар во Анкара, Турција, а од 2008-та и главен диригент на Симфонискиот оркестар на Бугарското национално радио. Покрај оркестрите во неговата родна Бугарија, како гостин-диригент настапува со оркестри во Германија, Англија, Шведска, Полска, Франција, Италија, Русија, Шпанија, Романија, Австрија, Швајцарија, Данска, САД, Австралија, Канада, Јапонија, Јужна Кореја, Сингапур, Тајван, Израел, Холандија… Маестро Табаков диригирал и многу оперски спектакли во Венеција и во Торино, на пример, а на репертоарот на овој диригент се наоѓаат многубројни симфониски оперски дела, од класичните, романтичните и од современите композитори, диригирајќи концерти со национални оркестри на Франција, Русија, Грција, Турција. Досега реализирал повеќе од 250 симфониски и оперски записи за голем број музички куќи во Бугарија, Германија, Холандија, САД, а од нив се издвојуваат комплетните снимки на сите симфонии од Густав Малер (колекција од 15 цедеа), комплетни циклуси симфонии од Александар Скрјабин и од Јоханес Брамс, сите концерти за пијано и оркестар од Лудвиг ван Бетовен… Покрај диригентската кариера, Емил Табаков се издвојува и како еден од најинтересните бугарски композитори. Автор е на многубројни концерти за различни инструменти, на дела различни по форма за симфониски оркестар (девет симфонии) и други формации. За неговите творби е наградуван од Сојузот на бугарските композитори, а голем број од овие композиции се веќе ставени на компакт-дискови. Носител е на престижни награди и како диригент, меѓу кои и на наградата личност на годината според Меѓународниот библиографски центар во Кембриџ, Англија, како еден од 100-те најдобри професионалци за 2012 година.

Share Button
dare

dare

Уредник на муабет.мк

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.