Македонската филхармонија со „Петре и волкот“ гостува во Гевгелија и Струга

Македонската филхармонија утре и во петок, ќе гостува во Гевгелија, односно во Струга, каде што под диригентство на маестро Борјан Цанев ќе се претстави со симфониски концерти наменети за најмладите. Оркестарот ќе настапи во Домот на културата „Македонија“ во Гевгелија, како и во Домот на културата „Браќа Миладиновци“ во Струга со почеток во 13 часот, со изведба на популарната оркестарска свита „Петре и волкот“.

„Петре и волкот“ е едно од најпознатите дела на рускиот композитор Сергеј Прокофјев и е неизоставен дел од репертоарот на сите симфониски оркестри, особено во театрите за деца. Свитата е напишана за наратор и оркестар, чии поединечни инструменти или групи на инструменти ги претставуваат ликовите во приказната. На тој начин, младите слушатели се запознаваат со составот на оркестарот.

И овој пат наратор е миленикот на детската публика, актерот Мартин Јорданоски, кој ќе ги води децата низ авантурите на Петре.

„Гостувањето на Македонската филхармонија во Гевгелија и во Струга е дел од мисијата на нашата институција да влијае врз музичката едукација на младите и во другите градови во Македонија. Оваа практика ја почнавме одамна и ја продолжуваме и годинава, и освен забавна и уметничка, ваквите концерти имаат и образовна цел. Децата се среќни, доаѓаат на нашите концерти и тоа за нив претставува нешто ново, нешто интересно, а во истовреме и многу поучно“, вели Маја Чанаќевиќ, директорка на Македонската филхармонија.

Share Button
dare

dare

Уредник на муабет.мк

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.