„Поезија и драма“ со Македонската филхармонија и пијанистот Дино Имери, а во чест на маестро Саша Николовски-Ѓумар

Македонската филхармонија ќе одржи симфониски концерт под наслов „Поезија и драма“, кој ќе биде посветен на прерано починатиот, еден од најистакнатите македонски музички уметници, диригентот Саша Николовски-Ѓумар (1966-2017).
На 2 февруари во Домот на АРМ во 20 часот, концертот „Поезија и драма“ ќе донесе комплексна музика и врвна изведба. Под диригентската палка на маестро Емил Табаков од Бугарија, оркестарот ќе ги изведе Увертирата од операта „Танхојзер“ и Прелудиум и смрт од „Тристан и Изолда“ од генијалниот германски композитор Рихард Вагнер.
Солист на концертот ќе биде еден од најистакнатите млади македонски пијанисти, Дино Имери, кој ќе ги изведе познатите Фантазија на унгарски фолклорни теми и Танц на смртта, од унгарскиот врвен пијанист и композитор Франц Лист.

Оперите на Вагнер имаат големи увертири, кои можат да се изведуваат и како самостојни оркестарски дела. Една од нив е увертирата од операта „Танхојзер“, чија премиера се одржала во 1845 во Дрезден под диригентство на самиот Вагнер. Композиторот го напишал либретото спрема средновековната легенда за витезот и минезенгерот Танхојзер, чиј основен мотив е искупување низ љубовта. Музичката драма во три чина „Тристан и Изолда“ (1865), пак, се смета за најхраброто дело на Вагнер, затоа што во него композиторот вовел нови идеи, но и за едно од најмоќните некогаш напишани. Кога се споменува името на Франц Лист (1811-1886), пред сè тоа се врзува на музиката за пијано. Овој унгарски композитор, виртуоз, пијанист, педагог, извршил огромно влијание врз идните генерации композитори, особено на полето на концертната музика за пијано. А, неговата извонредна умешност и како пијанист не само што ќе го направи популарен ширум Европа, туку јавноста ќе го препознава како технички најсовршениот пијанист на 19 век.

Дино Имери (1990) се смета за еден од најреномираните македонски пијанисти на новата генерација класични музичари. Своето образование го стекнува работејќи со проф. Људмила Романова и проф. Борис Романов (во чија класа и дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје со Cum Laude), како и со проф. Симон Трпчески, во чија класа магистрира на само 22-годишна возраст со просек 10 и со почести Cum Laude. Во својата досегашна дејност, Имери остварил многубројни настапи во Македонија, но и во странство: Загреб (отворање на циклус „Пијанофортисимо“, спектакуларен концерт што поминува со 4 биса по редовната програма), со Стразбуршкиот филхармониски оркестар (француска премиера на Концертот за пијано и оркестар од Дамир Имери), со Софискиот филхармониски оркестар (со изведба на Концертот бр.3 од Сергеј Рахмањинов), на фестивали во Цавтат, Франција, Приштина, Австрија… Дино Имери е вбројан во 10-те најдобри европски пијанисти според ранг-листата на Третиот европски пијано натпревар одржан во Нормандија, Франција, а

еднакво успешен во својата родна земја, во 2013 година се здобива со највисокото домашно признание за класична музика – наградата „Виртуози“ во категоријата „Млад музички уметник“. Во 2015 го добива признанието „Лауреат на фондацијата Томислав Зографски“, доделена од истоимената фондација за промоција на македонските композитори во земјата и во странство. Во 2010 година, Дино Имери потпиша двегодишен договор со Европската пијано програма – проект што му ги отвори интернационалните сцени во Франција, Австрија, Полска… Во 2013 го издава своето прво ДВД-издание со музика од Хајдн, Бетовен, Лист и Брамс, во соработка со „Фејмс“ оркестарот за снимање филмска музика. Во 2015 година бележи големи меѓународни успеси, меѓу кои и неговото деби со Софискиот филхармониски оркестар што резултира со покана за настап повторно со истиот оркестар истата година. Во 2015, Имери за првпат настапува со Македонската опера и балет во балетската претстава „Огнени градини“ под диригентство на Јозеп Вицент и Бисера Чадловска, а во кореографија на Xејмс Амар. Редовно одржува рецитали, а е активен и во камерната музика настапувајќи со разновидни камерни ансамбли.

Share Button
dare

dare

Уредник на муабет.мк

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.