Промоција на „Напишана тишина“ од Јосип Коцев

Книжевна вечер „Напишана тишина“
Промоција, поетско читање и потпишување
Промотори: Оливера Ќорвезироска и Лидија Димковска
Читаат: Д. А. Лори, Ирена Ристиќ, Драги Павлевски и Снежана Стојчевска

На 26.12.2016, издавачката куќа „Или-Или“ во едицијата „Поеза“ ја објави стихозбирката „Напишана тишина“ – втора поетска збирка на Јосип Коцев. Јосип Коцев (Скопје, 1985) завршил правни студии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Автор е на поетската книга „Јас, Квентин Скриблер“ (2015). Неговата поезија е објавувана во неколку македонски книжевни списанија и на германската поетска мрежа Fixpoetry.

„’Напишана тишина’ е ракопис на ерудит кој не ја изгубил димензијата на срцето во умствените витли на јазикот; напротив, неговото младо поетско перо го возобновува романтизмот на македонскиот јазик што не сме ни сетиле кога исчезнал од параметрите на јазичната функција на зборовите. Метафоризацијата на ситуациите и на состојбите во кои се наоѓа поетскиот субјект е ненаметлива, а моќна. Во поезијата на Јосип Коцев се чувствува вокацијата на поетствувањето како апсолутно вградено во човечката природа на поетот.“ – Лидија Димковска

„Негова творечка константа е разминатото, одминатото, прекинатото или поминатото… невозвратеното, скратеното или об(а)јатено сакање; сакање до пуштање крв, сакање до врв, до инает и назад, до немоќ и потаму, до молење и понижување, до неоткажување и свесно залажување, до одмазда и самоказна; сакање над себе, сакање како бреме, како петто, трајно годишно време, како болест, како клетва, како казна, како подмолна војна, како сражение и олицетворение на Сѐ изедено од Ништо; сакање како жива, отворена и посолена рак-рана, како мана… лузна, белег и бенка на срцето; слепила, молњи и секавици во очите… “ – Оливера Ќорвезироска

„Неговата поезија ги руши сите политики на „прв впечаток“. Таа бара навраќање во континуитет со цел нови доживувања на искомуницираното. Ако естетиката на XVIII век нудеше трансформација на прагот на очекувања на читателот од болка кон катарза и задоволувачки искуства, овде напротив, терапевтското дејство на функцијата на едно уметничко дело е незавршено доколку нема читател кој е активно вклучен во процесот на читање. Поезијата на Коцев е несмирена болка, која нема свој лек и го тера читателот на ангажираност до степен на континуирана стимулација.“ – Лилјана Пецова Илиеска

Share Button
dare

dare

Уредник на муабет.мк

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.