Стенд ап вечер за смеа на улица

Летната манифестација „Скопски летен ритам“ на седми (7) јули на плоштадот на ВМРО, штом сонцето ќе зајде и ќе почне да се дише, во 21 часот, стартува „Стенд ап вечерта за смеа на улица“.

Четворица врвни комичари од регионот, Пеѓа Бајовиќ, Срѓан Олман, Мариана Аранѓеловиќ и Ивана Наскова, ќе се предизвикуваат со хумор меѓу себе и ќе го гледаат секојдневието низ една хумористична диоптрија. На отворена сцена, во јули овој настан е причина повеќе да се излезе „од под клима“ и да се ужива во миксот од хрватски, војводински, српски и македонски хумор. Настанот е бесплатен, а земете си шамичиња, бидејќи ќе се смеете до солзи.

Ова се кусите претставувања на стенд ап ѕвездите.

Пеѓа Бајовиќ (Загреб)
За себе вели дека е пионер во стенд ап комедијата, но во Скопје пред три години го доби признанието – ветеран. Последен пат во Македонија беше на 2.2 – затоа што е вистински маж. Навистина, и тој понекогаш се сомнева во тоа, но биологијата сепак потврдува, барем во онаа техничка смисла. Оженет, двапати размножен, сопственик на стар автомобил и станбен кредит…. Еден сосема нормален и модерен мажјак! Одамна му минаа Исусовите и Александровите 33 години и досега не го спаси ниту го освои светот, па затоа сега нема ниту да се обидува.

Мариaна Аранѓеловиќ (Белград)
Глумица или комичарка? И глумица и комичарка. Не знае што попрво и која пасија си ја сака повеќе. Не знае да замолчи, во основно училиште на натпревари секогаш рецитирала комични песми, а пишувала и таква поезија. Собери и одземи, тоа беше единствена професионална опција. „Сакам акција, нови работи, предизвици, а стенд ап настапите во голема мера ми го дозволуваат тоа. За секој што работи на сцена, важно е тоа да го работи често и да биде во – сценска форма. Како актер, ако тоа не ви се укаже како можност, дозволете си го сами на себе како комичари“, вели Марина.

Срѓан Олман (Суботица)
Долги осум години ги лажеше своите сограѓани секојдневно, па потоа одлучи да престане да се занимава со новинарство. Со стенд ап комедијата почна сосема случајно, идентично како што дојде на свет. Со оглед на фактот дека „добро му оди“, како што вели тој, планира уште долго да трае. За него сите настапи се потенцијални љубовни состаноци, бидејќи публиката има можност да ги слушне неговите ставови на различни животни теми. Меѓу другото, и теми за машко-женските односи, за кои е експерт. Резултат: Повеќе од 300 настапи ширум поранешна Југославија, а ниеден успешен љубовен состанок. Покрај германското презиме, негова карактеристика е стравот од мачки и истраен е во ставот дека попрво би чувал некој заложник дома, отколку некое животинче, евентуално за риби би размислил. И не е точно дека не сака луѓе, иако и тие се животни. Напротив, луѓе сака, особено жените… на своите пријатели.

Ивана Наскова (Скопје)
Моментално најдобрата, најактивната и најатрактивната македонска стенд ап комичарка. Упорно го троши својот талент на настани со што докажува дека сцената е нејзината природна средина, а комуникацијата со гледачите најдобрата страна. Исклучително смешна, на моменти урнебесно, со остар јазик, понекогаш и со хард кор елементи на својот настап. Со еден збор, одлична.

Share Button
dare

dare

Уредник на муабет.мк

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.