Информации за претставата „Париз те сакам“

Следејќи ја традицијата, Македонската филхармонија и оваа година по повод Денот на вљубените ќе одржи атрактивен симфониски концерт.

Под наслов „Париз те сакам“, на 14 февруари (вторник) во Салонот на Македонската опера и балет во 20 часот, за љубителите на музиката ќе бидат изведени едни од најпознатите француски шансони кои ги испеаја славните грла како Едит Пјаф, Ив Монтан, Жо Дасин, Мишел Легранд, Салваторе Адамо…

Солистка на концертот е популарната унгарска џез-вокалистка Миртил, која е позната токму по уникатните изведби на француските шансони, како и по многу џез-проекти кои ги полнат европските сали на нејзините настапи. Наградуваната и харизматична уметница Миртил зад себе има богата дискографија на која претежно се наоѓаат познати џез-стандарди и соработки со врвни музичари.

Диригент на концертот е маестро Борјан Цанев, за оригиналните аранжмани се погрижи Емин Џијан, додека режијата е на Дејан Прошев. Концертот ќе биде збогатен и со присуство на македонскиот врвен актер Васил Зафирчев, кој овој пат ќе ја има улогата и на пејач, и кој музичката слика ќе ја надополни со поезија од истакнатиот француски поет Жак Превер.

Македонската филхармонија, на денешната прес-конференција, овој проект го најави како уникатно музичко-сценско патување кое ќе ги стопли срцата, ќе инспирира и ќе претстави романтични звучни мигови исполнети со љубов.

„Годинава, нашиот традиционален концерт по повод Денот на вљубените, го нарековме ’Париз те сакам‘, затоа што тематиката е француската шансона. Велат дека францускиот јазик е јазик на љубовта и веројатно тоа ќе го потврдиме на 14 февруари“, рече директорката на Македонската филхармонија, Маја Чанаќевиќ. Таа додаде дека вокалистката Миртил, која е позната во Европа и во светот, е мошне интересна уметница, бидејќи композициите ги интерпретира на еден специфичен начин. „Ова нема да биде обичен концерт, туку ќе биде магичен концерт!“, рече Чанаќевиќ.

Диригентот Борјан Цанев истакна дека овој концерт ќе биде вистинско освежување. „Некој ме праша што повеќе сакам да диригирам, дали Моцарт или Едит Пјаф. Јас секогаш велам Моцарт, но овој концерт ќе биде освежување и за нас, но верувам и за публиката. Затоа што, со ваквиот тип на концерти го прошируваме нашиот спектар на делување и тоа има позитивно влијание. Љубовта е двигател на животот и се надеваме дека таа ќе биде главна тема и на нашиот концерт.“

Оркестрациите на познатите нумери ги направи Џијан Емин, кој рече дека му е особено драго што токму тој ќе оркестрира една вечна, прекрасна музика. „Ова е безвременска музика. Да ја слушате и денес Едит Пјаф звучи свежо. Тоа е музика која не застарува, не поминува. Се уште е модерна. Она што сакам да го истакнам, е дека покрај оркестарот на сцената ќе има и бенд кој ќе го збогати настанот. Тоа се: Благоја Перуновски на хармоника, Зоран Костадиновски на гитара, јас ќе свирам клавир, Иван Бејков на акустичен и електричен бас и Мартин Вучиќ на тапани. Не очекува убав концерт кој ќе донесе посебна атмосфера“, рече Џијан Емин.

Режијата му е доделена на Дејан Прошев, кој додаде дека ќе се обиде да ја долови магијата на Париз и затоа, смета дека овој настан ќе биде посебно доживување.

Актерот Васил Зафирчев, пак, изразува благодарност на Македонската филхармонија за поканата и укажаната чест да биде дел од концертот посветен токму на француската шансона, а во име на Денот на вљубените. „На мое големо задоволство, ќе настапам со двете најпознати шансони на Жо Дасен ’Ако не постоиш‘ и ’Индијанско лето‘, како и со три рецитации. Една од дуетот на Далида и Ален Делон ’Пароле‘, а другите две на најпознатите љубовни стихови од поезијата на безвремениот француски поет Жак Превер во песните ’За тебе љубов моја‘ и ’Таа љубов‘. Концертот очекувам дека ќе биде убаво и романтично музичко патување за вистинско уживање и доживување на сите вљубеници во француската шансона“, вели Зафирчев.

Инаку, директорката Чанаќевиќ додаде и дека оваа 2017 година Македонската филхармонија ја почна со прекрасен Божикен концерт и со виолиниската ѕвезда Џулијан Рахлин, а така и ќе продолжи. „Сите оние кои присуствуваа на концертот на маестро Рахлин останаа без зборови. Соработката со вакви ѕвезди не е значајна само за нас, туку и за целата македонска култура и затоа ќе продолжи. Во текот на 2017 очекуваме уште славни имиња од светот на класичната музика. Веќе на 9 март, по повод празникот на жената 8 Март, ќе гостува врвната саксофонистка Ејми Диксон, а потоа и виолончелистот Иштван Вардаи, хорнистот Штефан Дор, виолинистот Нинг Фенг, Оли Мустонен на пијано, виолинистот Никита Борисоглебски, нашите Сихана Бадивуку на виолина и Милена Арсовска, сопран, диригентите Даниел Рајскин, Дмитри Лис… Продолжуваме, се разбира и со едукативните концерти, концертите наменети за најмладите, како и со гостувањата низ градовите во земјава.“

Чанаќевиќ посебно го истакна скорешното влегување во новата концертна сала на Македонската филхармонија, нов дом кој, рече, делува величествено, но и фактот што оркестарот ќе добие нови музички инструменти кои ќе придонесат за збогатување на оркестарскиот звук.

 

Facebook Comments
dare

dare

Уредник на муабет.мк