Јас сум најсебичната личност што ја познавам

Те сакам, е најубавиот збор. Најхуманиот, најдобриот, најпосакуваниот. Најдраг збор за изговарање и за слушање. Ама затоа пак “сакам” е себичен збор. Многу себичен. Барем така велат многумина. 

Ако е така, тогаш јас сум најсебичната личност што ја познавам.

Сакам подобар свет. Сакам подобра јас. Сакам подобра верзија од тебе. Сакам подобро време утре кога ќе станам од спиење. Сакам “добро утро” со фина интонација и бакнеж. Сакам појадок во кревет и млеко во кафето. Сакам и да не е превриено. Сакам варени јајца за појадок. И цеден сок од портокал.

Сакам подобра работа. Или нова работа. Сакам сите семафори да светат зелено. Сакам клучеви што брзо се наоѓаат. Сакам компјутерот на работа да не се рестартира секој ден на прво уклучување.

Сакам тишина. Сакам сонце на мојот прозорец. Сакам торба за јакната, за да не ја носам во раце. И ниски чизми ако одам пешки. Сакам продавници. И сакам да пазарам во нив. Најмногу храна. И “парталчиња”.

Сакам еднаш кога ќе дојдам од работа да ме чека ручек, а не мене да ме чекаат за да го спремам. Сакам кога ќе дојдам од работа да не ги засукувам ракавите и да се фаќам за работа, туку да се соблечам и да си го фатам креветот.

Сакам пилешка супа со лимон и бибер. Сакам да готвам кога сум нервозна и кога не сум. Сакам нови рецепти. Сакам лути пиперчиња. Сакам јајца на око. И месо!

Сакам телевизија на тивок тон. Сакам исклучено светло кога гледам филм. Сакам топлата вода да трае додека ми трае туширањето, а не обратно. Сакам да се шетам гола низ станот. Сакам топла облека. Пижами по дома. Сакам чоколадо со лешници.

Сакам кога ме моли кога сум лута. Сакам романтични вечери. Најмногу хоум мејд. Сакам вино. И црвено и бело. Сакам страсни бакнежи во најава за водење љубов. Сакам црна долна облека. Сакам долга предигра.Сакам ќерка. Сакам топло ќебенце во дневна. И ладен чаршаф во спална. Сакам какао пред спиење. Сакам се што свети да е исклучено кога спијам.

Сакам да сакам. Сакам ситници. Сакам едноставни работи. За јас да ги направам комплицирани. Сакам да одам на одмор. Сакам да си поседам. Сакам да пишувам, да пишувам и да пишувам.  Уште многу работи сакам.

 

Себично ли е да сакам?

 

Share Button

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.