Соопштение за печат по повод информирање на јавност за тек на проектот City Tree

Се обраќаме до јавноста во врска со проектот City Tree во Македонија, во рамки на кој се планира поставување на две инсталации за прочистување на воздухот во Скопје и Тетово.

Најпрвин, проектот City Tree го спроведува Еко- свест со подршка од Германската амбасада во Р.Македонија. Град Скопје и Општина Тетово понудија локации за поставување на City Tree инсталациите на што ние гледаме како отвореност за натамошна соработка во насока на зголемување на зелените површини во градовите и активности во насока на намалување на аерозагадувањето.
Во октомври оваа година, на прес конференција објавивме дека инсталациите ќе пристигнат во Македонија во ноември. Но, поради дополнителни постапки за издавање сертификати за растителниот материјал, инсталациите ќе бидат увезени на почетокот на 2017 година.
City Tree инсталацијата е иновативно решение за справување со загадувањето на воздухот од азотни оксиди, јаглерод моноксид и диоксид и ПМ10 честички (прашина). Користејќи ја апсорбирачката моќ и издржливоста на мововите во комбинација со новите технологии (соларен панел), оваа инсталација е само-одржлива. Една ваква инсталација го елиминира загадувањето од 417 автомобили на годишно ниво и има ист ефект на апсорбирање на CO2 и разладување како 275 дрвја меѓутоа во никој случај не е замена за дрвја, и ова Еко- свест го истакна во секое свое обраќање до јавноста.
Поставувањето на овие инсталации треба да ни служи како дневен потсетник за високото аерозагадување и како нашите секојдневни навики влијаат на зголемување на аерозагадувањето како и итната потреба од зголемување на дрвјата и зелените површини во градовите на републикава.
Искрено веруваме дека ваквите иновативни технологии се потребни во нашите градови кои се гушат во загадувањето. Сепак, истите само по себе не се доволни за справување со овој проблем. За решавање на овој проблем е потребно големо заложување од институциите – примена на законските регулативи, реализација на акциски планови со мерки и посебна посветеност на зголемување на зеленилото во урбаните средини. И граѓаните треба да учествуваат во решавањето на овој проблем преку нивно делување (намалување на загадувањето од возилата и домаќинствата и промена на секојдневните навики) и активно учество во процесите на донесување на одлуки во животната средина и урбаното планирање.
Еко- свест неодамна објави опсежен предлог план за управување со загадувањето на воздухот во Македонија кој содржи детални мерки и акции и ги повика сите граѓани да ги дадат своите коментари по истиот.
Како здружение активно работиме на подобрување на квалитетот на животната средина во Р.Македонија и подигнување на еколошката совест кај граѓаните од 2002 година. Меѓутоа, ништо од ова нема да биде возможно без остварување соработка помеѓу институциите и граѓаните и отвореност кон нови иновативни решенија за трансформирање на нашите градови во зелени и одржливи средини за живот.
Share Button

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.