Кинеската атракција The Voice Of Yunnan во Македонија!

Охридско Лето со гордост ги претставува концертите на „Гласот на Јунан“ – светската атракција од Кина која го прикажува диверзитетот и восхитувачката уметност на етнички најбогатата кинеска провинција. Овој музички ансамбл од Пекиншката академија на традиционалната музика првпат гостува во Македонија и тоа со два концерта што ќе се одржат на 26 јануари во Скопје (МОБ) и на 28 јануари во Охрид (Дом на културата „Григор Прличев“).

Кинеската музика може да се пофали со историја што се протега и до неколку илјади години во минатото, а токму провинцијата Јунан е позната по исклучително високиот степен на етничка разноликост, со најголем број на етнички групи од сите кинески провинции. Од 56 официјално признаени етнички групи на Кина, дури 25 се наоѓаат во Јунан.

Ансамблот „Гласот на Јунан“ е основан од страна на славниот кинески сопран Jin Xiaofeng, а како музички директор се потпишува познатиот кинески композитор Zou Hang. Перформансот на овој ансамбл претставува своевидна музичка галаксија сочинета од изворните звуци и музиката на етничките малцинства во Јунан. Со цел целосно и на најавтентичен начин да се претстават етно мотивите и фолклорната уметност на етничките групи од провинцијата Јунан, креативниот тим на овој ансамбл помина многу време во областите од Јунан истражувајќи и собирајќи етно песни и изворни релевантни материјали меѓу самите етнички малцинства. На концертите во Скопје и Охрид ќе бидат претставени некои од репрезентативните изведби што ги содржи перформансот на ансамблот „Гласот на Јунан“, како што се Танцот на паунот, Танцот на левата нога, Танцот за гозбата и Танцот на малцинството Wa, за да се долови убавината на природата и животот опфатени во етно уметностите од Јунан.

Концертите на овој светски познат ансамбл изобилуваат со разновидни музички форми како што се поп и светската музика, изведени од изворната етно музика на малцинствата во Јунан со цел древната музика да се изрази на нов, поинаков, начин.

Класичната кинеска музика, пренесувана од генерации на генерации, е дел од овој перформанс исто како и восхитувачки богатата фолклорна култура од различните региони на Кина. Последните археолошки истражувања ја сместуваат оваа музичка традиција со векови пред самото појавување на Европската цивилизација, со што таа е веројатно едно од најдревните пројавувања на човековата културна историја. Концертите на ансамблот „Гласот на Јунан“ во Скопје и во Охрид се во организација на Охридско Лето и презентираат ретко концертно доживување кај нас во автентичниот перформанс изведен од страна на најдобрите фолклорни музичари на Кина.

Двата ексклузивни концерти на „Гласот на Јунан“ ќе се одржат во Скопје и во Охрид. Концертот во Скопје е закажан на 26-ти јануари во Македонската опера и балет, додека пак на 28-ми јануари „Гласот на Јунан“ гостува во Охрид, со концертен перформанс кој ќе се одржи во Домот на културата „Григор Прличев“.

Билетите за двата концерта ќе бидат пуштени во продажба од понеделник (16 јануари) преку продажната мрежа на МКтикетс со цена од 300 денари за концертот во Скопје и 200 денари за концертот во Охрид.

dare

dare

Уредник на муабет.мк