Нова книга од Огнен Коцевски

Огнен Коцевски и припаѓа на младата генерација автори во нашата современа литература која внесува нов творечки импулс во нашето книжевно милје, следејќи ги современите трендови во литературата, а истовремено давајќи им еден свој автентичен белег. И неговата книга раскази „Четирите реки на Мишима“ претставува придонес во новите текови на прозниот дисурс кај нас кој веќе профилира автентични и впечатливи автори.

Огнен е филозоф и писател. Додипломските и постдипломските студии ги завршува на Филозофскиот факултет во Скопје. Од 2006 година, во домашната стручна периодика објавува есеи на теми од филозофијата и филозофија на религијата, раскази и критики. Соработувал и објавувал во списанијата за култура и уметност: „Спектар“, „Акт“, „Наше Писмо“, „Филозофија“, „Книжевно житие“, „Форум“ и електронското списание „Репер“.
Прозата на Коцевски, изобилува со лиризам, интимни исповеди, а притоа се служи со раскажувачки постапки кои неретко се сретнуваат во современата литература, како интертексталноста, дисперзираниот наратор, мешањето на фактичкото и фиктивното, историското и индивидуалното. Притоа, успева да изнајде свој, автентичен раскажувачки агол, што го чини особен.

Огнен Коцевски во неговите раскази нуди исклучителни и длабоки промислувања за смислата на животот и осаменоста, за човековата траума и неразбирањето кои произлегуваат од тоа да бидеш различен од другите. Со темелни биографски истражувања на животните драми на генијалните умови, како Исус, Гедел, Кантор, Бетовен, Мишима, Коцевски прави синтеза на спротивставени перспективи, на индивидуалното и историското, традицијата и современото, минливото и вечното. Внатрешниот свет на ликовите, нивните вечни, животни прашања и дилеми, и светот на суровата реалност, се наоѓаат во еден постојан меѓусебен дијалог во кој неретко се јавува и светот и мислите на самиот автор. Тоа се реките на животот кои незапирливо и неминовно се прелеваат една во друга.

Share Button
dare

dare

Уредник на муабет.мк

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.