ИНТЕРВЈУ СО МЛАДАТА ТАЛЕНТИРАНА ПИСАТЕЛКА ВИКТОРИЈА ПЕТРОВСКА

Драги постоечки и потенцијални креативци, запознајте ја Викторија Петровска, девојка со смел стил на живеење, поетеса и писателка. Автор на две стихозбирки (‘’Биди нешто што никој не е’’(2011) ‘’Ехото на душата’’ (2015))

На наше обострано задоволство разговаравме со неа и го откривме нејзиното ‘’парче душа’’ во поглед на уметничкото видување на нејзиниот живот.

-Ајде прво да започнеме со тоа која е Викторија?

Викторија е една сосема обична девојка, студент на Правниот факултет ‘’Јустинијан Први’’ во Скопје. Страстен обожавател на убавиот пишан збор чии најскапоцени особини според неа и’ се амбициозноста и сериозниот пристап кон секоја работа која ја работи.

-Кога започна да пишуваш?

Почнувам да пишувам од мојата најрана возраст. Веќе на 14 години имав доволно материјал за објавување на својата прва стихозбирка за која сонував. Но, еве како почеток на моето пишување можеме да ги сметаме моите тинејџерски години и моето основно образование, кога запловив во светот на поезијата, учествувајќи на скоро секој литературен конкурс и континуирано освојувајќи награди…

-Доколку Викторија не се баваше со пишување на поезија, која друга уметност би ја одбрала за твое изразување?

За мене поезијата не е професија. Да бидеш поет, не се учи! Поезијата е едноставно начин на живот. Тоа ми е потреба. Чувствувам дека треба на белиот лист хартија да го пренесам сето она што го доживувам , што го гледам со поразлични очи од светот, од останатите…

-Постои ли рецепт за добра поезија?

Рецептот за добра поезија е многу едноставен. Потребно е многу талент, малку желба да седнеш да напишеш и секако голема доверба од своите читетели за кого и пишуваш.

-Што мислиш за новите медиуми, дали помагааат во ширењето на пишаниот збор или сметаш дека вистинското место за поезијата е во книгите?

Не би одговорила децидно. Но, сепак поцврсто стојам на тоа дека местото на поезијата е во книгите. Немам ништо против, а и самата знам понекогаш да седнам на лап-топ и да си прочитам нешто. Но, сепак чувството кога во раце држиш книга и си го пиеш омиленото кафе е незаменливо…
Скромно, Викторија ни признава дека не е сигурна во колкава мера може себеси да се нарече поет, но се согласи дека поезијата е најсликовитиот начин да се твори без граници.
‘’Јас само сакам да пишувам, и на тој начин да овековекувам моменти. Да оставам нешто на белиот лист хартија по кое ќе останам запаметена’’.

-Од каде најчесто Викторија ја црпи инспирацијата?

Од секојдневието. Од се’ она што се случува околу мене…Не пишувам само за едно па исто, во моите песни секогаш има нешто ново, нешто штотуку доживеано…

-Дали Викторија е заљубена?

Да! Во самата себе ( хаха). Љубовта е секогаш присутна во моите песни, а доказ за тоа е мојот роман првенче чии подготовки не сакам да ги брзам, бидејќи сакам се’ да биде совршено…Но, дали сум заљубена, оставам да биде тајна! 😀

-Каде се гледаш во иднина?

Во најблиска иднина се гледам како презентер на вести. Тоа ми е најголемата неостварена желба сега, која се надевам ќе си ја остварам најскоро…А, за подоцна ќе видиме што ќе донесе времето.

-И за крај што би им препорачала на читателите?

“Живејте го животот со максимум потенцијал и борете се за остварување на вашите соништа.’’
Вреди!

Share Button
dare

dare

Уредник на муабет.мк

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.