Меѓународен драмски фестивал за лица со и без хендикеп

Во понеделник (20 ноември) со почеток во 20 часот, во малата сала на Македонската филхармонија, ќе се одржи рецитал на истакнатата пијанистка Марија Ѓошевска. Концертот е насловен „Шубертова вечер“, а ќе бидат изведени „Фантазија – импромпти“ од Фредерик Шопен, на која како гостин ќе учестува ученикот Матеј Коруноски кој е четврта година во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, како и Соната – фантазија, бр.18 и Шест музички моменти од Франц Шуберт.

Марија Ѓошевска  е еден од најистакнатите пијанисти во Република Македонија. Секој нејзин нов настап ја потврдува констатацијата дека во нејзината личност македонската музичка сцена доби пијанист со врвни професионални перформанси, мунициозна виртуозност и изразита индивидуалност. Музичкото образование го започнува во основното музичко училиште „Владимир Арсовски“ во Неготино. Средното музичко училиште го завршува во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје, во класата на проф.

Снежана Анастасова-Чадиковска (1998), а дипломира (2002), магистрира (2004) и докторира (2009) на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на истакнатиот пијанист и педагог, проф. Борис Романов. Во рамките на докторатот под менторство на проф. д-р Томе Манчев, Ѓошевска успешно го брани научниот труд на тема „Аспекти на влијание на хармонијата врз репродуктивниот процес погледнато низ призмата на делото Соната за пијано D – 960 од Франц Шуберт“.

Добитничка е на повеќе награди и признанија на голем број државни и меѓународни натпревари од кои се издвојуваат следните награди: Прва награда на Републичките натпревари по пијано (1992, 95, 98), финалист на Меѓународниот натпревар по пијано во Усти над Лабен – Чешка (1995), финалист на Меѓународниот натпревар во Сенегалија – Италија (1996), трета награда на Меѓународниот натпревар „Никола Рубинштајн“ во Париз – Франција (1997),  прва награда на натпреварот за полифонија на Факултетот за музичка уметност – Скопје (1999, 2000, 2001). Како солист и камерен музичар настапува на повеќе реномирани меѓународни фестивали: „Охридско лето“ , „Скопско лето“, „Интерфест“ – Битола, „Хераклејски вечери“ – Битола и во повеќе земји низ Европа и светот: САД, Англија, Франција, Австрија, Италија, Полска, Чешка, Хрватска, Србија, Бугарија, Турција итн. Во Македонија нејзините рецитали редовно ги организира Културно- информативниот центар.

Настапува како солист со Македонската филхармонија, а значајни се и концертите со Дубровачки Симфониски Оркестар, Камерниот оркестар на Музичка Младина на Македонија и фестивалскиот оркестар на Меѓународниот фестивал „Охридско лето“ соработувајќи со повеќе диригенти: Кристоф Кампестрини, Антон Нанут, Леонид Николајев, Патрик Штруб, Арилд Ремерајт, Јуриј Алиев, Саша Николовски – Ѓумар, Борјан Цанев… Репертоарот на Марија Ѓошевска опфаќа голем број дела од барок до современа музика. Созревањето на Марија Ѓошевска во музичар со врвни перформанси се отчитува и во нејзините чести ангажмани како камерен музичар и пијано – соработник со истакнати инструменталисти. Hа покана од Државното музичко училиште во Битола, Ѓошевска во периодот од 2010-2011 учествува на Европскиот проект „Пијано – рефлексија на европската култура“ со концерти во пет земји: Франција, Австрија, Полска, Молдавија и Македонија. Во 2011 одржува целовечерен Рецитал на фестивалот „Piano Plage Festival“ во Франција. Марија Ѓошевска во 2016 година ја доби престижната награда „Виртуози“ во категоријата музички изведувач. Таа е редовен професор на катедрата по пијано на ФМУ, член е на Сојузот на музички уметници на Република Македонија и член е на Сојузот на музички педагози на Република Македонија.

Share Button
dare

dare

Уредник на муабет.мк

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.