„Париз те сакам“ – вечер полна со љубов и незаборавна музика

П.Н. Познатата џез-вокалистка Миртил ќе настапи со Македонската филхармонија на концертот посветен на Денот на вљубените

Миртил Мишелер (1972, Будимпешта) е една од најпознатите унгарски вокалистки особено во сферата на европската џез-сцена. Таа ќе настапи како солист на концертот на Македонската филхармонија „Париз те сакам“, кој ќе се одржи на 14 февруари во Македонската опера и балет во 20 часот, по повод Денот на вљубените. Концертот ќе ги донесе најпопуларните француски шансони кои прв пат во Македонија ќе прозвучат со филхармониски оркестар.
Откако дипломира како џез-вокалист на Музичката академија „Франц Лист“, кариерата на Миртил токму како џез-пејачка рапидно ќе порасне. Досега настапувала со повеќе бендови и соло-артисти од својата земја, а чест гостин е на познатата унгарска група „Бенко Диксиленд бенд“. Во 2004 година го реализира деби-албумот „I Just Found Out About Love“, а потоа и албумот „Same As You“, кој стекнува голема популарност и е номиниран за „Фонограм“ за најдобар џез-албум за 2007 година, годината кога Миртил е ставена на листата како една од 50-те најдобри млади унгарски уметници според реномираниот унгарски весник „Маѓар Хирлап“. Миртил е и пејачката ѕвезда во популарното унгарско ТВ-шоу „Saturday Night Fever“ и вокален учител на познатиот национален натпревар по пеење „Megastar“. Нејзиниот трет соло-албум „Save the last dance for me“ (2008), на кој се наоѓаат џез-евергрини во придружба на квартет со уникатни аранжмани, исто така наиде на широка популарност. Инаку, Миртил е позната во музичките кругови по нејзината полилингвалност, бидејќи извонредно пее и на унгарски и на англиски и особено на француски јазик, бидејќи нејзината желба да го живее „францускиот сон“ се родила уште кога била дете. Заедно со гитаристот Пинтер го издава и албумот „True Colours“ (2009), следната година и двојниот албум „Randez-vous“ на кој се наоѓаат и познати француски теми, со кој ги наполни концертните сали низ Европа, а во 2011 и мошне популарниот албум „Swinguistique“.
За настапот во Скопје со Македонската филхармонија на концеретот „Париз те сакам“, Миртил ќе каже: „Голема чест ми претставува поканата да настапам на оваа прекрасна вечер посветена на љубовта, и да исполнам прекрасни песни и аранжмани. Во исчекување сум на вечер полна со љубов и незаборавна музика.“
За нејзината полилингвалност и желбата да пее, освен на унгарски и англиски, и на француски јазик, вели: „Мојата кариера ја започнав со американските џез-стандарди, а потоа почнав да експериментирам и со други стилови како фанк, поп, блуз, латино-музика. Во тие години не пеев на француски јазик, иако истиот ми беше близок. Затоа почнав да размислувам како моите свинг афинитети да ги поврзам со мојата љубов кон францускиот јазик и музика, и на тој начин во 2011 година произлезе албумот „Свингстик“. Мојот последен албум го сочинуваат песни од Едит Пјаф преработени во еден специфичен, цигански свинг-стил. Во Скопје за прв пат ќе ги пеам овие песни во нивните оригинални верзии.“
За нејзината соработка со гитаристот Тибор Пинтер, со кого го издаде албумот „True Colours“ (2009), а следната година и двојниот албум „Randez-vous“ на кој се наоѓаат и познати француски теми, ќе каже: „Со гитаристот Тибор Пинтер работиме на многу заеднички проекти, настапуваме како дуо глас и гитара со многу различни репертоари, свириме различен стил на музика, исполнуваме популарни песни на наш спецфичен џез-начин. Успешно функционираме повеќе од 11 години.“
Нејзин следен предизвик е враќање кон корените на нејзината земја. Вели: „Размислувам да му пристапам на унгарскиот фолклор на еден нов, свеж начин. Сакам да адаптирам некои оригинални унгарски мелодии на мојот џез-стил. Се уште работам на тоа, но би сакала да реализирам еден ваков проект.“

Share Button
dare

dare

Уредник на муабет.мк

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.