ПОЕЗИЈАТА ЗА ДЕЦА НА АЛЕКСАНДАР ПОПОВСКИ!

А поетот за деца и самиот е едно големо дете кое сè околу себе гледа со очите на зачуденоста и восхитот. И затоа, кога детето ќе го праша со својата иманентна искреност „Дали си ти вистински поет и дали вистински пееш, и дај да видам што правиш ти за мене“, Александар Поповски исто така искрено ќе му одговори:

Помало од тебе, ете

дете сакам јас да бидам.

Наспроти светот на децата, но многу близу до нивниот, е светот на возрасните, особено на бабите и дедовците, кои се секогаш присутни за да му прочитаат некоја книга на внучето за кое буквите се сѐ уште енигма, да раскажат интересна приказна, да го поучат за некоја вистина. На моменти тие и самите заличуваат на своите внуци, знаат да се однесуваат како деца кои сакаат ту едно ту друго. Трогателни се тие стихови за најголемите другари на децата – бабите и дедовците – стихови во кои се насетува нивната осаменост, желбата уште да бидат некому полезни, иако веќе се соочуваат со работи што му се уште туѓи на детето, каква што е, на пример, несоницата:

На креветот седи дедо,

пред себе во празно гледа.

 

Дошло време да се спие,

сонот негде клечи скриен.

 

Секој заспан нешто сонил,

дедо својот сон го гони.

 

Каде одел, каде шетал,

каде својот сон го спретал?

 

– Го загубив сонот, чедо,

не може да спие дедо.

 

Како чамец што плови среде реката и го носи нашиот мал јунак во земји нови („Не е шега“, стр. 59), таква е оваа поезија на Александар Поповски – разиграна и палава, подготвена за игра и авантура и за откривање на нови работи, за себезапознавање и за растајнување на овој убав и штедар свет. Таа е и поука за тоа како да научиме да кажеме „извини“ кога ќе згрешиме за да можеме да продолжиме понатаму со лесни мисли и чисто срце.

Големиот пријател на децата Александар Поповски пее за природните појави и украси на вселената  – за ѕвездите што личат на исплукани семки од лубеница кои сами си ги палат и си ги гаснат фенерчињата, за снегулките што танцуваат над детските глави, за вжарениот сончко, за облаците – пареи од небесни бањи, за ѕуницата која се наведнала над езерото како да сака да се напие од неговите води, за кротките но и за поројните дождови, за снеговите – за многу меки, бели, радосни снегови, за длабоките снегови што биле чест зимски гостин во детството на авторот.

Пее и за многу работи што му создаваат неодумици на детето – дали и птиците се разболуваат некогаш, дали пијат лекови, дали и нивните апчиња се горчливи? зошто мама може да плаче и по два-трипати гледајќи ист филм, а тоа не може и по стопати да ги гледа своите омилени цртани филмови?

Но Александар Поповски пее и за големи работи кои не се секогаш убави, но со кои детето мора еден ден да се соочи, за работи кои ѝ се закнуваат на нашата планета, каква што  е песната Пустинска жед:

Сите сме жедни. Карванот врви

Земјата е жедна, скришум пие.

Камилата е жедна, но не се стрви,

Леле, колку сме жедни сите ние!

Но ние не сме жедни само за вода, иако во овој суров свет има области во кои едноставно НЕМА вода, истата оваа вода која ние овде штедро и неразумно ја трошиме. Во овој наш сѐ поотуѓен свет, многу пожедни сме за љубов, за човечка топлина, за убав збор. И токму затоа ни се потребни што повеќе стихови кои нѐ напојуваат со животна радост и со убавина. Му благодариме на Александар Поповски што ни ги подари своите песни за да уживаме во нив и му посакуваме уште многу нови стихови од неговата поетска работилница.

Share Button
dare

dare

Уредник на муабет.мк

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.