„Играта на Водата“ Изложба на Блашка Ми Ева

Петто самостојно претставување на цртежи на Блашка Ми Ева работени во акварел техника и лавиран туш. Преземање на изложбата која се отвори во Домот на културата во Гостивар во октомври 2016 година.
Точката на инспирација е флуидноста, движењето, неповторливоста, колоритот и играта која водата како елемент ја создава. Водата како есенцијален елемент за живот е инспирација за многубројни уметници, писатели па дури и филозофи.
Движењето на водата, играта, флуидноста и судирот кој водените млазови ги создаваат се неповторливи. Дел од секунда. Судирот на водата со разновидни други материи, земја, песок, растенија, дури и временските фактори, е рефлексија на играта помеѓу водата и нејзините “соперници“.
„Играта на водата“ ја компарирам со онтолошкото определување на уметничкото дело како „игра“ според Ханс Георг Гадамер, кој вели: “Лудичноста на уметничкото дело е игра по-себе, но таа во-себе ги содржи и творецот и примателот. Играта е „света сериозност“, но е и дејност во којашто се задржува она што ни бега, се задржува преку обликувањето или соучествувањето во играта на облиците.“ Притоа, ова „задржување на минливото“, е идеален приказ за менливоста, неповторливоста и движењето на водата.
Преку меморирањето на водата, го замрзнувам делот од секунда кој водата го создава.
Рефлексијата која сите водени површини ја креираат е рефлексија на се што се случува над водата и под водата. Одразот кој исто така е игра, е всушност судир на бои, облици, кои во водата добиваат нереална, магична перцепција за водата како еден елемент, за кој не сме свесни дека всушност е насекаде во исто време.
Бранувањата и движењата на водата се менуваат во секунда и со тоа се менува и пејсажот кој се создава од рефлексиите. Тие имагинарни пејсажи не се создаваат само од вистинските пејсажи од природата, туку и од останатите форми и облици кои се над водата и под водата.

Блашка Ми Ева

Share Button
dare

dare

Уредник на муабет.мк

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.