Record Store Day во МКЦ

22.04. (Сабота), МКЦ и АП(о)ТЕКА, во периодот од 13:00 до 18:00, организираат дневно дружење на платото пред МКЦ, по повод International Record Store Day 2017 (Celebrating The Indie Record Store)!
Овој интернационален “Ден на независните музичките продавници” во светски рамки се одржува од 2007, а овде во Македонија, таа убава традиција годинава ќе ја организираме за прв пат.
Следејќи го генералниот концепт на прославата и Record Store Day Macedonia 2017 одлучи да има свој Ambassador, промотер на овој настан. Оваа чест, во светски рамки секогаш е наменета
за музичари кои со своите објави покажале несомнена почит и љубов кон физичките изданија (пред се винилите) како доминантни носачи на звук и на овој или оној начин несебично го подржувале опстојувањето на малите музички продавници. Водејќи се од овие основни начела, честа да биде македонски Амабасадор на овогодинешниот македонски Record Store Day, му ја доделуваме на Васко Атанасоски (Bernays Propaganda), најмногу поради фактот што токму тој во изминативе 15ина години, со изданијата на некои од своите бендови (FxPxOx,Bernays Propaganda, Ха Ха Ха…) е еден од ретките македонски музичари кои го одржаа винилот како релевантен носач на звук. И токму на овој ден, International Record Store Day 2017 на својата официјална страница го најави и компилациското 7” издание Support Indie Record Stores…Not Flippers, како RSD Exclusive Release, на кое со една песна е застапен и Васко Атанасоски.

Годинава, за првпат во својата десетгодишна историја, на интернационално ниво започнува да се промовира уште една почест, Worldwide Record Store Legend, за страсно колекционерство и долгогодишна поддршка на физичките изданија како носачи на звук (пред сè на винилот) и континуирана поддршка на малите и независни музички продавници. Сметавме дека кај нас, честа да биде промовиран во прва македонска Worldwide Record Store Legend, треба да му припадне на Васја Ивановски, долгогодишен пасиониран колекционер на физички изданија,редовен посетител на ретките македонски независни музички продавници но најмногу поради неговата новинарска работа во 70-те години од минатиот век, кога преку своите написи а потоаи со DJ сетовите успеа да инфицира со музика една армија на млади, кои подоцна стануваа музичари или редовни посетители на тогаш единствените државни музички продавници. Во најмала рака, преку своите активности, стави минимум едно камче во мозаикот кој и ден денес го составувавме а кој ни е основа во препознатливиот урбан македонскиот музички идентитет.

Покрај укажувањето на почит кон споменатите личности, самиот Record Store Day 2017 ќе биде одбележан и со промоција на издание, кое иако не е изготвено како RSD Exclusive Release, сепак судбината сакаше токму тоа да биде промовирано на ваков славенички ден. Се работи за винилно издание, кое по неколку параметри е сосема уникатно во целата македонската дискографска историја и на кое се поместени архивски материјали, песни кои никогаш порано не биле објавени на единствен носач на звук. Според многумина, се работи за материјал, кој е Светиот Грал на македонската андерграунд сцена.

Почитувани, задоволство нѝ е да ви го најавиме изданието ПАДОТ НА ВИЗАНТИЈА – Почеток и Крај, на винилен формат (LP), со бонус CD и 24 страници 12” буклет проследен со референтен историјат на групата, записи од списанија и многу оригинални фотографии.
Уште еден винил кој ќе биде промовиран на 22.04., е вториот албум на македонскиот гитарист, пејач и кантавтор во “Големото јаболко”, Крсте Роџевски. По извонредниот деби албум од 2015, Batania, ред е да го слушнеме и новиот, Горчливи Бадеми (Bitter Almonds). Две песни од Горчливи бадеми се дел од саундтракот за „Бикини Мун“, новиот филм на Милчо Манчевски, кој пак го дизајнираше омотот за албумот.

На самиот настан ќе бидат најавени уште неколку винилни изданија кои ќе бидат објавени и промовирани во периодот што следува.

Целиот настан ќе биде поддржан со DJ сетови на Васко Атанасоски, Александар Гавровски (PMG Collective) и Гоце САФ како и концерти на француските бендови PAUWELS, PARTOUT PARTOUT и Германците THE JEFFK.

Можност за купување на винили и CD-а од АП(о)ТЕКА со специјален попуст за тој ден, од 20 % !

Во продолжение на најавата ви доставувамe временски распоред на настапите кои ќе се случуваат на платото пред МКЦ.

РАСПОРЕД:

13:00 – 14:45 – DJ Гачо / DJ Васко

14:45 – 14:50 – Тошо Филиповски intro

14:50 – 14:55 – Амбасадор Васко Атанасоски

14:55 – 15:00 – Легенда Васја Ивановски

15:00 – 15:25 – Промоција/Преслушување на Падот на Византија – Почеток и Крај LP

15:25 – 15:50 – Промоција/Преслушување на Кристо Роџевски – Горчливи Бадеми LP

15:50 – 17:00 – DJ Гоце САФ

17:00 – 18:00 – PAUWELS (Fra) / PARTOUT PARTOUT (Fra) / THE JEFFK (Fra)

Facebook Comments
dare

dare

Уредник на муабет.мк