Промоција на „Собирачи на пепел“ од Давор Стојановски

Со особено задоволство ве покануваме на промоција на романот „Собирачи на пепел“ на еден од најдаровитите македонски писатели од поновата генерација, Давор Стојановски.
Книгата ќе ви ја претстави поетот, преведувач и критичар, Душко Крстевски низ разговор со авторот.

Настанот ќе се одржи во Галеријата на МКЦ со почеток во 20 часот.

Давор Стојановски (1987, Скопје) е писател, поет, преведувач и музичар. Магистрира на Филолошкиот факултет во Скопје. Неговите дела се застапени во домашни и во странски антологии. Неговиот дебитантски роман „Ненасловена месечева соната“ (2013, Или-Или) влезе во потесниот круг за наградата Роман на годината на „Утрински Весник“.

За книгата, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска потенцираше:
„Собирачи на пепел“ од Давор Стојановски е роман кој се совпаѓа со светскиот тренд на обновување на фактографската и реалистичната книжевност. Но тој е, истовремено, и едно типично ново егзистенцијалистичко писмо, кое македонската книжевна сцена го чека уште од времето по појавата на „Кратката пролет на Моно Самоникот“ на Димитар Солев. Моно на Солев еве конечно доби свој наследник во Јаков на Стојановски. За разлика од претходниот роман, приказната во овој се случува во Македонија, поточно во Скопје. И без никакво претерување може да се рече дека Јаков на Стојановски е всушност македонскиот Улис, поточно македонскиот Леополд Блум (38 годишен добавувач на огласи во весници), а во добар дел при скитањето во пределите на своето сеќавање израснува и во македонскиот Антоан Рокантен на Сартр. Со тоа, „Собирачи на пепел“ ги отвора вратите за темите на денешнината и тоа за вдоменоста и бездомноста, за чувството на недостиг, за чувството на осаменост покрај сите оние познати и непознати луѓе околу себе, за стравот од блискост, за потребата од далечност со своите и туѓите, за… “

(извадок)

Силвија силно и долго го загриза задниот дел од дланката и остави трага од забите по кожата. Тоа беше нешто што не сум видел некој да го направи толку многу години.
Се сетив дека како деца го правевме истото, така што нејзиниов гест го сметав за уште еден показател за неслучајноста на прекрстувањето на нашите животи.
Порано се гризнувавме за задниот дел од дланката, а трагите што ќе ни останеа претставуваа замислен часовник. Си мислам дека на тој начин се учевме на измисленото време. Си создававме лажен впечаток на мерливоста. А деновите минуваа, истекуваа и ги снемуваше, како што ни исчезнуваше и раната. Па одново ќе си создадевме мерливо време, ќе се гризневме, ќе се преправавме дека тоа значи нешто за нас.
Сметав дека тоа е мошне посебна детска игра, која ѝ припаѓа на сосема мал кружок. Затоа ме изненади тоа што и Силвија го изведе гестот на шега.
„Види“, ми рече и ми го покажа божемниот часовник, кој бавно го снемуваше, како што полека кожата се враќаше на место. Слично на излекувана рана, си помислив. И заборавив да ѝ погледнам од спротивната страна на дланките, на местото на рачните зглобови. А можев да го направам тоа.
„Ништо не се петнаесет години, глеј колку брзо ги снемува“, рече Силвија и си ја погали бледата трага од угризот.

Facebook Comments
dare

dare

Уредник на муабет.мк