Читањето е храна, но и фитнес за мозокот

Дигиталниот свет во кој живееме нè поттикнува да го избереме филмот пред книгата според која е направен, а вртоглаво динамичното секојдневие ни го скратува слободното време за континуирани средби со книгите. Сепак, ниту еден изговор не е доволно силен за да го оправда дистанцирањето од книжните извори на знаење и инспирација. Читањето книги без сомнеж го подобрува животот. Еве зошто треба да се дружите со книги секој ден:

Читањето е храна, но и фитнес за мозокот. Исто како на мускулите, и на мозокот му е неопходно вежбање за да остане во добра форма. Читањето нуди забавна ментална стимулација, која го одржува мозокот активен. Колку повеќе го ангажирате мозокот, толку посилен и поздрав ќе биде и ќе ве служи подолго време..

Книгите ја убиваат здодевноста и времето „лета“. Понекогаш ниту десетиците телевизиски канали и неисцрпното интернет пространство не нè спасуваат од здодевноста. Книгите се ефикасен убиец на здодевноста, кој убива додека нè полни со знаење и животни лекции.

Читањето го подобрува памтењето. За да навлезете во сржта на книгата, неопходно е да помните многу информации кои Ви се сервираат додека прелистувате од корица до корица – шареноликоста на ликовите, нивните имиња, нивното минато, амбициите и намерите… Со тоа ја подобрувате работата на мозокот, го зголемувате неговиот интелектуален капацитет и го изострувате памтењето.

Читањето е одлична вежба за концентрација. Читајќи, вие мора да останете фокусирани на дејството за да не се изгубите во динамиката на книгата. Откривајќи го значењето кое се крие во низите од зборови, вие не му дозволувате на мозокот да се расејува и си ја подобрувате концентрацијата.

Читањето е ефективен метод за релаксација и тајно оружје против стресот. Книгите ви даваат можност да избегате од секојдневието, грижите и обврските и привремено да заборавите на сè што се случува околу вас. Навлегувајќи во нов свет, вие на одреден начин го одмарате мозокот и го испраќате телото во релаксирачка состојба која на неочекуван начин ве исполнува со смиреност. Доволно е само 6 минути да се задлабочите во добро напишана книга за да го намалите стресот за 68%.

Читањето и елоквентноста одат рака под рака. Елоквентните личности ја обожаваат книжевноста. Тонењето во убавината на пишаниот збор го збогатува активниот и пасивниот речник, па колку повеќе книги сте оставиле со етикетата „прочитани“, толку потечно и побогато ќе се изразувате.

Книгите ја будат креативноста и ја зголемуваат љубопитноста. Колку повеќе читате, толку пољубопитни станувате.

Книгите го подобруваат друштвениот живот. Кога ќе сретнете личност која го обожава вашиот омилен автор, веднаш чувствувате поврзаност и лесно ја пуштате во вашиот пријателски круг.

Книгите го надополнуваат стекнатото знаење. И најлошите книги кријат низ страниците нешто ново за вас. Ѕиркајќи во нови култури и места низ светот, извлекувајќи поуки од туѓи грешки, консумирајќи ги мудростите на авторите и проникнувајќи во човековата психа, вие го надградувате знаењето кое никој не може да ви го одземе. Секоја книга го храни вашиот мозок со бројни информации кои ве прават помудри и поподготвени за авантурата наречена- живот!

Share Button

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.