Дете мое, не е тоа таков рак, ќе пораснеш еден ден, ќе разбереш

Ми се смачи веќе од тебе, не сакам да слушам веќе за тебе, не сакам да те гледам. Не сакам да знам за тебе! Доста ми е од тебе! Разбираш ли? Сотри се, нека те снема, земја нека те голтне, оди си од нас.

Помоќна си признавам, поголема си, понапредна си од нас луѓето, признавам сè само оди си.

Прв пат за тебе слушнав уште како малечка, имав само неколку години кога ми кажуваа колку била убава баба ми. Дека на неа личам, нејзините очи, нејзината коса, нејзиниот лик. И нејзиното име. Ама не дочекала да се родам. А за тоа, ти си виновна!

Слушнав: Да, преубава жена, таму почина во таа соба, беше болна од РАК!

Плачев и плачев, ги гледав фотографиите и ѝ велев на тетка ми: Зошто ти не ја чуваше баба, зошто ја остави сама ракот да ја лапне?!

-„Ах , дете мое, не е тоа таков рак, ќе пораснеш еден ден, ќе разбереш“.

Ах, зошто пораснав, зошто разбрав? Ми си смачи веќе да слушам за тебе! Секој ден, секој божји ден ти победуваш некого во туркање со рака! Секој ден ти рушиш нечиј живот.
Секој ден ти оставаш некои дечиња без мајка. Секој ден зацрнуваш некое семејство. Секој ден на некого му ја цедиш радоста. Секој ден на некого му ја земаш надежта. Секој ден, оставаш некого без татко, без сестра, без брат, без дете! Престани веќе! Не можам веќе да гледам.

Како да ти се одмаздам, за чичко Тоше, за чичко Геле, за тетка Лила, за тетка Весна, за баба Гина, за Игор, за Сузе, за Пеце, за Војо, за Гоце, за Ѓорчев, за Бојаџиева, за Конга, за Бабура, за Сашка, за баба?

Како да ти вратам за сите детски солзи, за сите болки во душата на нечии мајки, сестри и жени?

Доста секој ден слушам за тебе. Доста секој преглед на гинеколог, на мајка ми, сестра ми, тетка ми, другарка ми, одвај го преживувам. Доста веќе секое мое легнување на гинеколошки стол одвај го преживувам од страв да не ми кажат нешто. Доста веќе дознавам за тебе, на секој ќоше слушам за тебе. Во автобус, во комшии, на работа, на улица, во кафуле, пред зграда, во парк, на плажа!

Па луѓе мои, чуда направивте! Зошто не можеме една болест да победиме? Можете да направите боеви глави, но не можете да пронајдете лек за ракот?

Во каков свет живееме ние, каде растат нашите деца и каде умираат нашите мајки? Јас не сакам веќе да знам за ниедно детенце кое вечер ќе спие без мама. За ниедно момче кое утре ќе оди во школо без тато. За ниедна жена која ќе си легне без својот сопруг. За ниедна сестра која ќе облече црно за својот брат. За ниедна мајка која ќе живее без своето чедо од утре.

Не сакам да знам за ничии солзи, за ничие срце распарано, за ничија душа оцрнета. Не сакам да знам за ничиј дом без огниште, за ничија свадба без сватови, за ничие легло со празна перница..

Да имаш раце и нозе би ти ги пресекла, да имаш врат би те задавила, да имаш очи би ти ги ископала! Да имаш душа би ти ја земала. Затоа што ти секој ден ни ја земаш душата на сите нас.

Направете нешто, редно време е! Измислете, создадете, нешто направете. Доста војувате меѓу себе.

Држава против држава, вера против вера, име против име, брат против брат!

Доста е! Има само една војна. Ние луѓето од една страна и само еден зол противник – Ракот!

Доста е!

Кој ќе биде јунак чумата да ја победи?

(Посветено на сите оние кои изгубиле во борбата против ракот и на оние кои сведочеле за тоа…)

 

Белешките на една Алиса.

Share Button

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.